Бате, бате, не не брани повеќе

Кочи Христијане и престани да не браниш веќе. Од најповластена нација на САД, стигнавме до 33% царина за македонски производи во САД. Ете тоа е резултатот од историските посети на Мицкоски и свитата му на САД и најисториски најблиското доближување до Трамп. И тоа Христијане успеа да го направиш со само три одења во САД. А да појдеш и четврти пат па да ни опнат царини од 44%. Јас да сум на место на Собранието на Македонија ќе му забранам на Мицкоски да оди во САД. Чисто за да не заштити од одбраната која Христијан толку самопожртвувано ја прави за Македонија и за сите нас. Што е сигурно, сигурно е! А, да му текне уште три пати годинава да тркне до САД да се види со другар му Крис или со нашата дијаспора и настрадавме, отидовме на 66%. Не ни помага ниту преговарачката вештина на Тимчо статива со Рубио, онака од нога во Брисел како гооолем дострел на нашата дипломатија. А бе, ај. Што би рекле: „Мижи Митро, тулумби паѓаат“. И веќе еднаш ви кажав дека нашата основна цел треба да биде членството во ЕУ и еве сега ЕУ доби 20% царини од САД, но и на тоа реагираат остро европјаните. Нашата економија е врзана за Европската не со онаа на САД, но кому тоа да му го објасниш, на политички и економски дустабанлии?
Е Мицкоски, кога ти велев дека ти и Тимчо статива се однесувате во меѓународната политика како слон во стаклара, вие мајтап си игравте. Ти велев и дека несмееш да бидеш како Заев, ама ти го надмина и по трескањето глупости и по политичката неписменост (дали само политичката?), но и по дволичноста и лагите најмногу. За волја на вистината не сте вие виновни, виновни се тие кој ви поверуваа во вашите епски лаги а всушност епска неспособност лична и професионална, а не пак држава да водите. Тимчо ништо не направи во општина Аеродром па стана министер за надворешни работи, а Мицкоски еден научен труд или универзитетски учебник нема напишано, а стана редовен професор и тоа доживотен (барем според веб-страната на Машински факултет, сите пет скрипти и учебни помагала му се со Иван Мицкоски, а скрипта не е учебник – за неупатените). А за избор во звање редовен професор се бара барем еден универзитетски учебник во областа и тоа е само еден услов без кој некој (освен Мицкоски) не може да биде избран од вонреден професор во наставно-научно звање редовен професор. И тука завршува се. Затоа, не е виновен Мицкоски, погледнете се драги мои сопартијци во огледало, чисто да видите дали ви пораснале ушите.
Оттука и прашањата за партиско, по „мерит“ систем вработување кое го чекате, ќе ви го решава кадровата комисијата на чие чело е познатиот Ташаминов. Дечкото кој на сите ви се к..чи дека е фаца, дури и обраќајќи ви се со викање на телефон (ова викањето по телефон и заканите како колективна мантра на нашите функционери да им е), но од еден поранешен наш министер и партиски функционер и тој и Антонијо бегаат како „ѓавол од крст“. А зошто ли Ташаминов бега од поранешниот министер? За Антонио знам. И затоа ли Мицкоски не го сака поранешниот министер како и мнозина наши сопартијци поранешни функционери? Затоа што не се корумпирани и што не може да ги компромитира? Затоа ли што имаат интегритет и професионален кредибилитет? Затоа што имаат знаење, реално образование и почитуваат луѓе со знаење и работливост, луѓе од збор? Затоа што се идеолошки докажани членови на ВМРО-ДПМНЕ? Затоа ли што се плаши дека тие луѓе за кратко во партијата ќе го засенат неговиот сомнителен интелект како, а посебно на оние лојалните клиентелисти околу него? Токму затоа. И видете, сите ние кои сме на маргините во нашата партија и кои претрпевме многу од СДС, но не успеаја да не урнат пред се затоа што немаме сторено никакво кривично дело или прекршување на законот, и образованието ни е легално и стекнато со знаење, сега повторно поради нашиот внатрепартиски став спротивен на политиките на Мицкоски, доживуваме тортура и напади во професионалното опкружување. Тоа не е одлика на ВМРО, а посебно покажува колку Мицкоски со неговото раководство немаат демократски капацитет, но и личен интегритет да признаат дека погрешиле во нивните политики иако беа предупредени за грешките и тоа во најдобра намера од државен и партиски интерес. Највисоко достигнување им е мигот кога јавно ќе им дадеме некоја идеја која невешто ќе ја копираат во некој говор, а всушност ниту ја разбираат ниту пак знаат да ја спроведат.
