Објавено на:

Љубовницата го издала наркобосот Ел Менчо, сега е енигма каде му е сопругата

t

Мексиканскиот наркобос Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо, кој беше убиен во неделата во акција на мексиканските безбедносни сили, го издала една од љубовниците што ги имал. Ова го соопшти министерот за одбрана, генералот Рикардо Тревиља Трехо, на прес-конференција во понеделникот, на која ја објаснувал потрагата по него и текот на една од најголемите операции во поновата историја на Мексико.

Сè почнало во петокот, кога мексиканските сили добиле конкретна дојава за неговата адреса. Се покажало дека локацијата на која се наоѓа ја кажал „доверлив човек“ на една од неговите љубовници. Специјалните сили тргнале во акција еден ден откако љубовницата го напуштила комплексот во близина на градот Тапалпа. Операцијата била спроведена првенствено од копнени сили со минимална поддршка од хеликоптери со цел да се стигне до комплексот со што е можно помалку бучава.

Според анализата на сателитски снимки и на снимките од очевидци што ги објави Си-ен-ен, цел бил луксузниот комплекс „Кабањас ла Лома“, сместен во изолирана, пошумена област. Кога војниците направиле обрач околу комплексот и почнале да се движат кон него, биле пречекани со силен оган од војниците на картелот. Во жестоката борба биле убиени осум членови на картелот и ранети двајца војници.

Ел Менчо и неговите најблиски соработници се обиделе да избегаат подлабоко во шумата, но специјалните сили тргнале во потера по нив и ги стигнале. По уште една престрелка, најголемиот наркобос во светот бил фатен заедно со двајца телохранители. Тие со себе имале неколку ракетни лансери, но не успеале да ги употребат. Сите тројца биле тешко ранети и со хеликоптер требало да бидат пренесени во болница во Гвадалахара, но за време на летот, починале.

Стравувајќи од насилна реакција во Гвадалахара, каде што картелот е исклучително моќен, властите го пренасочиле хеликоптерот кон меѓународниот аеродром во Морелија, од каде што телото на Ел Менчо било префрлено во Мексико Сити. При претресот на имотот на нарко босот пронајден е цел арсенал од оружје, вклучувајќи пушки, ракетни лансери и гранати.

Како што рече министерот за одбрана, Рикардо Тревиља, американските разузнавачки служби учествувале во операцијата, но локацијата на скривалиштето, планирањето и извршувањето на нападот биле дело на мексиканските вооружени сили.
Веста за смртта на водачот на картелот предизвика хаос во Мексико, земја која треба да биде домаќин на Светскиот куп за четири месеци. „Војниците“ на картелот одговорија со палење автомобили, блокирање патишта и директен судир со војската, при што загинаа 25 војници.

Додека властите се преокупирани со смирување на тензиите, јавноста има едно клучно прашање: каде е сопругата на Ел Менчо, Розалинда Гонзалез Валенсија, позната како Ла Хефа? Со години, истражителите ја опишуваат како многу повеќе од сопруга на Ел Менчо и ја поврзуваат со финансиските операции на картелот ЦЈНГ, како и со мрежа позната како „Лос Куинис“. Според безбедносните агенции, членовите на семејството Валенсија управуваат со фиктивни компании, бизниси со недвижности и угостителство за кои има сомневање дека се користат за перење пари добиени од криминални активности.

И покрај зголемениот јавен интерес за неа по смртта на нејзиниот сопруг, властите не објавија дека е уапсена, или дека по неа има активна потрага. Исто така, не е познато дали е под надзор на властите, откако претходно беше осудена за финансиски криминал, па пуштена на слобода. Иако социјалните медиуми се преполни со шпекулации, властите не ги потврдија тврдењата дека таа е исчезната, дека го води картелот од сенка, дека е потенцијална опасност…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Љубовницата го издала наркобосот Ел Менчо, сега…

Мексиканскиот наркобос Немесио Осегуера Сервантес, познат како…

Четири години војна во Украина

Четири години од руската агресија врз Украина.…

Трамп е подготвен да употреби смртоносна сила…

Првата опција на американскиот претседател Доналд Трамп…

ОД НАРОДОТ ЛИ СЕ ПЛАШИ АРТАН ГРУБИ?…

Поранешниот претседател на Кривичниот суд и судија…

(Фото) УШТЕ ЕДЕН ТОН МАРИХУАНА ЗАПЛЕНЕТ ВО…

Уште еден тон дрога денес е запленет…