Бранимир Јовановиќ: Задолжувањето станува сè поскапо, зголемување на ДДВ или повисоки придонеси се речиси неизбежни
Уште една бледа година со речиси ист раст и инфлација кои нема да придонесат да почнеме да живееме подобро. Нема инвестиции во енергетиката, животната средина и здравството, а профитот на фирмите во Македонија е највисок во Европа, вели за „Фокус“ економскиот истражувач во Виенскиот Институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ.
Јовановиќ во разговор за „Фокус“ ги анализираше економските текови во 2025 година и даде прогноза како ќе се движиме во новата 2026 година. Тој оценува дека со буџет тежок седум милијарди евра нема друга реална опција, освен раст на јавниот долг. Откако ќе се истрошат финтите со доцнење на плаќањата, а задолжувањето ќе станува сè поскапо, државата ќе мора да посегне по зголемување на одредени даноци за да ја одржи буџетската кондиција.
ФОКУС: Како ја оценувате 2025-та на економски план?
ЈОВАНОВИЌ: Беше тоа уште една бледa годинa. Можеби за нијанса помалку бледа од претходната, но далеку од она што ни треба за да почнеме да живееме подобро. Растот ќе биде околу 3.5%, што е минимално повеќе од оние 3% лани. Инфлацијата ќе биде околу 4%, што е скоро исто како ланската од 4.2%. Две минимални плати сѐ уште не се доволни за да покријат една минимална кошница. Сиромаштијата e преку 20%, пола од населението сѐ уште тешко крпи крај со крај. Скопје повторно е прво во Европа по загаденоста, немаше ниту една нова инвестиција ниту во енергетика, ниту во инфраструктура. Државните болници и понатаму свесно се руинираат за да се развиваат приватните, образованието повторно назадува, а третина од населението сака да си замине од државата. И најстрашното од сѐ – владата не направи ама баш ништо за ниту едно од овие прашања. Инфлацијата од 4% за Владата е успех, а потрошувачката кошничка според премиерот Мицкоски е евтина.
ФОКУС: На последната седница со пратенички прашања премиерот ве спомна вас дека креирате кошница која е спротивна на таа од Евростат и дека темите за поскапувањето се само клевета. Ваш коментар за инфлацијата и „евтината“ потрошувачка кошничка?
ЈОВАНОВИЌ: Јас не креирам никаква кошничка, ниту имам било каква врска со кошничката што ја објавува синдикатот, освен што постојано ја цитирам, затоа што мислам дека е реален показател за животните трошоци во Македонија. И патем речено, растот на цените според таа кошничка е многу близок до официјалниот раст на цените според Заводот за статистика.
Но, да го тргнеме тоа на страна. Околу податоците за цените што ги објави Евростат – да, точно е дека таму Македонија е меѓу најевтините во Европа, со цени од 55 отсто од просекот во ЕУ. Но, она што премиерот го заборава е дека платите во Македонија се само 33 отсто од просекот во ЕУ. Или пластично кажано – ако една плата во ЕУ полни една потрошувачка кошничка, една плата во Македонија полни само половина од таа иста кошничка. Но, повторно најстрашното е што владата не прави ништо за да го смени тоа. Ги пушта фирмите да ги креваат цените до небо, не сака да ги зголеми платите на работниците и постојано ги напаѓа сите оние што викаат дека работите не се толку розови како што тие викаат.
ФОКУС: Мицкоски порача од собраниската говорница дека куповната моќ со сегашната минималната плата во Македонија е повисока од сите земји во соседството. Како ја оценувате работата на владата во справувањето со цените, се чини тие навистина веруваат дека купуваме евтино?