Сега Мицкоски повторно повикува на обединување. Го прави тоа јавно преку медиумите, слично како што јавно повика од Собраниска говорница пред малку повеќе од еден месец дека е подготвен да разговара со секого за стратешките политики на Македонија. И тогаш јавно му напишав дека како Внатрепартиска фракција подготвени сме да разговараме, но тој ги пушти неговите медиумски загари кои откако добија соодветен одговор исчезнаа. Еве и сега повторно во име на Внатрепартиската фракција јавно му велам дека ќе се обединиме иако никогаш и не сме биле надвор од ВМРО-ДПМНЕ колку и тој да не сакаше да не гледа. Но за да се „обединиме“ во ставовите и политиките, еве му добра можност да разговара со нас. Нека каже време и место и секако колкумина поддржувачи од Внатрепартиската фракција да дојдат на разговорите за обединување. Впрочем, Христијан не ти беше тешко да разговараш со некои кои ја напуштија партијата и на кој како на партнери доообро им се одолжи и им се одолжуваш на грбот на нашите сопартијци, но те разбираме најтешко е да разговараш со своите а посебно доколку тоа не го прават заради лукративни цели, туку заради идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ и членството.
И токму затоа Мицкоски освен ПР ништо друго не го интересира. Личен ПР и обиди за компромитација на луѓе кои му претставуваат закана врз неговата светост, нивно маргинализирање во партијата, па дури и обиди за мешање во професијата што со закон му е забрането и нему и на неговите клиентелисти. Но за овие мешања и против законски дејанија во друга колумна. Засега, ве молам да не заборавите на ветувањата на Мицкоски дека за неколку недели ќе имаме договор за слободна трговија со САД или во Мај ќе имаме голема (веројатно робусна) инвестиција на моќна европска држава во македонското здравство (знаеме и од која држава и каков бизнис се крие). Да не заборавите, затоа што пак ќе нема ништо од тоа, секако празни зборови на Мицкоски бидејќи ниту САД ќе прифатат договор за слободна трговија, ниту пак странската бизнис групација во здравството ќе влезе во Македонија на несигурен терен. Такви инвестиции „робусни“ се прават со меѓудржавен договор. И пак ќе биде „бате, бате, не ме брани“!
Во оваа колумна сакав да напишам нешто за отпорноста и одбраната како клучна цел на државата Македонија заради нејзина одбрана и заштита, но и како клучна цел за остварување на обврските од стартегискиот концепт на НАТО. Во овој контекст е и заштитата и спасувањето во која област страшно потфрливме како држава и сметката скапо ја плативме, а како што може да забележам и понатаму ништо не правиме за да практично и темелно ја подобриме ситуацијата, освен ПР активности на поедини клиентелисти во трката за градоначалнички мандати и обидите за покривање на револтот за трагедијата во Кочани, ништо друго не гледаме.
И еве, најпрво професорски, пред се да може да ме разберат читателите од нашиот централен штаб кои ќе му прераскажуваат на Мицкоски, а секако и на Мисајловски. Патем, Кендо, доколку продолжиш да се однесуваш вака аутистично по прашања поврзани со одбраната, и не прифаќаш разговор на високо (пред се експертски и интелектуално) ниво по прашање на политиките во одбраната согласни со НАТО и ЕУ, ќе мора да ти се обратам со отворено писмо.
Е па мој партиски камаради, војната е општествен феномен, но војуваат државите, а војската – армијата води вооружена борба како специфичен облик на војната. Војната како општествена појава не се пројавува единствено во облик на вооружена борба. Во современото војување постои еден термин „бескрвни војни“, а тоа е поврзано со фактот дека при ваквите војни непријателот нема „борбен идентитет“. Токму затоа што војуваат државите, одбраната е во надлежност на државата. Бидејќи државата својот суверенитет го темели врз граѓаните, тоа значи дека граѓаните преку државата војуваат и тоа во сите облици на војната, или што би се рекло народски „на сите фронтови“. Оттука, одбраната се однесува на способноста на граѓаните за одбрана и во исто време тие граѓани да бидат отпорни на извори на загрозување. И затоа и одбранбениот концепт на НАТО од 2022 година како прво поглавје и основа ги земаат одбраната и отпорноста. При тоа се мисли на одбрана и отпорност на целото општество – државата.
Што се тоа извори на загрозување и какви може да бидат? Ова е прашање чие објаснување, а посебно дефинирањето на поимите би барало цела наставна тема, но накратко и повторно народски, извори на загрозување е се она што може да предизвика закана и претставува ризик по безбедноста на поединецот и општеството. И повторно прашања за определување на тоа што е ризик а што закана? Но нема да ги дефинираме, премногу е за колумна и повлекува научен дискурс кој не треба и не мора да е разбирлив за пошироката јавност.
