Хрватскиот премиер го смета за разумно барањето на македонската влада за гаранции од ЕУ

t

360°: Дали сте првпат во Охрид?

Пленковиќ: Пред сè, многу ви благодарам за можноста. Не ми е првпат во Охрид, бев и порано, во некои претходни времиња кога сè уште не бев премиер, но морам да кажам дека гостопримството на претседателот Мицкоски и оваа прекрасна атмосфера овде во Охрид е навистина импресивна и ќе им препорачаме на Хрватите што повеќе да доаѓаат во Охрид.

360°: На прес-конференцијата рековте дека околу 55 000 Македонци во 2025 година дошле во Хрватска. Тоа во проценти, кога ќе ја кажеме вкупната бројка од околу 22 милиони туристи, е малку, но вие се заблагодаривте и на таа бројка. Може ли повеќе Хрвати да доаѓаат во Македонија и повеќе Македонци во Хрватска?

Пленковиќ: Хрватска е силна туристичка дестинација, ние сме некаде 18-та туристичка земја во светот, имаме привилегија да го имаме јадранскиот брег, нашите седум крајбрежни жупании, најмногу ги посетуваат странски туристи. Хрватска досега достигна околу 22 милиони туристи годишно, околу 110 милиони ноќевања, 15 милијарди и 300 милиони евра приходи од туризам и со туризмот поврзани економски активности, така што сме во многу солидна позиција. Што се однесува до нашата благодарност до Македонците кои ја посетуваат Хрватска, 55 000 е многу убав број, тоа е раст од 10% од година во година, а токму пред нашето интервју дознав дека околу 25 000 Хрвати годишно ја посетуваат Македонија, што мислам дека е многу добро и верувам дека ќе ги има и повеќе.

360°: Потпишан е Договор за стратешка соработка. Колку реално тој може да се отелотвори во вистинско унапредување, реално практично унапредување на соработката меѓу двете земји или на договорот треба да гледаме пред сè како на политичка декларација?

Пленковиќ: Па, станува збор за договор за стратешка соработка кој покажува дека степенот на односи, доверба, пријателство, долгогодишна соработка дојде во фаза кога е добро да ги структурираме нашите односи со еден рамковен договор кој овозможува не само интензивирање на политичкиот дијалог, што е негова основна цел, туку и многу содржајна секторска соработка, па денеска го потпишавме овој договор меѓу нашите министри надлежни за енергетика за да се развива дополнително соработката меѓу Хрватска и Македонија и во тој сегмент. Во овој момент размената достигна речиси 350 милиони евра годишно, сметаме дека ќе продолжи да расте, а и еве, Деловниот форум кој штотуку се одржа претставува, би рекол, многу значајно изразен интерес што се однесува до Хрватска, на хрватските извозно ориентирани компании, а гледам дека е слично и од македонска страна каде што има компании кои многу добро работат и на меѓународните пазари, а многу од нив се веќе со години присутни во Хрватска.

360°: Да, обемот на трговската соработка го спомнавте, таа е некако избалансирана, можеби многу мал суфицит има на македонска страна. Кои се областите во коишто пред сè мислите дека може да се унапредува соработката?

Пленковиќ: Па, кога ги гледаме компаниите кои се ангажирани од хрватска страна, ако ги погледнете Кончар, Далековод, Ериксон, Никола Тесла, Крaш, Сапонија, Кандид, Предаватели и врски, денешното присуство на дури две компании од областа на одбраната како Докинг или Орка, или,пак, градежни компании како Инград или Инвест инженеринг, тогаш тоа, покрај традиционално присутната Подравка, претставува голем исчекор и гледаме дека палетата и структурата на тие компании е многу различна, од прехранбената индустрија, земјоделството до бројни компании кои се во енергетиката, градежништвото, а секако дека таа соработка ќе ја погледнеме и од друга страна. Компаниите кои се присутни во Хрватска, денес ги видовме претставниците, на пример, на Алкалоид, претставниците на Тиквеш, кои инвестирале,гледам, во една винарија во Истра, во Мотовун, се сигнал дека таа соработка е навистина разгранета и дека треба добро да ја зацврстиме, а особено да го погледнеме ИКТ-секторот кој, според мене, има голема перспектива.

