Бил Гејтс за како вештачката интелигенција ќе го смени нашето секојдневие
Во иднина сите ќе имаме лични агенти за вештачка интелигенција кои ќе бидат многу понапредни од денешната технологија и би требало значително да ни го подобрат и олеснат животот. Ваквите агенти ќе ги заменат бројните апликации и програми што ги користиме денес бидејќи наместо да користиме различни и специјализирани апликации за различни задачи, ќе биде доволно само да им кажеме на таквите агенти што сакаме да правиме и тие веднаш ќе најдат решение.
Вака коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, ја опиша иднината на вештачката интелигенција и личните асистенти во еден од своите коментари. За ваквите асистенти вели дека како што луѓето постојано ќе ги користат, така подобро ќе ги запознаат корисниците и со текот на времето ќе ги подобрат нивните постапки и ќе ги приспособат на корисникот.
На пример, во случај на планирање патување, агентот со вештачка интелигенција веќе ќе знае многу за својот „сопственик“ – каде би сакал да оди, каков тип сместување сака, колкав е неговиот буџет и ќе го предложи најдобриот аранжман. Исто така, бидејќи вештачката интелигенција ќе знае што сака корисникот, ќе дава свои предлози за активностите на патувањето.
Ако сакате такво персонализирано патување денес, ќе треба да му платите на туристички агент и да потрошите време објаснувајќи му што сакате, објаснува Гејтс, додека со агентите со вештачка интелигенција тоа нема да биде неопходно бидејќи тие добро ќе ги познаваат корисниците.
Ваквите агенти за вештачка интелигенција значително ќе ја подобрат продуктивноста и ќе бидат многу подобри од денешните алатки за вештачка интелигенција. На пример, ако имате идеја за отворање нов бизнис, само треба да му кажете на вашиот агент за вештачка интелигенција и тој ќе ви помогне да напишете бизнис-план, да направите презентација, па дури и да создадете концепт за производ.
Со текот на времето, компаниите ќе развијат свои персонализирани агенти за вештачка интелигенција со кои вработените ќе можат да се консултираат и ќе бидат присутни на сите состаноци и ќе одговараат на прашања. Со текот на времето, агентите ќе станат толку напредни, што ќе им помагаат на корисниците во речиси секоја активност и секоја област од животот, а Гејтс даде уште неколку примери за тоа како би можело да изгледа.
На пример, ако вашиот пријател имал операција, вашиот агент може да ве советува да му испратите цвеќе и тој ќе може да ги нарача, а ако сакате повторно да се видите со стар цимер од вашите студентски денови, вашите агенти за вештачка интелигенција ќе можат да организираат средба. Тешко е да се предвиди кога ќе станат достапни таквите агенти, но со оглед на тоа што развојот на вештачката интелигенција забрзува, не сме далеку од тој момент.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бил Гејтс за како вештачката интелигенција ќе…
Во иднина сите ќе имаме лични агенти…
Бил Гејтс, Илон Маск и Марк Цукерберг…
Највлијателните личности во технолошката индустрија поитаа на…
Бил Гејтс се огласи на Твитер: Јас…
Деви Шридар е американски истражувач за јавно…