А, судиите кога ќе ги судиме?

t

Мислам дека најголемиот проблем кој го имаа оваа држава е експертизата по сештологија. Речиси и да нема човек во државава кој не е примариус доктор или академик по сештологија. Има новинари, политичари, експерти, доктори, стоматолози, таксисти, автомеханичари, шофери, земјоделци кои освен нивната работа, ги знаат и сите други работи.

Сите се политичари, судии, хирурзи, филозофи. Нема што нема, и на крајот ништо.

Таков е и случајот со проблемот со довербата во судството. Или подобро да се изразам, со недовербата во судството од 4% – водечки резултат во сеопштата недоверба кон институциите, а со тоа и кон државата. А, и како би имале доверба во судот, владата, претседателот, полицијата…сите овие се поголеми сештолози од сите други.

Не сакав да навлегувам во коментари на судски одлуки, и тоа не поради некакви принципиелности, во смисла на тоа дека не би требало да коментирам такви одлуки – напротив, како новинар го имам секое право да коментирам, но сметав дека не треба да додавам кака на какафонијата која ја предизвикаа горенаведените сештолози.

Во последно време се погласна станува оваа какафонија во која секој дава свои коментари и забелешки, кои и не се така голем проблем, народот има право на сопствено мислење – проблематично е кога институциите си дозволуваат да коментираат судски одлуки, па оттука се обидуваат и да наметнат јавен дискурс за тоа како некој судија треба да ги цени доказите, како да одлучува и како да пресуди. Така, правна држава во која владеењето на правото е врвен принцип нема да добиеме. На овој начин, добиваме заробена држава во која претседателот на државата може на телевизија да си нарача пресуда.

Додуша, Пендаровски не си прави нарачка на пресуди само преку телевизија, може и по телефон. Еве на пример, ајде да го провериме, во една транспарентна процедура телефонот на претседателката на судскиот совет Весна Дамчевска, па да видиме кој и кога и се јавувал и дали си нарачувал некакви одлуки.

Замислете си држава во која претседателот е подготвен да врши притисок врз судии да испратат некого во затвор, без докази, само за тој да може да го оправда неговиот политички маркетинг. Како ви изгледа таква држава? Како земја од Европскиот континент, или можеби како модус операнди на некој мексикански нарко картел во кој шефот си нарачува како да му пресудат на неговиот грешник?

„Титаник 2“

Последно во серијата каки во какафонијата на најразлични „новинари“, политичари и разноразни експерти по сештологија се и коментарите за пресудата на Апелациониот суд со кој предметот „Титаник 2“ се враќа на повторно судење пред Основниот суд, кој, според пресудата на второстепениот суд не само што е неодржлива, туку е и спротивна на закон, со што пак се отвара и можноста за одговорност на судијата кој донел ваква пресуда.
Арно ама, за Огнен Ставрев некако ги нема овие „експерти“ по право да бараат одговорност за неговото постапување, кое во суштина е проблематично и на крајот ќе доведе до ситуаицја предметот да застари поради неговото незаконско постапување.

Токму судијата Ставрев, ќе биде единствен виновен за застарувањето на предметот – и не затоа што тој е благонаклонет кон Мијалков или Мендух Тачи, туку затоа што ја компромитирал судската постапка. Донел осудителна одлука која не е базирана на факти и докази, поради што пак Апелација мора да ја врати назад на повторно одлучување. Ова пак, одзема време што на крајот ќе резултира со застареност на делото и неможност за постапување.

Второто сценарио пак подразбира дека судијата Огнен Ставрев бил свесен дека не може да добие правосилност на осудителна пресуда, односно, дека поради недостаток на факти и докази ќе мора да ги ослободи обвинетите во предметот, но тоа би значело дека тој – син на комунистички лидер и претседател на градска скупштина – ослободил „небањат вмровец“, па се одлучува на варијанта да изрече осудителна пресуда, која ќе ја укине Апелација, со што свесно го прекршил законот.

Докази во „Титаник 2“

Сештолозите, особено оние мои колеги кои се уште ја немаат прочитано пресудата, или пак имале увид во постапката, ќе ги упатам внимателно да го прочитаат текстот кој следи.

На 4.номеври 2019 година Апелациониот суд во состав на судиите Зоран Димитриевски, Тања Милева, Енвер Беџети, Лирие Елези Ајрулау и Гордана Сајковска донел пресуда со која ги уважува жалбите на обвинетите Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Сашо Мијалков, Влатко Сајковски, Сашо Срцев, Анета Стефановска.

Со оваа одлука Апелациониот суд ја поништил одлуката на судијата Огнен Ставрев од Основниот суд во Скопје и го вратил предметот на повторно одлучување поради сторени суштински повреди на постапката.

Под суштински повреди на постапка се подразбира следното:

– Судот ги разгледа жалбените наводи за сторена суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка по член 415 став 1 точка 11 од Законот за кривична постапка, па оцени дека истите се основани со оглед да обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во односн на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата е нејасна и неразбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоењето на предметните кривични дела и кривичната одговорност на страна на обвинетите, а тие што се изложени како причини од кои се раководел судот (Основниот) во примена на материјалното право, се во целост противречни на содржината на изведените и позитивно ценети докази, се вели во воведот на диспозитивот на одлуката на Апелациониот суд.

Ова во превод значи дека одлуката која ја донел Огнен Ставрев со која се осудуваат погоренаведените, нема никаква основа, правна, законска, логична, морална или етичка.

Или да бидам најбрутален – пресудата е неписмена.

Внимавајте, Огнен Ставрев како судија во Основен суд донел пресуда со која ги осудува погоренаведените дека сториле кривично дело против изборите бидејќи Сашо Мијалков му се јавил на Мендух Тачи од кого барал да му се јави на Бедредин Ибраими – тогаш член на ДИК – од кого побарал да се гласа ЗА прегласување на избирачко место 1727 во Струмица бидејќи таму има приговор од избирачкиот одбор за констатирана изборна неправилност.
Со ова, според обвинението на СЈО кое потоа го превзема ОЈО, Мијалков се стекнал со награда која била – внимавајте добро – давање можност на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев да учествува на изборите, кои патем кажано по прегласувањето ги загуби.

Верувам, немате слушнато поголема небулоза од ова, но верувајте, има повеќе. Еве ќе цитирам уште еден параграф од пресудата на Апелација:

– Имено, видно од образложението на обжалената предсуда, првостепениот суд од приговорот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, УП1 бр.11-403/1 за поништување на гласањето на избирачкото место 1727 за избор на градоначалник на општина Струмица, утврдил дека според приговорот не било спроведено гласањето на начин утврден со Изборниот законик, односно имало несогласување на бројот на гласачи кои гласале со бројот на гласачки ливчиња во кутијата, стои во диспозитивот на пресудата на Апелациониот суд со кој ја поништува првостепената одлука на Основниот суд по предметот „Титаник 2“.

Замислете, не само што ДИК донеле одлука за прегласување на гласачкото место 1727 и тоа со 4 гласа ЗА и 3 ПРОТИВ, туку и Управниот суд (УП) по жалба на СДСМ донеле одлука со која ја потврдуваат одлуката на ДИК и носат решение за прегласување на тоа гласачко место.

Инаку, на тоа гласачко место од страна на член на СДСМ било констатирано дека имало случај на гласање за друг, поради што при пребројувањето на гласовите имало едно ливче помалку во избирачката кутија од бројот на регистрирани гласачи кои тој ден гласале.

Оваа технологија на гласање, популарно се нарекува „бугарски воз“.

По донесувањето на одлуката на Управниот суд, членовите на ДИК гласале со акламација, или сите седумина членови распишале прегласување на избирачкото место 1727.