ЈОВАНОВИЌ: На нив веројатно навистина им е евтино, со плати од 2.500 евра. Ама забораваат дека просечната плата во државата е три пати пониска, а минималната – 6 пати. Ситиот на гладниот никогаш не му верувал, а во Македонија министрите никако да научат дека зборот министер значи слуга, а не господар. Но, тука е нашата грешка, што мислиме дека владата работи за народот. Не, оваа влада работи за нив самите и за крупниот капитал – со нив се среќаваат секоја недела, со нив ги договараат мерките и бизнисите, нивните медиуми им прават позитивни вести секој ден. И само гледаат како да останат што е можно подолго на власт, за да си ги наполнат џебовите колку можат повеќе и да им ги зголемат профитите на нивните другари од бизнисот. И за овие работи им одговара цените да растат, затоа што тоа им ги зголемува профитите на нивните пријатели, и затоа што тоа им го полни буџетот. А тоа што цехот од оваа игра го плаќаат граѓаните, тоа и не е толку важно – ќе пуштат позитивни вести преку медиумите што ги контролираат, ќе покачат малку плати и пензии пред избори, и ќе се заборави сѐ.
ФОКУС: Капиталните инвестиции не се реализираат, а Министерството за финансии месечно се задолжува со кредити за да покрие долгови или доспеани обврски. Имаме голем буџет за 2026, но речиси третина од него ќе оди за плати и пензии. Ќе има ли буџетот кондиција да одговори на потребите?
ЈОВАНОВИЌ: Владата ја заборавила онаа народната –-пушти си ги нозете колку што ти е долга чергата. Од една страна сакаат да трошат на сѐ и сешто, сега направија буџет од скоро 7 милијарди евра, двојно поголем од оној во 2018 кога јас бев во министерството. А од друга страна, не сакаат да ги зголемат даноците. Во таква ситуација, нема друга опција освен да расте долгот. И тоа што доцнеа со сите плаќања последниве недели, и тоа што сакаа да го затворат трезорот порано, и што земаа да даночат приходи од пред 5 години, и што се задолжуваа инцидентно неколку пати, сето тоа е поради тоа што пробуваат преку разни комбинации да ја истуркаат годината. Ама нема да можат така постојано. Ќе ги истрошат финтите, а задолжувањето ќе им станува сѐ поскапо, па затоа мислам дека веќе годинава што следи, или евентуално 2027, ќе мораат да покачат некои даноци. И бидејќи не верувам дека ќе имаат храброст да го даночат богатите или големите фирми, мислам дека повторно ќе удрат по грбот на сиромашниот, и ќе го зголемат ДДВ или можеби социјалните придонеси.
ФОКУС: Истражување на кое работевте, покажа дека македонските пензии се далеку од европскиот стандард. А дали може пензискиот фонд да издржи нов раст на пензиите и зошто постојано се создава или зголемува таа дупка во ПИОМ?
ЈОВАНОВИЌ: Може да издржи, прашањето е како ќе се покрива таа дупка. Сега се покрива од централниот буџет, односно од општите даноци и цената на тоа е сѐ повисокиот јавен долг, и сите овие финти што ги правеа изминатите недели. Но, како што кажав, нема да можат така уште многу долго, нема да можат да го зголемуваат долгот уште многу. Постојат сега и фискални правила, едното од нив вика дека долгот мора да биде под 60 отсто од БДП, ќе им биде проблематично постојано да го прекршуваат. Затоа мислам дека ќе зголемат или ДДВ или придонесот за пензиско осигурување. Тоа нема да биде добро, затоа што ќе ги погоди пред сѐ посиромашните слоеви, ама оваа влада полесно би ги даночела нив, отколку богатите. Постојат и други опции за да се покрие дупката – преку укинувања на максималниот износ на придонеси кој ги привилегира оние со највисоки плати, преку укинување на бројните ослободувања од придонеси кои ги добиваат пред сѐ странските фирми, преку прогресивен данок, преку даночење на големите фирми. Ама мислам дека на тоа не можеме ни да се надеваме.
ФОКУС: Синдикатите, работодавците и владата не се договорија за минималната плата. Дали држи вода оправдувањето дека фирмите и економијата не можат да го издржат евентуалното покачување на 600 евра?
