БЕЛГИСКИ СУД: На 17 мај рочиште за случајот Фајзергејт за набавката на вакцини против Ковид-19, со кој се поврзува Фон дер Лајен
Основниот суд во белгискиот град Лиеж за 17 мај закажа рочиште во чии рамки ќе се одржи сослушување по кое ќе треба да одлучи дали истрагата за сомнежите за неправилности околу набавката на вакцини против Ковид-19 од американската компанија „Фајзер“ од страна на ЕУ е во надлежност на Јавното обвинителството на Белгија или на Канцеларијата на Европско јавно обвинителство (ЕППО).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за случај, кој во медиумите беше наречен „Фајзергејт“, со кој се поврзува актуелната претседателка на Европската комисија и главна фаворитка за реизбор на функцијата Урсула фон дер Лајен.
Случајот го обелодени „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година објавувајќи дека набавката на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за ЕУ, Фон дер Лајен ја договарала лично во разговор по мобилен телефон со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.
Врз основа на овие наводи, белгискиот активист и лобист специјализиран за трговски односи Фредерик Балдан лани во април поднесе тужба против Фон дер Лајен пред Судот во Лиеж обвинувајќи ја за „злоупотреба на функцијата и звањето“, „уништување на јавни документи“ и „незаконско богатење и корупција“. Дополнително кон тужбата се приклучија и десетина организации и поединци, но и две земји членки на ЕУ – Унгарија и Полска, кои во тоа време беа во спор со Фон дер Лајен, поради одлуката на Европската комисија да ја замрзне исплатата на средства од еврофондовите за нив.
Истрагата веднаш ја презеде Европското јавно обвинителство со образложение дека во негова надлежност се „нанесувањето штета на буџетот на ЕУ, случаи од наднационална природа, како и процеси кои веројатно ќе влијаат на угледот на институциите на ЕУ и довербата на граѓаните“.
Но, од друга страна се појави и спротивно мислење на белгиски истражен судија кој смета дека случајот треба да остане во надлежност на Јавното обвинителство на Белгија и иницираше паралелна истрага по наводите на национално ниво.
Согласно правилата на ЕУ, во случај на судски спор на институција на Унијата со земја членка „за одредување на јурисдикцијата треба да одлучат надлежните национални органи“.
Тоа во конкретниот случај значи дека Судот во Лиеж ќе треба да одлучи во чија надлежност ќе биде истрагата во понатамошната постапка на ЕППО или белгиското Јавно обвинителство. Се очекува на сослушувањето двете страни да изнесат аргументира која од нив треба да биде надлежна за истрагата. По ова, Судот ќе треба да оцени која од двете истраги е законска и треба да продолжи, а која треба да биде прекината.
Инаку ова не е прва правна постапка поврзана со т.н. скандал „Фајзергеј“. Истрага спроведе и Омбудсманот на ЕУ, кој во јуни 2022 година оцени дека станува збор за случај на „лошо администрирање“, додека „Њујорк Тајмс“ во февруари годинава покрена процес пред Судот на правдата на ЕУ.
Сослушувањето во Судот во Лиеж доаѓа на 20-тина дена пред изборите за членови на Европскиот парламент, на кои Фон дер Лајен е т.н. „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП), односно кандидат за втор мандат на чело на Еврокомисијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучевиќ е позитивен на Корона, пред неколку…
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ е позитивен…
Бајден позитивен на Ковид
Претседателот на САД, Џо Бајден, се тестираше…
Грчките здравствени власти предупредуваат на наглото зголемување…
Властите во Грција предупредуваат на зголемено ширење…
БЕЛГИСКИ СУД: На 17 мај рочиште за…
Основниот суд во белгискиот град Лиеж за…
Превентивни мерки против Ковид-19 во грчките училишта
По зимскиот распуст поради новогодишните и божиќните…