Битиќи: Нов ценовен удар од полноќ, поскапувањето на горивата ќе го зголеми притисокот врз граѓаните
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, предупреди дека од полноќ граѓаните ќе се соочат со нов ценовен удар поради поскапувањето на горивата, што според него ќе има директно влијание врз трошоците за живот.
Во објава на социјалните мрежи, Битиќи посочи дека дизелот ќе достигне цена од 85,50 денари за литар, додека бензините ќе се продаваат по 79,50 и 81,50 денари за литар. Според него, станува збор за просечно зголемување на цените на нафтените деривати од 14,27 проценти.
Тој оценува дека ваквото поскапување ќе значи директен удар врз транспортот и производството, што дополнително ќе се одрази врз цените на производите и услугите кои граѓаните секојдневно ги плаќаат.
Битиќи реагира и на податокот дека месечната инфлација во февруари во однос на јануари изнесувала 0,2 проценти, оценувајќи дека тоа не ја прикажува целосната реалност. Тој наведува дека, кога февруари 2026 се споредува со февруари 2025 година, трошоците за живот се повисоки за 2,9 проценти, храната и безалкохолните пијалаци за 3,9 проценти, а цените на мало за 1,6 проценти.
Во објавата се повикува и на податоци за синдикалната минимална кошница, која во февруари достигнала 67.382 денари, што е за 969 денари повеќе од јануари. Според Битиќи, трошоците за храна и пијалоци се зголемиле од 24.211 на 25.156 денари.
Тој посочува дека минималната плата изнесува 24.379 денари, што значи дека за покривање на една синдикална минимална кошница се потребни околу 2,76 минимални плати. Дури и со најавеното зголемување на минималната плата во март на 26.046 денари, според неговата пресметка, и натаму ќе бидат потребни околу 2,59 минимални плати за покривање на основните трошоци.
Битиќи се осврнува и на економските показатели, посочувајќи дека иако Државниот завод за статистика објавил раст на бруто-домашниот производ од 3,8 проценти во четвртото тримесечје од 2025 година, индустриското производство во јануари 2026 година бележи пад од 6,6 проценти на годишно ниво, додека преработувачката индустрија е намалена за 8 проценти.
Воедно, како што наведува, извозот на стоки во јануари бил понизок за 8,27 проценти, што според него укажува на слабеење на реалниот сектор и дополнителен притисок врз економијата.
На крајот од објавата, Битиќи упатува критики до Владата, оценувајќи дека нема јасна антиинфлациска стратегија и доволни мерки за заштита на куповната моќ на граѓаните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Битиќи: Нов ценовен удар од полноќ, поскапувањето…
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, предупреди дека…
ССМ повикува на масовен протест: Борба за…
Околу 154, 408 работници во Македонија примаат…
Колони на бензинските пумпи пред покачувањето на…
Поради најавеното поскапување на горивата од вечерва…
За 8 март дури осум пријави за…
На 08.03.2026 во 23:00 часот во Скопје,…
Калас: Европската Унија мора да го забрза…
ЕУ мора да го забрза процесот на…