Академик Коцарев: Македонизмот подразбира автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет

t

Во денешниот број на весникот „Нова Македонија“ е објавен целиот текст од вчерашното обраќање на академик Љупчо Коцарев на вчерашната научна конференција посветена на 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револу ционерна борба, Гоце Делчев, што во организација на Институтот за национална историја се одржа спроти 119-годишнината од неговата погибија.

Текстот го пренесуваме во целост.

Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на најголемиот македонски син, легендарниот револуционер и народен предводник Гоце Делчев. За Гоце Делчев се кажани, изречени, напишани толку многу беседи, слова, текстови што секој обид за ново видување и толкување на неговиот лик и неговото дело претставува вистински предизвик. Тоа ме поттикна, сепак да се обидам, овој мој денешен текст да го обликувам на малку поинаков начин, задржувајќи се на местото и улогата на историската наука за иднината на Македонија и на планетата Земја. Ќе започнам со воведните реченици на „Манифестот на Комунистичката партија“ (на англиски The Communist Manifesto) – дело првпат објавено во 1848 година: „Сениште кружи низ Европа – сеништето на комунизмот. Сите сили на старата Европа направија сојуз за света војна против тоа сениште: римскиот папа и рускиот цар, Метерних и Гизо, француските радикали и германските полицајци.“ Не се случајни насловот и почетниот параграф на една друга книга објавена во 2014 години од двајца еминентни професори по историја во САД, Гулди и Армитич. Книгата насловена “The History Manifesto”, или во слободен превод „Манифест на историската наука“, започнува со: „Сениште го прогонува нашето време: сеништето на краткиот рок. Живееме во момент на забрзана криза што се карактеризира со недостиг од долгорочно размислување.“

Историската наука во последните неколку децении доживеа бурни промени, па, така, во научната дисциплина историја на историската наука може да се воочат неколку тенденции. Првата тенденција се однесува на временскиот опсег на историските истражувања. Во книгата „Манифест на историската наука“, авторите се против истражувањата што опфаќаат кратки временски периоди и се залагаат за враќање на концептот „долго траење“ (на француски longue durée) – термин поврзан со револуцијата во историографија што се случи во Франција помеѓу 30-тите и 60-тите од 20 век и појавата на списанието „Анали за економската и социјалната историја“ (Annales d’histoire économique et sociale). Во последните две децении, терминот „долго траење“ се прошири од векови до времиња поврзани од настанувањето на универзумот, Земјата или човечката раса до денес.

Втората тенденција: ирелевантност, подразбира, според Гулди и Армитич, дека историчарите сѐ повеќе избегнуваат, од една страна, да се соочат со авторитетите – да ја кажат вистината, а од друга страна, избегнуваат да се обидат да изречат мислења за иднината врз основа на минатите трендови. Повикот кон релевантноста, особено кога станува збор за Македонија, е добредојден, потсетувајќи се дека Historia est Magistra Vitae (Цицерон) и повикувајќи се на тоа дека историчарите треба да имаат поголемо чувство за етичка одговорност, особено заради гласот на починатите и обврската за заштита на минатото од мешање и манипулација. Третата тенденција – банализација и релативизација на дел од историските настани, подразбира справување со товарот од минатото и се реализира користејќи обиди да се заборави и манипулира минатото. Историчарите и политичарите имаат тенденција да ги простат, заборават и банализираат дури и најголемите злосторства. Додека историчарот Розенфелд, во една неодамнешна книга, укажа на релативизацијата на нацистичкото минато во современата култура, а филозофот сер Ајзаја Берлин е загрижен дека идните историчари нема да ги осудат злобниците на историјата, за жал, кај нас, апсурдно и погубно, докажани фашистички злосторници се чествуваат од водечките државници.

Во Македонија музата Клио има многу непријатели – најмногу меѓу историчарите и политичарите. Лично, посакувам историчарите да се обединат барем околу клучните прашања и да престанат да им бидат слуги на политичарите, со надеж дека работите, можеби, ќе добијат друг тек. Од овие причини, сто и педесетгодишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев треба, според мое мислење, да претставува повик за две иницијативи. Прво, одново да се осудат сите зла направени врз Македонците, но и светските зла, кои во светот на геноциди, геополитички игри, неукост и неконтролирана алчност треба да бидат исто толку убедлива причина за осуда, како што некогаш беа за нашите предци. Второ, да се стори сѐ – а тука клучна улога имаат историчарите – да не се заборават страдањата на Македонците во Егеј, Пирин и за време на фашистичката бугарска окупација во Втората светска војна.

