Апсење во Црна Гора: “Падна” специјалнот обвинител Чаѓеновиќ во случајот “државен удар”
Специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ денеска е уапсен под сомнение за создавање криминална организација и злоупотреба на службената положба, соопшти Државното обвинителство на Црна Гора.
Чаѓеновиќ е третиот висок претставник на судството кој е уапсен во последните девет месеци во Црна Гора. Во април беше уапсена поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, а во мај претседателот на Стопанскиот суд во Подгорица, Блажо Јованиќ. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.
Во краткото соопштение од Специјалното обвинителство се вели дека Чаѓеновиќ е осомничен за „сторено кривично дело создавање злосторничка организација и повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба“ од средината на 2020 година до 2022 година.
Специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ на црногорската јавност и е познат по судењето за „државен удар“ воден од 2017 година во Вишиот суд во Подгорица, кога меѓу обвинетите имаше руски и српски државјани и лидерите на прорускиот Демократски фронт Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ.
Обвинението го поднесе Чаѓеновиќ заедно со тогашниот главен специјален обвинител Миливој Катниќ. Во 2019 година, Вишиот суд првостепено ги осуди обвинетите, но Апелациониот суд подоцна ја укина таа пресуда и го врати судењето на почеток.
Обвинителот Чаѓеновиќ и во повторената постапка продолжи да ја застапува тужбата против обвинетите во случајот „државен удар“.