Армиите од Вардар до Триглав следната година ќе одвојат околу 1,8 милијарди евра за оружје
Трендовите за вооружување што се сега актуелни особено по Украина а од неодамна и со конфликтите на Блискиот Исток за кои се верува дека ги зголемуваат шансите за избивање на скапи војни со потенцијал за ескалација, не го одминуваат ниту Балканот и Македонија.
Имено, земјите од поранешна Југославија во 2025 година ќе одвојат околу 1,8 милијарди евра за ново вооружување. Од наведената сума Србија издвојува речиси една милијарда евра, што е најлогично бидејќи е најголема и најнаселена, а има и најголема војска. Добар дел од вкупната бројка оди за отплата на авионите Рафал што Србија но и Хрватска ги купија изминатиот период, како и за ракетните системи кои овие две земји ги набавија неодамна.
Како што пишува порталот „Балканска безбедносна мрежа“ екс-ју државите меѓу кои е и Македонија при набавката на оружје, најмногу ќе инвестираат во муниција и други техники за воени потреби.
За Србија Рафал авионите се најголем издаток во буџетот
Па така според реномираниот портал кој се бави со безбедносни теми вели дека Србија во следните дванаесет месеци ќе издвои 971 милион евра, за набавка на материјално-технички средства за различни намени. Засега како што наведува порталот во српскиот буџет нема информации што се набавува, освен дека била прецизирана втората рата за 12 борбени авиони Рафал во вредност од над 470 милиони евра.
Сосема е сигурно дека добар дел односно 319,6 милиони евра ќе мора да се земат предвид за свежата нарачка на израелското оружје кое Србија го нарача односно за повеќецевните ракетни фрлачи „PULS“ и беспилотни летала Хермес 900. Порталот наведува дека остатокот се плаќања за претходни договори на пример за кинескиот ракетен систем за воздушна одбрана HQ-17AE и домашна опрема од автоматски пушки М-19, самоодните хаубици Нора-Б52 и како и за борбените возила на семејствата Лазар и Милош итн.
Хрватска по Рафалите, се одлучи за скапиот германски тенк Леопард
Следна на листата земји од регионот кои следната година ќе трошат на оружје е и Хрватска. Имено Загреб потроши повеќе од 245 милиони евра специјално за воена опрема и други трошоци за набавка на материјално-технички средства. Тесно дефинирано, за воена опрема се планирани 232,8 милиони евра од кои најголема сума ќе одат за набавката на германските Леопард 2А8 тенкови.
На прво место на листата по трошоци е иницирањето на набавка на основен борбен тенк за хрватската армија од Германија. Па така во следната година за таа намена ќе се потрошат 144,9 милиони евра. Процедурата најпрво ќе започне од страна на германското Министерство за одбрана каде треба да му ја достави сумата на хрватското Министерство за одбрана што треба да ја доплати во замена за 30-те тенкови М-84 и 30-те пешадиски борбени возила М-80 кои ќе одат на украинската армија. Потоа од буџетот за 2026 и 2027 година Хрватска ќе и плати на Германија 145,1 односно 390,1 милиони евра за тенковите.
Македонската армијата во исчекување на „Страјкер“
Македонските амбиции во однос на модернизацијата во наредната година ќе чинат околу 140,69 милиони евра, наведува порталот. На списокот на воена опрема што се плаќа преку повеќегодишни програми се борбените возила JLTV и Страјкер (Stryker) од американско производство чија испорака е во тек, четири италијански хеликоптери AW149 и четири AW169M (планирана испорака во 2026-2028 година), турски хаубици Боран од 105 мм.
Во исто време според планот за модернизација и опремување на армијата во периодот 2019 – 2032 година се очекува скорешни набавки во речиси сите родови на армијата при тоа оружјето да го задоволува НАТО стандардот на вооружување.
АРМ ќе набави 54 оклопни возила „Страјкер“, кое го произведува фирмата „Џенерал Дајнамикс“ / Извор CONSERVATIVE.mk
Меѓу најзначајните набавки е купувањето на 8 повеќенаменски воени хеликоптери од западно производство, кои ќе ги заменат 12-те хеликоптери Ми-24 кои ѝ беа донирани на Украина, а кои со години не беа во функција. Дополнително ќе се набавуваат, хеликоптери, борбени оклопни возила и модерни противвоздушни системи за одбрана како и најразлично пешадиско оружје. Преку овој развоен „долгорочен план 2022-2023 година“ ќе се изврши модернизација и опремување на армијата со кој во континуитет се менува ликот на армијата и ќе се зголемува нејзината борбена готовност.
Од она што наскоро се очекува да пристигне во земјава е првиот дел од контигентот на вкупно 54 оклопни возила од типот „Страјкер“ (Stryker Infantry carrier vehicle), кое го произведува фирмата „Џенерал Дајнамикс“, а чија набавка уште во 2020 г. ја потврди и Defense Security Cooperation Agency. Иако постојат многу верзии специјализирани за разни задачи, овие возила ќе дојдат во три варијатни и тоа: командни возила, минофрлачка верзија и основен оклопен транспортер.
Црна Гора ја зајакнува морнарицата
Понатаму Црна Гора направи важна набавка на оружје а таа главно се плаќа преку заеми. Па така во буџетот за одбрана за 2025 година на оваа земја се предвидени и скромни 7,4 милиони евра за модернизација и инфраструктура. Државната каса ќе покрие дел од трошоците за набавка на два патролни чамци од Франција за 120 милиони евра според договорот потпишан во ноември годинава.
Во наредната година се планира да се земе заем од 75 милиони евра за набавка на оружје и до 50 милиони евра за два хеликоптери.
Американски противтенковски системи во БиХ
Сложеното државно уредување е пречка за поширок консензус во Босна и Херцеговина меѓу сите ентитети во општеството за набавка на оружје. Сепак во некаде на крајот од минатата година беше постигната согласност за набавка на воена опрема од САД. Според началникот на штабот на заедничките вооружени сили на Босна и Херцеговина Сенад Машовиќ, договорена е набавка на противтенковски системи „Џавелин”. Претставници на БиХ и САД разговарале и за набавка на системи за противвоздушна одбрана и ракети со краток и среден дострел.
Набавката на „Бајрактар” во Албанија пред реализација?
Во Албанија последниов период е актуелна набавката на шест дронови Бајрактар кој Албанија треба да ги набави од Туркије. Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека при неговата последна посета на Туркије се разговарало за купување на дроновите. За шесте беспилотни летала Албанија ќе плати шест милиони евра. Дроновите би требало да имаат повеќекратна намена односно следење лица по кои се трага и контрола на територијата на државата.
Набавка од девет милиони евра во Косово
Најмладата европска држава Косово планира да потроши околу девет милиони евра, средства кои ќе бидат наменети за вооружување во Косово, главно за граничната полиција. Пред извесен период беше набавено оружје во вредност од 1,6 милиони евра, оклопни возила, водени топови и блиндирани лимузини во вредност од 7,1 милиони евра, како и специјализирана опрема вредна 280.000 евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Двајца осудени за 27 април побарале помилување
Дел од обвинетите за организирањето на упадот…
Касами со албанско знаме го пречека таткото…
Градоначалникот на Тетово Билал Касами Денес во…
Спасовски за говорот на претседателката Сиљановска-Давкова: „Не…
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за…
Мециновиќ: Давкова да престане да биде „министер…
Морам да напоменам дека обраќањето не беше…
Мицкоски најави проширување на истрагата за „Државна…
Истрагата за државната „Лотарија“ се проширува. Злоупотребите…