Беса Адеми го понижи Судскиот совет и покажа дека довербата во судството може дополнително да тоне со судии како неа
Анархија е политичка состојба која подразбира отсуство на авторитет, а истата може да се изедначи со неред и беззаконие.
Кога ваквиот хаос го промовира и протежира претседателот на највисокиот суд, тогаш јасно е зошто веќе ниту еден граѓанин нема доверба во судството и не очекува правда.
Согласно закон и Устав, Судскиот совет ја обезбедува и гарантира независноста и самостојноста на судската власт и оневозможува политичко влијание во судството.
Токму Судскиот совет ја повика вчера претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за да ги расчисти дилемите околу наводните политички притисоци, но таа одлучи дека и е поважно да се сретне со невладина организација и да покаже дека таа е над законот и за неа тој не важи.
Беса Адеми со бесмисленото образложение го понижи Судскиот совет и испрати порака дека тој не е авторитет за неа и дека таа не почитува никаков систем, оставајќи пример и за останатите судии да не го почитуваат авотритетот ниту на советот, ниту на судиите од повисокиот суд.
Дали тоа беше целта на нејзиниот вчерашен чекор или пак стануваше збор за панична реакција за да не се разоткрие дали лажела заради политички причини во неодамнешното интервју, знае единствено таа самата.
Судскиот совет вчера не презеде мерки кон Адеми за еклатантното и недозволиво непочитување кон институцијата.
-Мое видување е дека во писмото се лични ставови на Адеми за состојбата. Нужно и неопходно е да дојде Адеми доколку има политички влијанија врз судиите во Врховниот суд. Ја охрабрувам и испраќам порака до судиите доколку имаат влијанија или чувствуваат притисоци дека им стоиме на располагање и да им обезбедиме заштита од ваквите влијанија и притисоци. Кривично дело е лице да врши влијание или присила на судија или работник во суд и тоа е пропишано во Кривичниот законик“, изјави Сашко Георгиев, претседател на Судски Совет.
Со сличен став е и неговиот колега во советот Ивица Николовски кој посочи „ До овој момент не само од судии туку и од граѓани ни пристигнуваат поднесоци и претставки но не наидуваме на информации дека некој им врши притисок и доколку има такви информации и сознанија ние ќе постапуваме“.
Паниката кај Беса Адеми беше иницирана со барањето Врховниот суд да заземе начелен став по аболициите на Претседателот Ѓорге Иванов. За разлика од еминентни правници и професори, Адеми се исплаши од дискусија во Врховниот суд за прашањето и „од ракав“, надвор од секаква процедура, сама си заклучи дека аболициите биле ништавни.
Веднаш потоа бројни правници и реплицираа, а една од нив образложи дека доктрината ултра вирес може да се докажува во постапката пред Уставниот суд, а не вака од улица со теоретски доктрини да се прогласува дејствие или акт на орган воспоставен со Уставот за ништовен или неважечки. Со членот 59, од Деловникот на Уставниот суд, според правничката е пропишано дека Постапката за утврдување на одговорноста на Претседателот на Републиката за кршење на Уставот и законот се смета за поведена од денот на поднесување на предлогот од Собранието на Република Македонија. Предлогот содржи опис, како и докази за повредата на Уставот и на законот која му се става на товар на Претседателот на Република Македонија. Уставниот суд ќе побара мислење од Претседателот на Републиката за наводите од предлогот на Собранието на Република Македонија. Во постапката пред Судот за утврдување на одговорноста учествува и Претседателот на Републиката. Откако ќе ја докаже својата доктрина и тврдење подносителот, а Уставниот суд ќе потврди дека има повреда на Уставот и на законот, само тогаш може да тврди дека правната работа, односно акт е ништовен и неважечки.
Грчкиот Врховен суд покажа како врвните европски правници гледаат на аболицијата
Врховниот суд во Атина на 4 Мај 2018 година одлучува позитивно по жалбите на Никола Бошкоски и Горан Груевски во врска со бараната екстрадиција од македонска страна. Двајцата пресудите ги имаат добиено на 18 Мај, а истите ги имаат и надчежните македонски органи кои молчат и ги кријат од јавноста. Со пресудата на атинскиот суд, одбиено е барањето за ектрадиција бидејќи двајцата обвинети претходно имаат добиено аболиција од Претседателот Иванов.
Од направениот увид може да се заклучи дека грчкиот Врховен суд најголемо внимание обрнал токму на аболицијата. Колегите на Беса Адеми детално и сериозно ја анализирале и дадената аболиција и нејзиното подоцнежно повлекување.
На страна 10 од пресудата грчките судии јасно нотираат „Актот кој беше издаден од страна на Претседателот на Републиката ПЈРМ, според одредбата на членот 114 од Кривичниот законик и кој важеше од 12.04.2016 година за „ослободување од гонењето“ на бараниот за екстрадиција, еднаков со дефинитивното прекинување на кривичното гонење против него за кривичните дела кои се предвидуваат во актот, Е НЕОТПОВИКЛИВ, бидејќи во времето на неговото издавање не постоеше законска можност за негово отповикување или негово поништување, ниту со облик на изразување на резервност, со резултат ново кривично гонење против него за истите кривични дела или продолжување на претходната постапка да одведува до недозволиво, согласно одредбите на Уставот на ПЈРМ, ретроактивно применување на закон со понеповолни последици и согласно Европската Конвенција за човековите права (член 5), кои се применуваат и во врска со екстрадицијата на лица и се однесуваат на законитоста на акти за лишување од слобода на лицето. Значи постои согласност со одредбата на членот 438 од ЗКП, која одредба се применува дополнително со Европската конвенија за екстрадиција, причина која го попречува извршувањето на судската наредба, бидејќи за делата кои се содржани во судската наредба веќе е дадено помилување кое го попречува неговото гонење за овие дела“.
Со други зборови, судот во Атина земајќи ја предвид европската пракса, заклучува дека еднаш доделена аболиција не може да се повлече и ги ослободува Бошкоски и Груевски од притвор, одбивајќи ја нивната екстрадиција, иако двајцата беа опфатени со предметот „Таргет-тврдина“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД се подготвуваат да копаат литиум во…
Украинските власти ги презедоа првите чекори за…
Земјотрес со јачина од 4,2 степени ја…
Земјотрес со јачина од 4,2 степени според…
(Видео) Израел нападнат со ракети и дронови…
Иранските државни медиуми известуваат за заеднички напад…
Курти по изјавата на Трамп: Треба да…
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин…
Бугари на големо купуваат имоти на Халкидики!
Бугарите плаќаат значителни суми за купување недвижности…