Анита од Берово го победи туморот и сега е бремена: „Докторите ми предвидоа 8% шанси за живот“

t

„На 27 години се соочив со најлошата дијагноза. Мислев дека цел свет ми се сруши. Примив 6 циклуси на хемотерапија, а благодарение на здравството во Швајцарија, сум целосно излекувана и бремена 1 година по последната хемотерапија. Се борев да оздравам за да се остварам како мајка, бидејќи загубата на првото дете ја поднесовме многу тешко“ – раскажува за CRNOBELO.com Анита Имљаков, која ја победи најтешката битка и е на пат да стане мајка. 

Анита Имљаков (28) од Берово веќе 3 години живее и работи во Швајцарија заедно со сопругот кого го запознала на 16 години, а претходно живееле во Струмица.

Тие се заедно 12 години, а тој бил нејзина најголема поддршка во моментот кога се соочила со најтешката дијагноза и во борбата да излезе како победник.

Анита е вистинска инспирација, но и медицинско и божјо чудо, како што ја нарекувале докторите во Швајцарија.

Откако успеа да го победи реткиот вид на тумор кој ѝ го дијагностицирале на 27 години, таа сега, на 28 години, е во 5-тиот месец од бременоста и едвај чека да се оствари во улогата на мајка.

Каква дијагноза имаше и на колку години ја доби? Што ти кажаа докторите?

2 недели откако наполнив 27 години (06.09.2022) се соочив со најлошата дијагноза што може еден млад човек да ја добие.

Докторите во Швајцарија ми дијагностицираа многу редок вид на тумор (невроендокрин) на панкреас со метастази на црн дроб.

Тие ми ја кажаа најлошата прогноза. Од страна на лекарите, моите шанси за да преживеам беа само 8%, (ми кажаа дека сè што е во нивни раце ќе направат, сè друго е од Господ).

Се сеќаваш ли на моментот кога ја доби дијагнозата? Што правеше, како реагираше, што прво помисли?

После 2 недели во болница, по направени многубројни испитувања, ја добив точната дијагноза. На лекарите не им се веруваше што всушност се случува кај мене, бидејќи овој вид на тумор се јавува после 60-годишна возраст.

Во моментот кога ми ја кажаа дијагнозата со мене беа мојот сопруг и мојата помала сестра. Тоа беше најголем шок пред сè за мене, но и за мојата фамилија.

Мислев дека цел свет ми се сруши, бев полна со соништа и со живот, но мислев дека тие ми се последните денови. После загубата на првото дете, тоа ми дојде како втор удар.

Во тие моменти не сакав да ме прашува никој како сум, бидејќи не ми беше јасно како може на 27-годишна возраст да се соочувам со таква тешка болест и со сите предизвици што доаѓаат после дијагнозата.

Во текот на лекувањето мислев дека тоа е само лош сон, дека ќе се разбудам и повторно ќе бидам здрава.

Какви симптоми имаше? Како ти ја открија дијагнозата?

Неколку месеци пред да ми ја откријат болеста се чувствував многу изнемоштено, мислев дека тоа ми е од работата и не обрнував внимание на тоа.

По кратко време кожата почна да ми станува црна, а очите да ми пожолтуваат, имав екстремно чешање на стапалата, почнав да губам апетит и да имам проблеми со варењето на храната.

Имав болки во желудникот, ми отекуваше стомакот, но првичната причина поради која отидов на лекар беа болки во долниот дел на стомакот.

На почетокот лекарите мислеа дека имам цироза на црниот дроб и ме прашуваа дали консумирам многу алкохол.

По многубројни испитувања (MRI, CT, PET-SCAN, биопсија на црн дроб, гастроскопија и снимање на срце) ми ја открија точната дијагноза – невроендокрин тумор на панкреас со метастази на црн дроб.

Каков беше процесот на лекување? Низ какви терапии и предизвици помина? Имаше ли некои негативни ефекти?

После сите испитувања што се направија и комплицираноста на туморот, операција не беше возможна, затоа веднаш почнав со хемотерапија (истиот ден кога ми ја вградија портата, преку која примав хемотерапија).

Примив 6 циклуси на хемотерапија, еден циклус траеше 3 дена, од кои првиот ден земав 2 лека (carboplatin, etopopfs) и траеше околу 4 часа, а вториот и третиот ден земав еден лек и траеше 30 минути.

После првиот циклус на терапија имав многу болки, почна да ми паѓа косата (иако знаев дека тоа ќе се случи и на некој начин бев психички подготвена, сепак тоа ми беше еден од најтешките моменти).

Веќе после вториот циклус на терапија јас се чувствував многу подобро, ми се врати енергијата, се вратив во живот.

После четвртиот циклус на терапија ми правеа pet-scan, каде што се виде дека повеќе немам тумор на панкреасот и имав останато уште многу малку метастази на црн дроб.

На мојот онколог не му се веруваше што гледа и што се случува со мене и ми велеше дека сум медицинско и божјо чудо.

После тоа примив уште два циклуса на терапија и излегов како победник на болеста.

Што ти беше најтешко во тие моменти? Како се справуваше со целата ситуација?

На почетокот ми беше многу тешко да се соочам со вистината, дека на 27 години треба да водам битка со најтешката болест.

Но сепак бев многу силна психички, сакав што побрзо да заврши целата таа голгота и да се вратам во нормален живот.

Кој ти беше најголема поддршка? Како реагираа блиските на дијагнозата? Дали повеќе сама ја водеше битката или ја споделуваше состојбата со познаниците?

Најголема поддршка ми беше сопругот, мојата фамилија и најблиските пријатели. Јас гледав дека сите се многу загрижени, но им кажав дека не сакам да гледам слабост и сожалување во нив.

Не бев некоја која нонстоп се жали и зборува за болеста. На почетокот кога дознав за болеста не кажував на никој, но сепак лошите вести се шират брзо и секојдневно ми стигаа пораки за поддршка.

Со тоа видов дека така станувам уште посилна и дека има многу луѓе кои ме сакаат и им значам. Станував сè посилна и добивав уште поголема желба за борба.

Кога и како дозна дека си бремена? Дали забремени по природен пат и колку време по дијагнозата/излекувањето?

Бременоста не беше воопшто очекувана, тоа беше најголемото изненадување за нас.

Сè се случи спонтано и не ми се веруваше дека за само 10 месеци откако ја победив болеста, останав трудна по природен пат.

Како што сите убави вести ги добивав на убави празници, така и веста за бременоста ја добив ден пред Божиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Два земјотреси во две минути во Делчево…

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, на…

АЛАРМ во Судскиот совет! Никој не се…

На огласот за избор на претседатели на…

Да му помогнеме на малиот Мартин кој…

Почитувани читатели на Инфомакс, ве замолуваме доколку…

Анита од Берово го победи туморот и…

„На 27 години се соочив со најлошата…

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба…

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе…