Бленди Ходаи: Министерке Јаневска, најдобро ќе беше да молчите

t

Студентот на Филозовскиот факултет и граѓански активист Бленди Ходаи, во објава на Фејсбук, реагира на обраќањето кон студентите на министрката за образование Весна Јаневска на платото пред УКИМ, каде денеска се одржува организиран заеднички час на студентите за искажување почит кон жртвите кои настрадаа при немилиот настан во дискотеката во Кочани.

„Благодарам на добрата волја, но за да им оддадете почит на жртвите, министерке Јаневска, најдобро ќе беше да молчите, таму, меѓу илјадници студенти. Барем ќе нѐ поштедевте од празни флоскули и говори, од обиди да го контаминирате гневот на младите со рецитирање поема од Ацо Шопов“, пишува Ходаи.

Ходаи вели дека зборови на студентите не им се потребни, туку дека бараат одговорност и правда.

„Нам зборови не ни се потребни, бидејќи за ова зборови нема. Бараме одговорност. Бараме вистинска правда. Бараме држава што не е импровизирана, држава што не гори, не се руши и не убива. Ќе ни помогнете со тоа што ќе признаете дека раководите со распаднат систем – систем што не штити, туку уништува – трагедиите ќе се повторуваат, жртвите ќе се множат. Додека не видиме конкретни дејства не само во контекст на оваа трагедија, правдата ќе остане само збор во вашите празни говори“, нагласува Ходаи.

Студентите ја иссвиркаа министерката за образование Весна Јаневска која денеска држеше говор пред платото и цитираше песна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