Меѓутоа, времето го прави неизбежното – постепено нѐ напуштаат непосредните сведоци на тие страдање. Гутенберговата галаксија (печатените книги) и дигиталниот свет (компјутерите) ќе помогнат, но тие не се доволни – треба да се помни однатре, со душа. Сократ се жали на ефектите што писмото ги има врз помнењето и душата на ученикот. Во дијалогот со Федар, забележан од Платон, Сократ раскажува како Там го прекорува богот на пишувањето Тот за неговиот пронајдок – буквите: „…во душата на оние што ќе ги научат, тие знаци ќе раѓаат заборав поради невежбањето на паметењето, зашто луѓето, надевајќи се на писмото, сеќавањето ќе го предизвикуваат однадвор, со помошта на туѓи знаци, a нема да се сеќаваат однатре, во самите себеси“. Така, пишувањето ќе „им овозможивте на вашите студенти привид на мудрост, не вистинска мудрост“. Можеби пораката на професорот по историја Чакрабарти ќе може да биде водилка во однос на ова прашање. Според него, „хуманистичките истории се истории што произведуваат смисла, значење, објаснување преку барање не само да се реконструира туку и да се регенерира во умовите искуството од минатото“.

Сениште кружи низ Македонија – сеништето на македонизмот. Многу сили во Македонија направија сојуз за света војна против македонизмот – тој сојуз е притаен, добро воден, меѓусебно оркестриран и синхронизиран, медиумски сестрано помогнат, а во исто време, за да се намалат неговата видливост и снага, во Македонија се промовираат бесмисленост, апсурд, неукост, алчност, апатија, од една страна, додека, пак, сите што барем малку ќе проговорат за македонизмот се етикетираат за националисти, предавници и лажговци, од друга страна. За кого и зошто македонизмот е сениште? Што е тоа македонизам?
Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи, за што пишував и говорев често во изминатите две години, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски, да бидам прецизен – милениумски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Овие две клучни карактеристики за македонизмот се факти признаени од светската наука.

Вака разбран македонизмот подразбира дека сите документи, пишувања, говори, резолуции, прокламации што не се конзистентни со двете основни премиси на македонизмот, а такви се, на пример, и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Оттука станува јасно за кого и зошто македонизмот е сениште, бауч.
Овој текст ќе го завршам со две пораки. Прво. Во однос на предизвиците со коишто се соочува човештвото, во однос на прашањето какво место нашите деца ќе именуваат за свој дом, Гулди и Армитич сугерираат во споменатата книга дека „обновувањето на врската помеѓу минатото и иднината и користењето на минатото за критичко размислување за она што доаѓа се алатките што ни се потребни сега. Историчарите се оние што најдобро можат да ги обезбедат.“ Тука, сепак, би додал, за што сум пишувал повеќепати досега, дека предизвиците на човештвото треба да бидат адресирани во синергија меѓу математиката, природните, медицинските и техничките науки, од една страна, и уметноста, општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредностите, од друга страна. Во спротивно, човештвото нема да се движи во вистински правец.

Второ. Во однос на Македонија, ќе подвлечам дека сегашниот однос на дел од политичарите, па дури и на историчарите, спрема македонизмот предизвика вознемиреност затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историскиот сензибилитет. Дисциплината историја постои под претпоставка дека нашето минато, сегашност и иднина се поврзани преку одреден континуитет на човечки искуства. Оттука, иднината може да се замисли со помош на истите способности, капацитети, моќи што овозможуваат да го замислиме минатото. Македонија денес се наоѓа во противречна и конфузна положба – за европска иднина за нас треба да замислиме иднина без нас. Во книгата со наслов „Светот без нас“, авторот Ален Вајсман нуди оригинален пристап кон прашањата за влијанието на човештвото врз планетата: тој бара од нас да ја замислиме планетата Земја без нас. Меѓутоа, никако не можам да ја замислам Македонија без Македонците, па затоа посакувам Македонците да се обединат околу градењето достоинствена иднина, во која македонизмот ќе биде нашето битисување, а Гоце Делчев нашиот корифеј

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Палевски на распит во обвинителството

Љупчо Палевски-Палчо во моментов е на распит…

Академик Коцарев го oбвини 3aeв за пpeдавство…

Дали се сеќавате на зборовите: „Додека дишам,…

Koцарев со нова книга „За македонските работи“…

Во издание на „Матица македонска“ изезе од…