360°: За Македонија или за Северна Македонија пристапниот процес кон Европската Унија е многу тажна приказна. Самиот на прес-конференцијата зборувавте за тоа дека во 2000 г. Хрватска се трудеше да ја стигне земјава во однос на потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Се сеќаваме на 2005 г., Хрватска во октомври, по Готовина, успеа да ги отвори пристапните преговори, Македонија два месеца подоцна го доби кандидатскиот статус. Но, Хрватска е веќе 13 години членка на Европската Унија, а Македонија за жал е речиси на истото место каде што беше во 2005 година и тоа е навистина тажна, тажна историја. Македонија нема своја земја покровител, земја ментор, како што можеби вие имавте во текот на пристапниот процес во една Германија. Знаете дека е блокиран пристапниот процес, актуелната влада во Скопје не се согласува со тоа што беше договорено во 2022 година и со Преговарачката рамка. Има ли излез од оваа блокада, гледате ли вие некаде излез?

Пленковиќ: Па, пред сè, точно е ова што го рековте, и Македонија беше нешто пред Хрватска во времето на првиот самит меѓу земјите на ЕУ иземјите од Југоисточна Европа, кој се одржа во Загреб. Јас многу добро се сеќавам на тие моменти бидејќи тогаш бев дипломат кој токму се занимаваше со тие теми и ние настојувавме откако Македонија го парафираше договорот за стабилизација и асоцијација и ние да дојдеме во позиција да бидеме во таа фаза, и навистина кога ќе погледнете потоа, хрватската динамика по премостувањето на отворените проблеми што ги имавме со неколку земји членки, контекстот на соработка со Хашкиот суд, отвори, односно најпрво стекна статус на кандидат, па отвори преговори, започна пристапен процес, подоцна ги деблокира отворените прашања кои ги имавме со Словенија и на крајот стана земја членка на 1 јули 2013 година, ние сега ќе бидеме цели 13 години во членство за еден месец, додека, од друга страна, Македонија не успеа во тоа, што поради односите со Грција, а сега во последно време и односите со Бугарија. Ние сметаме дека таквиот статус и патот што вие го нарековте тажен, според мене, пред сè е длабоко неправеден бидејќи реформите што ги презедоа различни влади овде одеа кон исполнување на критериумите, било политички, било економски, било секторски, и дека една таква ситуација која не овозможи дури ни отворање преговори бараи дополнителни измени на Уставот и одредени протоколи кои реално гледано се политички многу чувствителни за македонскиот народ, што јас многу добро го разбирам. Сметаме дека треба да се дојде до решение кое би овозможило напредок. Да се бара повеќе пати промена на Уставот, името, сето ова што се случуваше овде е тешко, тешко е за секоја влада, би било тешко за секој народ, јас често се прашувам каков би бил ставот на Хрватска и хрватските граѓани доколку имавме слични услови какви што има македонскиот народ и какви што има Северна Македонија денес. Мислам дека не би било лесно да се одржи степенот на ентузијазами приврзаност кон ЕУ како што го имаме денес. Она што е моментална ситуација, имаме нов премиер, поранешен претседателво Бугарија, г. Радев, кој има големо политичко искуство, а верувам дека и во билатералните разговори таа тема многу брзо ќе дојде на маса, дека ќе имаме можност веќе во следните неколку дена, во Тиват, каде што во Црна Гора се одржува состанок на врвот меѓу земјите на ЕУ и Западен Балкан, воопшто да се расправа за понатамошната динамика на проширувањето, бидејќи таа сега подразбира и Украина, и Молдавија, и сите земји во нашето соседство, така што во тој поширок контекст треба да се бараат решенија за деблокада на оваа ситуација која никако не е добра, не само за Северна Македонија, туку не е добра воопшто за процесот на проширување.

360°: Вие имате малку побалансиран став, но да речеме изјавите што доаѓаат од Брисел велат има договор од 2022 година и дека сега е на Владата во Скопје да испорача согласно тој договор. Од друга страна, Владата на господинот Мицкоски инсистира на гаранции, некаков тип на гаранции што би дошле од Советот на ЕУ или од Европскиот совет, дека ако се направат уставните измени, ако се внесат Бугарите, тоа ќе биде последната отстапка од идентитетско-историски карактер и дека нови вета во текот на пристапниот процес нема да има. Можно ли е да се добијат такви гаранции?

