Алиу: Немам информација дека овошјето и зеленчукот од Трубарево не треба да се јадат
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска изјави дека нема информација за забрана за консумирање на овошјето и зеленчукот од скопското село Трубарево, нагласувајќи дека првичните анализи по големиот пожар не покажале присуство на радиоактивност во водата и опасни тешки метали во почвата.
Министерот посочи дека Кризниот штаб досега нема добиено таква информација. Тој рече дека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ќе излезе со информации за елементите, а очекува и други институции да се вклучат и да бидат активни.
Според протоколите, рече Алиу, повторни мерења на почвата и водата ќе бидат направени по еден месец и по првиот дожд.
Во однос на здравствениот скрининг на граѓаните од Трубарево и околните населени места, Алиу информираше дека вкупно 18 лица кои поминале низ процедурите ќе продолжат со натамошни специјалистички прегледи на Клиниката за пулмологија.
Првиот ден на скринингот поминале 111 лица, од кои 11 се упатени на Пулмологија.
Вториот ден биле прегледани 103 граѓани, од кои седум ќе продолжат со лекарски процедури.
Според Алиу, скринингот бил добро прифатен од локалното население.
Тимовите од Клиниката за пулмологија информираат дека пациентите упатени на Клиниката имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите.
Скринингот вклучувал клинички преглед, како и мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет.
Во рамки на прегледите, детектирани биле и пациенти со висок крвен притисок, кои добиле совети веднаш да се обратат кај својот матичен лекар за дополнителни испитувања.
Министерот потенцираше дека ова не е завршна фаза, бидејќи скринингот според протоколите ќе се повтори уште двапати – по три и по шест месеци.
Дополнително, испратен е допис до институциите за сите пожарникари и вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) и Министерството за одбрана (МО) кои биле вклучени во гаснењето на пожарот, доколку почувствуваат некакви симптоми, веднаш да се јават во здравствените установи за прегледи.
Пожарот во објектот на фирмата „Ф-групација“ се случи на 13 септември. Гореше електричен и електронски отпад, поради што ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање неколку дена вршеше мерења на квалитетот на воздухот во Трубарево.
Црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
Примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажаа дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограми на кубен метар, а дозволената граница е 5.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алиу: Немам информација дека овошјето и зеленчукот…
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска изјави…
Америка во состојба на подготвеност: Сите генерали…
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет,…
(Видео) Толку ли мислат дека не се…
Земјо мила, овде започнува секоја приказна. Со…
Утре повторно „Марш за ангелите“ во Кочани
Утре во Кочани по 24-ти пат ќе…
Се сретна комисијата која Мицкоски требаше да…
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и…