Е сега, Огнен Ставрев, иако ги знаел овие факти и докази – сведочел дури и Борис Кондарко – донел пресуда со која ја попречил правдата на начин што, пресудата не е заснована врз докази, поради што знаел дека истата ќе биде вратена на повторно одлучување и тоа по истекувањето на рокот за одговорност по ова кривично дело со што обвинетите нема да може да бидат процесуирани, а судјиата нема да мора да има во својата бигорафија „флека“ дека тој ослободил „вмровци“.

Мизерно, нели?

Ставрев одел дотаму, што во неговата пресуда ја ценел и одлуката на Управниот суд, наметнувајќи им кривична одговорност дури и на судиите кои ја потврдиле одлуката на ДИК за прегласување иако тие не биле обвинети во овој предмет. За ова дури и Апелациониот суд дава забелешка и упатува на непрофесионалноста и незаконитоста на ваквото постапување:

– Исто така основано се истакнува во изјавените жалби дека првостепениот суд (Основниот) неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност и за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка. Ова од причина што првостепениот суд во изреката на обжалената пресуда и утврдената фактичка состојба неосновано прифатил и декал лицата Билјана Никодиновска Петровска, Лидија Ивановска, Благродна Аранѓелова, Анета Џигерова и Газменд Фејзуљи – судии во Управниот суд, имаат кривична одговорност… – се вели во пресудата на Апелациониот суд против пресудата на судијата Огнен Ставрев од Основниот суд во Скопје.

Лудаци, a?

Одговорност?

Е сега, на крајот на овој текст да прашам – како ќе ја вратиме довербата во судството? Претседателот? Владата? Полицијата? Или било која друга институција?

Како да верува обичниот човек дека во оваа држава има веродостојни новинари кои не се само сталаци за микрофон или обични пропагандисти кои благе везе немаат со материјата, но тресат тоа што им е нарачано?

Како да имаме доверба во суд во кој судија е Огнен Ставрев, кој одлуките ги носи базирано на неговата идеологија и омраза кон се што не е на линија со неговата комунистичка идеја?

Како да имаме доверба дека постои Претседател на држава кој нема да се меша во судски одлуки? – Патем кажано, претседателот Стево Пендаровски на прашање како ќе ја коментира одлуката на грчките судови за укинување на Македонскиот клуб за зачувување на македонскиот јазик во Лерин, ни одговори дека тој не коментирал судски одлуки.
Ако е така, зошто тогаш две недели вршеше притисок врз судиите преку медиумите за пресудата на Апелација за „Таргет“ и „Тврдина“? Зошто ги коментираше тие одлуки?

Зошто ги коментираше одлуките за 27.април?
Зошто ги коментираше одлуките за „Монструм“?

Ќе го. поучат ли неговите советници – едниот асистен ми беше на Правниот факултет „Јустинија Први“ – дека за вршење на притисок врз суд постои и кривична одговорност?

На крајот, да завршам со цитат од професорот Калајџиев кој најописно ги коментираше овие сештолози:

– Ова е супер тест политичарите да покажат колку се правно неписмени и политички аналфабети и аматери!Коментираат судски одлуки кои не ги виделе. Правните советници што скапо ги плаќаат да ги вратат парите. Судските постапки не се спортски натпревар во кои навиваш за своите. Судските постапки се дизајнирани да ги тестираат доказити и само така може да ја легитимираат казната. Се’ морони се на функции, а јавноста секогаш е фрустрирана, заклучува Калајџиев.

А.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Апелација го пушти Незири на слобода

Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста,…

Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието на…

Претседателот Стево Пендаровски, утре, 19 декември 2023…

Пендаровски испратил порака до кабинетот на Ердоган…

Претседателот Стево Пендаровски во текот на вчерашниот…

Монструозно: Таткото на Вања направи ЛАЈК со…

Таткото на Вања попладнево e донесен во…

Судот на ЕУ ја одобри забраната за…

Владините канцеларии можат да забранат верско облекување,…