Пленковиќ: Па, мислам дека тоа е разумна позиција на македонската влада ипремиерот Мицкоски, знаете, кога човек еднаш ќе се изгори, тогаш дува и на ладно, бидејќи и порано имаше ситуации кога се мислеше дека сè е решено кога ќе се исполнат одредени критериуми, а потоа одеднаш се создаваа нови и нови предизвици и нови предуслови за отворање преговори, така што разбирам дека актуелната влада на некој начин го наследи договорот од 2022 година, кога Франција претседаваше со Советот на ЕУ, што е решение каде Франција се обиде да биде конструктивна, меѓутоа тоа решение е објективно изискувачкоза сите политички актери во Северна Македонија и не ме чуди ваквиот став, мислам дека е исправен и артикулиран, дека ако нешто се договори, тогаш за една година да нема нови пречки, па повторно да треба да се враќаме на големи законски измени или пак измени на Уставот, што е исклучително политички чувствително и на крајот непопуларно.

360°: Од ваша перспектива, дали е жив процесот на проширување на Европската Унија и како гледате на предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц како обид за алтернатива на процесот на проширување или, како што тој вели, нова динамика на тој процес?

Пленковиќ: Па, видете, Хрватска последна влезе во ЕУ, тогаш поминаа 13 години, значи помина цела една Јункерова комисија, еден цел состав на парламентот без проширување, помина првата комисија на Урсула фон дер Лајен и сега вториот состав на парламентот без проширување, сега сме веќе практично длабоко во втората година од мандатот на оваа комисија и овој состав на парламентот, и ми се чини дека постои одредена политичка волја, пред сè на ниво на институциите, нешто да се случи со проширувањето, бидејќи ако се остави, ако тоа го сметаме уште 3 години до крајот на оваа комисија, овој парламент, тоа се тогаш цели 16 години без проширување, што е многу. И од таа страна имам впечаток дека постои волја да се случи барем едно проширување во мандатите на оваа комисија, овој парламент. Од друга страна, писмото на Мерц на одреден начин беше очекувано, сите ние кои разговараме меѓусебно, а постојано ја допираме таа тема, ни беше јасно дека очекувањето Украина да стане членка на ЕУ на 1 јануари 2027 година едноставно не беше засновано на реални проценки и тоа во суштина се темели на две доста искрени пораки,тоа е и културолошки очекувано од Германија како најголема членка. Едно, сакаме да бидеме јасни, пријатели сме, сакаме европска перспектива на Украина, сакаме членство, но не е реално 1 јануари 2027 година, тоа е она што во суштина е суштината на тоа писмо. Второ е дека врз основа на искуството од досегашните проширувања,па и европскиот економски простор на ЕФТА, Германија нуди еден нов модел кој би бил сличен на проширувањето, би дал одредени привилегии на Украина пред сè, бидејќи тоа е писмо, можеме да кажеме, четири петтини за Украина, последната петтина се однесувана другите земји, каде што би им овозможил на украинските министри, пратеници еден придружен статус кон институциите, а исто така и можност за учество во одредени секторски политики со значителни финансиски средства кои се важни како дел од еден поширок пакет мировен план за Украина кој би требало да подразбира и примирје,па и мировен договор и безбедносни гаранции и зајакнување на украинските одбранбени способности, продолжување на вистинските реформи кон членство во ЕУ, а де факто би дал еден лек кој би дејствувал брзо и перцепциски би бил добро прифатен во Украина, тоа е смислата на тоа писмо. Тој тука секако ги допира и останатите и сугерира поотворено да разговараме што ќе правиме со проширувањето, бидејќи таа тема е различна ако ја гледаме начелно и различна ако се гледа конкретно. Конкретно досега важеше правилото: индивидуални заслуги, индивидуални постигнувања, структуриран процес од поглавја на кластери, преговори, склучување договори, ратификација, членство. Она што е битно и позицијата на Хрватска е многу јасна: ако се дојде до еден нов модел кој би подразбирал или некои скратени патчиња, значи побрзи патишта, тогаш тие скратени патчиња мора да важат за сите. Не можат да важат само за некои, а за други не, особено не за нашите соседи од Југоисточна Европа кои долго години чекаат, како на пример Северна Македонија, или за нас исто така важната и особено битна Босна и Херцеговина, каде што Хрватите се конститутивен и рамноправен народ, каде што ние сакаме и БиХ да оди побрзо кон ЕУ отколку што е тоа сега. Значи, тоа е еден контекст во кој ќе мораме да го расправаме овашто во Тиват веднаш следната недела, што во Брисел, јас се надевам во јуни.

