Ѓорѓиевски: Стопиран е планот за Расадник, сите важечки урбанистички планови и транспарентно ги објавуваме на увид на граѓаните

t

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес соопшти дека сите важечки урбанистички планови и транспарентно ќе бидат објавени увид на граѓаните, а е стопиран планот за Расадник, кој предвидуваше изградба на 99 нови згради во тој регион.

„Во изборната програма за „Обнова на Кисела Вода“, еден од носечките проекти за кои граѓаните масовно ми ја дадоа поддршката е проектот „Стоп за урбаната мафија“. Денес, два месеци по моето назначување за градоначалник, тука сме за да ја презентираме реализацијата на првиот дел од проектот, а тоа е вадење од фиока на сите важечки урбанистички планови и нивно транспарентно објавување на увид на граѓаните! Транспарентноста е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество“, истакна Ѓорѓиевски.

Во општина Кисела Вода има точно 53 важечки Урбанистички планови, а заклучно до моето преземање на функцијата градоначалник, на општинскиот ГИС портал беа објавени само 20. Во изминативе 60 дена, 33 урбанистички планови, се дигитализирани и јавно објавени на веб страната на општината https://gis.kiselavoda.gov.mk/gis-preglednik/.
Од денес, сите граѓани на Кисела Вода можат да пристапат на веб страната на општината и да направат увид во секој план, можат да направат увид во сопствената градежна парцела и да проверат што на тоа место е предвидено да се гради.
Ѓорѓиевски побара помош од граѓаните за справување со урбаната мафија преку предлози, сугестии и забелешки за објавните урбанистички планови.

„Ве повикувам сите да направите увид во Урбанистички планови и сите ваши забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели или делови од плановите да ни ги доставите во рок од 30 дена. Образецот на кој може да ги наведете вашите предлози е достапен на веб страната, како и во архивата на општината. Пополнетиот Образец може да ни го доставите на емаил адресата revizijadup@kiselavoda.gov.mk, или во архивата во седиштето на општината. Сите поднесени барања ќе бидат разгледани од Комисијата за Урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и по истите ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека Кисела Вода мора да биде општина каде што граѓаните ќе одлучуваат за Урбанистичките планови, а не урбаната мафија.
„Сакам да ја искористам оваа конференција и да потсетам дека рокот за пријавување во Партиципативното тело истекува на 15 јануари 2022 година, и сакам да упатам апел до граѓаните, до невладините oрганизации и стручната јавност да се пријават во работата на ова тело и да ни се приклучат во борбата против урбаната мафија. Дополнително, сакам да ве информирам и дека во рамки на овој проект, кој го насловивме Стоп за урбаната мафија, е започната ревизија на 34 плана кои беа во различни фази на донесување. Така, во предлогот на Деталниот урбанистички План за Градска Четврт Ј 20 блок 3 или План за дел од Црниче, се констатира дека околу чешмата Света Петка кај народот позната како Балаклија, во зеленилото биле предвидени 5 градежни парцели со намена станбени куќи со висина од 10.20 метри. Планот е стопиран градежните парцели во зеленилото се бришат, а по празниците ќе биде спроведена јавна презентација, а потоа и нова транспарентна Јавна Анкета на која граѓаните ќе можат да ги дадат своите забелешки и сугестии. Исто така во Деталниот Урбанистички План Ј 15 блок 4 или План за дел од Припор се констатира дека спротивно на Генералниот Урбанистички план предвидени се станбени згради со А2 намена со огромни бруто развиени површини, а за сметка на нив на постојните куќи во Припор не им се дава можност за никаков развој. Како и Планот за Црниче, и овој План е стопиран и во Буџетот за 2022 година се предвидени средства за изработка на ДУП за цела населба Припор“, појаснува Ѓорѓиевски.

Во врска со проектот кај Расадник, истиот Комисијата констатира дека има 99 нови згради, па согласно барањата на граѓаните, заклучно со февруари, ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП Расадник, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните на Расадник. По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален Урбанистички План за Расадник.

„Се обврзав пред граѓаните дека Кисела Вода ќе биде транспарентна општина каде што се почитуваат законите. Се обврзав дека граѓаните ќе го имаат главниот збор во креирањето на ликот на општината. Овој проект чиј резултати денес ги презентираме е само вовед во четиригодишниот период на менување на начинот на работа, а со тоа и на имиџот и ликот на Кисела Вода“, посочи градоначалникот

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Чекај нè Европо: Тетово без најава остана…

Цело Тетово 6 часа немаше вода за…

Делови од Карпош утре без вода

ЈП „Водовод и канализација“ информира дека утре…

Делови од Центар и Карпош утре ќе…

Дел од корисниците лоцирани на потегот од…

(Фото) Брука, што пијат македонските полицајци? Паковка…

Полициските службеници добија паковка од "Нескафе" во…

Ново поскапување во најава?! Ако Владата не…

Во име на здружението АДКОМ кое ги…