Алберт Муслиу обвинет за „организиран масовен грабеж“ на Еуростандард банка, од страна на здружението на оштетени штедачи во банката
Од Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард Банка, го обвинија аналитичарот и бизнисмен Алберт Муслиу дека преку две компании извршил „организиран масовен грабеж“, односно, дека повеќе од три години не враќал кредити во вредност од 380.000, односно 400.000 евра.
Во продолжение го пренесуваме целосното соопштение на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка.
И после една и пол година, не само што нема никаква одговорност и не се казнува сторениот масовен организиран грабеж на личните парични средства на физички и правни лица депоненти во Еуростандард банка, туку истиот продолжува да се случува и во стечајната постапка на банката. Овој пат, во него се вмешани државни органи. Тоа се прави преку евидентна злоупотреба на јавните овластувања и службената положба на Државниот правобранител Гостивар и Основниот граѓански суд Гостивар. Постојат јасни, недвосмислени докази дека овие две државни институции ги штитат интересите на фирмата Прагматика ДООЕЛ Гостивар која три и пол години должи околу 380 илјади евра во Еуростандард банка, а која е во сопственост на близок член од најтесното семејство на аналитичарот Алберт Муслиу. Тој пак е заложен должник за долгот на фирмата Прагматика додека неговата фирма Теута-рам ДОО Гостивар должи околу 400 илјади евра во Еуростандард банка. Сакаат да приграбат недвижен имот во сопственост на Еуростандард банка во стечај, но не сакаат да си ги платат долговите.
На барање на Прагматика, Државното правобранителство Гостивар отвора постапка со која приватизацијата на државно земјиште во корист на Еуростандард банка, нешто што самата држава го дозволила пред повеќе од 10 години, сега го оценува како спорно. И со тоа се обидува да ја спречи продажбата на тој ист имот каде оваа приватна фирма сака да гради објект. Основниот граѓански суд Гостивар го усвоил предлогот на Државното правобранителство Гостивар и определил да се стави прибелешка во Агенцијата за катастар на недвижности во Гостивар. Со тоа одредил и забрана за отуѓување, продажба или давање под закуп на целокупниот недвижен имот и воедно поставил привремена мерка до завршување на управна постапка за ништовност на решение за приватизација, за која постапка, всушност, нема доказ дека воопшто се води односно нема барање од Државното правобранителство за отворање на таква постапка ниту решение дека е усвоено барањето.
Дали целокупниот процес на дејствување на овие два државни органи има примеси на коруптивни и криминални дејствија останува да се изјасни судот по поднесената жалба како и поднесената претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата.
И тука има низа основи за ваквите дејствија. Еве некои од нив.
· Прво, Основниот граѓански суд Гостивар нема месна надлежност да одлучува бидејќи според законите во оваа држава, месната надлежност припаѓа на Основниот граѓански Суд Скопје којшто ја спроведува стечајната постапка на Еуростандард банка.
· Второ, Основниот граѓански суд Гостивар одлучувал молскавично, вон рочиште, односно не и дал можност на Еуростандард банка во стечај да се изјасни за наводите и барањата на Државното правобранителство, што е спротивно на закон.
· Трето, се тврди дека се води управна постапка за ништовност на решението за приватизација на земјиштето од 2011 година и дека истата е во процес, а таква постапка во реалност не постои ниту пак има поднесено барање за водење на истата. Воедно, се повикува на спречување на настанување на штета и употреба на сила. А во реалност, нема никаква штета ниту употреба на некаква сила. Продажбата на имотот е веќе завршена по пат на електронска аукција. Притоа, не само што немаше употреба на сила, туку помина сосема мирно и регуларно, со купувач кој учествуваше на аукцијата и кој во меѓувреме ја плати и цената што беше утврдена на истата, а која е повисока од проценетата вредност на имотот. Оттука, не е јасно за каква употреба на сила се работи, кој ќе ја употреби силата и кога.
Со изрекување на привремената мерка се предизвикува штета на стечајната маса на банката и на сите доверители кои очекуваат намирување на своите побарувања преку водење на стечајната постапка. Наведените државни органи се повикуваат на заштита на интересите на државата, а всушност, во основа, работат за заштита и форсирање на приватни интереси затскриени преку фирмата Прагматика која покажува претензии кон недвижниот имот за остварување на нејзини лични интереси и цели.
Имајќи ја во предвид генезата на овој случај, донесеното решение за привремена мерка на Основниот граѓански суд Гостивар само по себе претставува правен преседан, ретко виден или можен во правна држава и функционален правосуден систем. Ова решение треба и мора да биде под опсервација на домашните судски инстанци, а не само на повисокиот Апелационен суд Гостивар по повод поднесената жалба. Особено што ова е класичен пример каде под плаштот на заштита на државните интереси се прави обид за реализација на приватни цели на правни и физички лица.
Затоа, јавно ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата итно да го истражи случајот со цел да се спречи обидот за криминал и висока корупција уште во самиот зачеток. Јавно го повикуваме и Судскиот совет да ја испита стручноста и совесноста на судијата Илјаз Исмаили од Основниот граѓански суд Гостивар што го донел Решението за привремена мерка ВПП2-74/21 од 23.12.2021 година, но исто така да се позанимаваат и со работата на Шоип Фидани, Државниот правобранител за подрачјето на Гостивар.
Убедени во целосната незаконитост при постапувањето на Државниот правобранител за подрачјето на Гостивар и судијата на Основниот граѓански суд Гостивар, како и во незаконитоста на донесеното Решение за привремена мерка, го повикуваме Апелациониот суд Гостивар веднаш да се произнесе по поднесената жалба од Еуростандард банка во стечај, со цел да се спречи настанување на дополнителна штета и грабеж на веќе оштетените и ограбени депоненти, сега доверители во стечајната постапка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Добра вест: Штедачите од “Еуростандард банка” успеале…
Штедачите во пропаднатата „Еуростандард банка“ успеале да…
Дали државата се уште ќе ги штити…
До редакцијата на Инфомакс пристигна соопштение од…