360°: Ова е на линија можеби на тоа што го зборува новиот унгарски премиер или словачкиот премиер за тоа дека ако на Украина ѝ се дава некаков привилегиран статус, тогаш не смеат да се заборават државите од Западниот Балкан. Што мислите, бидејќи самиот спомнавте дека чувствувате дека има желба во мандатот на овие европски институции да се случи барем едно проширување, дали Црна Гора е најсериозниот кандидат за тоа и каква е хрватската перспектива на таа црногорска амбиција со оглед на тоа што Хрватска го блокира затворањето на поглавјето 31 за Црна Гора поради редица барања поврзани со некои прашања во Црна Гора?

Пленковиќ: Па, што се однесува до целокупниот контекст која земја каде е,тука работите се доста јасни, Црна Гора е реално најмногу напредната во тој институционален процес на преговори, од друга страна Албанија направи голем напредок во изминатиот период, Србија е тука нешто побавна, ситуацијата со Северна Македонија е ваква каква што е, Босна и Херцеговина чека да ги отвори своите преговори, иако политичката одлука е донесена на ниво на Европскиот совет, а амбицијата што ја има БиХ претпоставува и одредени договори на политичките партии и народите околу основните прашања што сега се повеќе од внатрешен карактер и се очекува и тоа да се реши. Косово, од друга страна, кое е непризнаено од страна на дури пет членки на ЕУ, има договор за стабилизација и асоцијација и се наоѓа, така да речеме, со БиХ можеби малку подалеку од самото членство. Што се однесува до Хрватска, ние генерално сме за проширување, со години ѝ помагавме на Црна Гора да ги исполни реформите, пренесувавме знаење, го преведовме целото „аки“ (заедничкото европско право) односно правното наследство на ЕУ, кое го работевме, преведувавме, инвестиравме, тоа на крајот и нè чинеше нешто, бесплатно им го отстапивме на сите земји од Југоисточна Европа, бидејќи тоа е сепак огромна количина европско законодавство кое се создаваше низ децении, за да им биде полесно преведувањето на „акито“ на нивниот јазик и тој правен јазик и тоа редактирање да биде што подобро и поефикасно, а постојат одредени отворени прашања и некои потези кои беа многу лоши и изненадувачки пред околу две години, кои се случија во Народното собрание на Црна Гора, спротивно на она што се очекуваше и што се вети и што се договори. Црна Гора тука се наоѓа во позиција дека во поглед на поглавјето 31,надворешна безбедносна политика, која подразбира и добрососедски односи, треба да исполни уште некои критериуми, нашите министри за надворешни работи се задолжени да разговараат на таа тема икога тие и ако тие критериуми се исполнат, тогаш ќе одлучуваме за понатамошни чекори.

360°: Мислите дека ќе има можност за ратификација на пристапен договор само за Црна Гора кај сите земјичленки на Европската Унија или сепак ќе треба да се формира една поголема група, кластер на држави?

Пленковиќ: Мислам дека ситуацијата е толку различна денес што освен ако концептот целосно не се промени, т. е. да се измисли некаква нова алтернативна форма на поблизок статус или поблиско членство што потоа би важело за сите, ако се продолжи со повеќето земји, особено од Југоисточна Европа, да се оди кон полноправно членство, тогаш не гледам како би можело да дојде до еден голем пакет, бидејќи во институционалната и преговарачката динамика, разликите во времето, во реалноста,се преголеми во овој момент.

360°: И само уште едно прашање околу безбедноста и стабилноста во поширокиот регион. Ги спомнавме речиси сите држави. Босна и Херцеговина има своја внатрешна динамика, нерешени се односите Белград-Приштина, во Србија внатре се случува политичка нестабилност. Еве, ве слушам и вас одвреме-навреме реплицирате на некои изјави коишто доаѓаат од Белград, последно беше на претседателката на тамошниот парламент Брнабиќ итн. Гледате ризици за безбедноста и стабилноста во регионот?

