Бигорски манастир: Лепче со паричка за Василица, а не за Бадник
Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.
Во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата и тој што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.
Во некои краишта од земјава, пак, адетот со кршењето на лепчето со паричка се прави на Василица.
Некои од црковните лица се согласуваат дека за Бадник треба да си дома. Но, велат, лепчето со паричето оставете го за Василица. Обичајот на Бадник да седнеме на маса и да кршиме лепче со паричка не е црковен, туку фолклорен обичај.
– Единствено оправдано предание што црквата го кажува секогаш е дека паричката се крши само на Василица и тоа е поврзано со животописот на светиот Василиј Велики. Таму има една случка кога тој, кога доаѓал царот што сакал да го разурне градот, собирал пари за да го подмити, на некој начин да го омилостиви да не го прави тоа, да не им наштети на луѓето – објаснува Отец Бобан од скопската епархија.
Свети Василиј Велики бил епископ на Кесарија и живеел во единство со неговите сограѓани, со љубов, разбирање и помагање еден на друг.
Еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш Св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености.
Но, светиот немаше ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принесе на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесе скапоцености, бидејќи не сакаше да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија беше навистина сиромашно. Кога го виде тоа, Јулијан им нареди на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат. Тогаш светиот праведно му одговори на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш.”
Кога ги слушна овие зборови, Јулијан многу се налути и вети дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера.
Поради тоа, Св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан.
За време на богослужбата, светиот имаше небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испрати со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го виде и св. Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргна против безумниот цар и го уби со своето копје. Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имаше пострадано во Кападокија и видоа дека од храмот беа исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го виде великиот Василиј, беше токму тоа, што во истиот миг, навистина се случи на едно место недалеку од Кесарија.
Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи. Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.
Така значи, со тогашната „василопита”, Св. Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 1ви јануари, месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вечер е Стара Нова година, утре Василица
Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот…
Бадник и Божиќ: Најрадосни денови за народот,…
Бадник се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос…
За здравје и среќа: Зошто според традицијата…
Домот за Бадник традиционално се украсува со…
Димитров: Ми падна паричето! Мислете му ја!
Вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола…
Вечерва се чека Стара нова година, утре…
Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот…