БиХ ќе ги забрани малите хидроцентрали
Пратениците во Претставничкиот дом, долниот дом на парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, во понеделникот гласаа за измени на Законот за електрична енергија со кои би се забранила изградба на нови мали хидроцентрали поради нивното негативно влијание врз животната средина.
Одлуката доаѓа по децениската борба меѓу еколошките активисти и градежните компании. Активистите тврдат дека изградбата на мали хидроцентрали негативно влијае врз реките и нанесува штета на биолошката разновидност, а предизвикува проблеми и за локалните жители.
Со измените на законот, кои ги поддржаа 65 од вкупно 67 пратеници во Претставничкиот дом, ќе се забрани изградба на мали хидроцентрали до 10 мегават часови.
„Ни преостанува уште еден чекор во овој процес. Тоа е гласањето во Домот на народите на федералниот парламент, кој треба да го потврди овој закон“, рече Лејла Кустурица, директорка на фондацијата АЦТ, невладина организација што ја води кампањата против малите хидроцентрали во изминатите две години.
Во тој период се случија два важни протеста на реката Крушчица, каде што локалните жени поминаа повеќе од 504 дена во импровизирани сместувачки капацитети за да спречат изградба на мала хидроцентрала.
Уште еден голем протест се случи на реката Неретвица, каде што локалното население и активистите во четири различни наврати ја прекинаа работата на градежните компании.
„Овој закон не падна од небо, туку е последица на одбраната на реките со човечки тела и на крајот парламентот беше принуден да ја почитува волјата на народот“, рече Кустурица.
Целта е законот да биде готов пред општите избори закажани за октомври 2022 година.
Во другиот ентитет во Босна и Херцеговина, Република Српска, каде што е доминантно српското население, малите хидроцентрали не се забранети, но екологистите водат кампања против нив.
„Направени се одредени подобрувања и ние дефинитивно ќе продолжиме да работиме со нашите пријатели од Центарот за животна средина во Бања Лука (во Република Српска) и ќе ги поддржуваме во нивните напори да ги одбранат нашите реки“, рече Кустурица.
Во 2021 година, 119-те мали хидроцентрали што се изградени во Босна и Херцеговина произвеле само 2,54 отсто од целата произведена електрична енергија во земјата, а поради автоматизацијата, во просек тие вработуваат само по едно или по две лица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Полицаец убиен во БиХ: Убиецот неофицијално се…
Во Босанска Крупа и Бихаќ доцна синоќа…
Утре е Ден на жалост во БиХ
Владата на округот Брчко на Босна и…
ДЗС ќе испрати луѓе и опрема за…
Согласно барањето за помош што Владата на…
Во Јабланица прогласена тридневна жалост: Загинаа 15…
Градоначалникот на општина Јабланица Дамир Шабановиќ деновите…
Трагедија во Јабланица: Брачна двојка загуби осум…
Заменик-министерката за човекови права и бегалци на…