Пленковиќ: Па, светот се наоѓа во многу предизвикувачки безбедносен контекст, значи имаме руска агресија врз Украина која трае 4 години и 3 месеци, имаме војна на Блискиот Исток која сè уште трае, конфликтикои започнаа практично од есента 2023 година по терористичкиот напад на Хамас во Израел и одговорот, и потоа една серија конфликти кои не само што ги вклучија и Појасот Газа и војната на израелската армија со Хамас, туку и Хезболах во Либан и Хутите во Јемен и директен напад на Израел и САД врз Иран, одговор, блокиран Ормуски Tеснец, заробени танкери со нафта, со гас, со керозин,со бројни минерали кои влијаат на недостигот од 20% енергенси на светскиот пазар, па потоа автоматски, ако имаме раст на цените на енергенсите, имаме и економски последици што вклучува инфлаторни притисоци за целиот свет, тогаш ни е многу важно таа глобална нестабилност да не се пренесе и на подрачјето на Југоисточна Европа, значи, а не еднаш овде имавме проблеми, ги имавме од агресијата на великосрпскиот режим на Милошевиќ врз Словенија, врз Хрватска, врз БиХ, подоцна врз Косово, проблеми кои постоеја овде, се сеќаваме и овде на ситуацијата која постоеше во Северна Македонија, бројни договори и фактот дека не би било добро да имаме некои прокси организирани и оркестрирани конфликти или предизвикување нестабилност на подрачје кое вака и онака низ поновата историја се покажа прилично нестабилно. И затоа ни е многу важно да се одржи стабилноста, за нас многујасна порака беше прво соработка на државите, второ европски пат. Европскиот пат е сидро, поврзувач, лепило кое спречува одредени конфликти, тоа е на крајот и историјата на целиот процес на европска интеграција, а од друга страна не можеме да бегаме од фактот дека постојат отворени прашања, односите на Србија и Косово се далеку од добри, значи тој дијалог сега е многу, така да речеме,сиромашен, не е особено интензивен. А, во БиХ постојат одредени сигнали, сега е изборна година, ќе видиме како ќе биде сето тоа заедно по месец октомври за ситуацијата да биде подобра. Што се однесува до останатите земји, мислам дека секој се труди нешто да направи, ги имаме тие демонстрации кои во Србија траат веќе неколку години, некои се поврзани со оној ужасен настан во училиштето што се случи, убиства на деца, други се поврзани со настрешницата во Нови Сад, меѓутоа се собра една група луѓе која веќе долг низ години во суштина демонстрира за промена на власта,промена на режимот, што би се рекло, и тоа сè влијае на стабилноста на целиот југоисток на Европа. Вие споменавте дека ние тука и таму повремено реагираме, ние главно реагираме и тоа на еден ваков доста елегантен начин, не придавајќи големо внимание на тоа дека и внатрешната ситуација во Србија најлесно се решава така што фокусот се префрла на некого во соседството, обично тоа е Хрватска. Ние сметаме дека Хрватска нема никаква врска со внатрешната нестабилност и студентските или други протести во Србија, туку дека тоа е внатрешно прашање на Србија и така тоа и го третираме. Ние ги решивме сите наши национални задачи, но баш сите, и победата во одбранбената татковинска војна и ослободувањето на окупираните територии и членството во НАТО и ЕУ и Шенген и Еврозоната, утре ќе бидеме во ОЕЦД. Сега имаме стратешка задача и уставна обврска да се грижиме за Хрватите надвор од Хрватска, дали се тоа Хрватите во БиХ како конститутивен народ, дали се тоа хрватските национални малцинства во нам соседните земји, нив ги има 12, или пак поврзувањето на татковинската иселена Хрватска, тоа се стратешки задачи покрај зајакнувањето на економијата и ние сите тие цели ги остваруваме со, се разбира, како што тоа го прават и сите, зајакнување на нашите одбранбени способности. Хрватска вложува многу во своите одбранбени способности за да ги исполни и целите кон НАТО, но и за да ја обезбеди својата безбедност во иднина, за да не ни се повтори 1991 година никогаш повеќе.

360° : Благодарам за овој разговор.

Пленковиќ: Ви благодарам многу и ѝ посакувам многу успех на Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ, ние сме и пријатели, партнери и ќе го поддржиме тој процес. Ви благодарам.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Хрватскиот премиер го смета за разумно барањето…

360°: Дали сте првпат во Охрид? Пленковиќ:…

Запалено возило на Бит Пазар, соседите спречиле…

Во Скопје, во близина на Бит Пазар,…

Наунов: Неверојатно и цинично е адвокати да…

Навистина е неверојатно колку лесно денес некои…

Узурпација на земјиште од АД „ЕСМ“ Скопје…

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе…

Трамп сподели нацрт-договор за мир со Иран…

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп споделил нацрт-договор…