Форум за разумни политики: В.д. претседателката на Кривичен треба да се повлече од функцијата поради истрагата против нејзиниот брат во врска со „Пулс“

t

Форумот за разумни политики (ФРП) денеска го објави првиот анализиран случај во рамките на Индексот за политички интегритет (ИПИ), а во чиј фокус е в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска.

Целта на Индексот за политички интегритет е јавно адресирање на прашања поврзани со интегритетот, етиката и одговорноста на носителите на јавни функции, а анализираниот случај кој се однесува на Димовска е во контекст на судските постапки поврзани со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Врз основа на јавно достапни факти и утврдени индикатори, на Димовска ѝ е дадена негативна оценка во рамките на ИПИ, во категоријата етичка култура, бидејќи во една од истрагите што ги отвори Обвинителството во врска со трагичниот пожар е осомничен нејзиниот брат.

„Во вакви околности, правичното и неселективно постапување на истражните и судските органи е единствената можност за враќање на довербата на граѓаните во системот. Оттука, неопходно е да се разгледа постоењето на можен судир на интереси, сомнежи за можни влијанија и селективност, односно дали и на кој начин позицијата на в.д. претседателката Димовска може да влијае врз судскиот процес во кој е осомничен нејзиниот брат“, се вели во анализата на случајот од страна на Форумот за разумни политики.

За потсетување, на 20 ноември лани Основното јавно обвинителство Кочани отвори истрага против 11 лица, меѓу кои и даночни инспектори во штипската дирекција на Управата за јавни приходи кои се осомничени дека примале мито од сопствениците на т.н. кабаре за да им дојавуваат кога ќе има инспекциски контроли.

Пред Обвинителството да ја отвори истрагата, Истражувачката репортерска лабораторија во септември лани објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди на увид на јавноста стави текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници.

„Веројатно како резултат на истражувачката новинарска сторија што изнесе на виделина докази за корупција, односно примање/давање на мито, се отвори нова истрага во која е опфатен и инспекторот Драган Паунов, брат на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска. Иако овој предмет не се спојува со актуелниот предмет за пожарот во дискотеката ‘Пулс’, затоа што не постои поврзаност со штетната последица, сепак, самиот сомнеж за корупција поврзан со работата на дискотеката ‘Пулс’ и барањето на Основното јавно обвинителство за ефективен притвор за Драган Паунов претставува индикатор за неговата вмешаност во незаконската работа на дискотеката“, се наведува во анализата.

Дополнителен сомнеж за незаконско и неетичко влијание, се посочува во анализата, фрла фактот што барањето за ефективен притвор е одбиено, на Драган Паунов му е определен домашен притвор, кој потоа е исто така укинат и во моментов му се определени мерки на претпазливост и можност да се брани од слобода.

Одбраната на Паунов и в.д. претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, негираа можно нивно влијание врз одлуката на судот.

Заради заштита на интегритетот на судскиот процес за пожарот, препораката на Форумот за разумни политики до в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје е да се повлече од функцијата. Оттаму, во документот наведуваат дека со самото тоа што е отворена нова истрага во која меѓу осомничените е нејзиниот брат, нејзиниот интегритет е потенцијално компромитиран.

„Можноста да влијае врз судењето и врз судиите на кои им е претпоставена, можноста да влијае на судиите на претходна постапка кои носат одлука за притворот во Основниот суд во Кочани и Апелацискиот суд во Штип, и кои носат одлуки во корист на нејзиниот брат и покрај жалбите на Основното јавно обвинителство, можноста преку јавни изјави да влијае врз јавноста, како и потенцијалниот конфликт на интереси, директно влијаат врз довербата што граѓаните треба да ја стекнат во системот и во правдата преку правичното судење“, се наведува во анализата на случајот.

Во препораката до Судскиот совет, кој ја избра Димовска за в.д. претседателка на скопскиот Кривичен суд, се наведува дека тој може да отвори предмет и да дискутира за можниот конфликт на интереси и можно влијание врз процесот во кој е осомничен нејзиниот брат.

Судскиот совет, се додава, има директна надлежност да донесе и одлука за нејзино повлекување/разрешување, на истиот начин како што го извршил и нејзиниот избор.

„Конечно, Судскиот совет преку ваква дискусија не само што би ги убедил граѓаните дека го штити јавниот интерес и правдата, туку и би ги тргнал сомнежите дека со нејзиното именување создава услови за избегнување на правдата за лицата кои се осомничени и се судат за случајот со пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани“, велат од Форумот за разумни политики.

Оттаму наведуваат дека Индексот за политички интегритет (ИПИ) не е насочен кон персонална дискредитација, туку кон јакнење на демократската култура, отчетноста и институционалната отпорност, преку аргументирана, проверлива и транспарентна анализа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Форум за разумни политики: В.д. претседателката на…

Форумот за разумни политики (ФРП) денеска го…

Посебна виза за професионалните возачи ќе ги…

Европската Унија првпат ќе го отвори прашањето…

(Во живо) Пешевски: Генерален штрајк во приватен…

Секој ден ќе бидеме пред Влада додека…

(Фото+видео) Река од народ се движи кон…

Река од народ се движи кон Владата.…

(Во живо) Трендафилов: Ќе поднесеме закон, да…

ССМ ќе поднесе Закон да се намалат…