Токму за пошироката македонска јавност од клучно значење е накратко да ја објасниме отпорноста и тука ќе се послужиме со едноставно објаснување.
Во контекст на НАТО отпорноста е поврзана со одбраната во најширок аспект, но само како дел од одбраната, воената и цивилната одбрана, но во однос на вооружената борба или армијата има сосема друг контекст. Во основа отпорноста е поврзана со нејзината изградба и одржување на сите нивоа и во сите аспекти.
Имено, отпорноста во заштитата и спасувањето значи дека граѓаните треба да бидат обучени за давање прва помош, за лична заштита, за учество во колективна заштита, за познавање на постапките и процедурите на работното место, во јавни простории, на отворено и во домовите. Ова се однесува на заштита, спасување, евакуација при разни видови на природни и техничко-технолошки загрозувања, како и граѓаните да ги познаваат знаците за известување и тревожење и постапките кои лично и колективно мора да ги спроведат, напоменувам МОРА да ги спроведат при вакви случувања. За тоа да се реализира, неопходно е граѓаните задолжително да бидат подложени на континуирани и плански обуки како лични така и колективни и да бидат извежбани во спроведување на постапките при несреќи и катастрофи.
Овие обуки за населението во заштита и спасување започнуваат од предшколска возраст и се спроведуваат во текот на целиот живот. Во оваа обука своја улога имаат образовните институции на прво место, а потоа и специјализираните установи и институции.
Отпорноста на населението не се однесува исклучиво и само на заштитата и спасувањето од несреќи и катастрофи или постапките на населението при воени напади, терористички напади или загрозувања на животот и имотот на населението. Таа се однесува подеднакво и на заштитата од дезинформации, сајбер напади, културолошки влијанија. Тоа се постигнува пред се со образование на населението за препознавање на дезинформации и влијанија, но најпрво низ процесот на образование и воспитание создавање на здрава нација и поединци кои може да ги препознаат штетните влијанија низ сајбер или медиумскиот простор, односно да поседуваат способност и интелектуален капацитет за критичко размислување,.
На крајот, отпорноста се гледа во превенцијата во однос на ризиците и заканите. Токму во способноста на поединецот да низ организациската способност на општеството и неговата обученост во кризни моменти и вонредни или воени состојби се мобилизира и постапува согласно законските прописи употребувајќи ги научените вештини за справување со ризиците и за правилно однесување во општеството. Однесување кое како отпорност е втемелено врз довербата во институциите на системот што всушност значи непоколеблива верба во крајната победа над непријателот или во справувањето со кризата. Тоа се нарекува градење отпорност и одбрана на општеството – државата.
Тоа што нашите политиканти во Македонија три децении намерно го загадуваа и девастираа овој простор и доведоа до заборавено знаење, веќе скапо и прескапо го плаќаме. Навистина „бате, бате, доста не браниш“! Ај зафати се со малку работа, како пауза од сликањето и глупавиот ПР. Може да започнеш најпрво со работа во партијата на идеолошко-организациска основа па да се обединуваме нели. При тоа, почни да применуваш навистина мерит систем и тоа најпрво во партија и паралелно во институциите на државата. И дисциплинирај си ги Мицкоски малку твоите клиентелисти, да не се закануваат по луѓе, да викаат на телефони, да се прават семоќни и да иритираат, и секако да не шмркаат веќе аман. Не се сеќирај нема да ги покажеме во јавност, не сме ние како оние од СДС што се местат помеѓу себе, ние во партија не водиме лични борби и не удираме ниско, ние во партија како Внатрепартиска фракција водиме идеолошко-политичка борба против твоите Христијан погрешни политики. Кон нашите сопартијци постапуваме чесно и во интерес на партијата и татковината, а не со намера лично да наштетуваме и уништуваме животи. Затоа и предупредуваме на девијантните појави, а и тоа е дел од градењето на отпорност.
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бате, бате, не не брани повеќе
Кочи Христијане и престани да не браниш…
Сопругата на еден од притворените членови на…
Мое жално Кочани Во оваа страшна трагедија…
Полска ги активираше своите и сојузничките авиони…
Полски и сојузнички авиони рано утринава беа…
Кина ги повика САД на „еднакви консултации“…
Кина вчера го повика Вашингтон на „еднакви…
(Видео) Лишено лице од прилепско кое пукаше…
На 05.04.2025 врз основа на споделен видеозапис…