ЈОВАНОВИЌ: Кога саката нешто да направите, наоѓате начин. Кога не сакате, наоѓате изговори. Ова е само уште еден во низата бројни изговори на владата. Прво беше – нека се договорат синдикатите и газдите, после беше потрошувачката кошничка не била добра, па потоа викаа синдикатот не бил репрезентативен, па сега викаат цените не биле високи и фирмите нема да издржале. Во Македонија профитите на фирмите, како процент од националниот доход, се меѓу највисоките во Европа, а платите се меѓу најниските. Профитите во Македонија се околу 55 отсто, а платите околу 45 отсто. Во Европската Унија е обратно. Така што, апсолутно има простор за покачување на платите. Дури и да има фирми што не можат да го издржат покачувањето, можете да воведете посебни мерки за поддршка на тие фирми. Така се направи во 2017 година, кога минималната плата се покачи за 25 отсто. И тогаш бизнисмените ја вртеа истата приказна – нема да може да издржиме, ќе мора да затвориме и не знам што сѐ. Па, на крај никој не остана без работа и никој не затвори, а богами и поддршка побараа само за неколку илјади работници, од вкупно 120.000 што беа засегнати. Прашањето за минималната плата е прашање на чија страна сте – дали сте на страна на работниците и сиромашните, или сте на страна на бизнисмените и богатите. И со тоа што владата упорно одбива да ја покачи минималната плата само покажува дека е на страната на вториве.
ФОКУС: Можеме ли да го издржиме задолжувањето од 6 милијарди евра, две милијарди евра веќе се сигурни за враќање откако беше соопштено дека е избрана банката која ќе ја кредитира брзата пруга?
ЈОВАНОВИЌ: Јас би бил пресреќен ако ние навистина ги земеме овие кредити и изградиме брза пруга, хидроцентрали и сѐ друго што ветуваа. Затоа што тој долг ќе се исплати сам по себе после некое време. Проблемот е што тоа нема да се случи. Година и пол е на власт оваа гарнитура, земаат милијарда евра од Унгарија, ветуваа дека ќе ги вложат тие пари во инфраструктура и како поддршка на фирмите, и не видовме ништо од тоа. Така што, навистина не гледам зошто би било поинаку со британскиот заем, кој патен речено, не е ни земен. Оваа влада како прво нема капацитет да реализира проекти. Капиталните инвестиции оваа година ќе бидат околу 400 милиони евра, само пола од оние 800 милиони што ги најавуваа на почетокот на годината. Како второ, тие ги најавуваат овие проекти само колку да се фалат и да си прават реклама. Ќе излезат во јавност, ќе кажат – ќе изградиме кули и градови, луѓето ќе ги слушнат, некои од нив можеби и ќе им поверуваат, и после тоа сите ќе заборават на сѐ. Премногу ветувања за милијарди сме имале во оваа наша Македонија – од милијардата на Циле, преку оние 8 милијарди на Груевски, сѐ до оние 5 милијарди на Заев. Од таа гледна точка, веројатно е нормално и оваа влада да има своја милијарда. Право чудо е како со сите тие милијарди ние сме сѐ уште најсиромашните во Европа.
ФОКУС: Народот освен тоа што ќе враќа кредити со камати, не виде бенефит од овие владини потези, ниту струја, ниту пруга, освен можеби потрошените 250 милиони евра по општини со кои се обнови фекална канализација и преземање на банка. Предвидувања за 2026?
ЈОВАНОВИЌ: 2026 ќе биде многу слична на 2025. Исто како што 2025 беше слична на 2024. Како јајце на јајце. Сите расипани. Не може да биде поинаку кога економските политики се ставени на авто пилот. Кој и да дојде, само гледа како да јаде и пие колку што е можно повеќе додека е на пилотската позиција, а никој не пробува да го исправи авионот, и затоа што не знаат, но и затоа што не им е гајле. И кога ќе се приближиме до некоја карпа, нашите квази пилоти први ќе се катапултираат, а ќе го остават народот да се спасува како знае и умее. Се надевам само народот на време ќе се освести.
Интервјуто е објавено и на 30 декември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.578-1.579.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бранимир Јовановиќ: Задолжувањето станува сè поскапо, зголемување…
Уште една бледа година со речиси ист…
НЕ ПОМОГНАА НИТУ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП, НИТУ…
Кина лани забележа рекорден глобален трговски суфицит…
(Видео) Трамп му покажа среден прст на…
Американскиот претседател Доналд Трамп му покажал среден…
Осум дена притвор за 55-годишник кој со…
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
Пицула го демантира Вучиќ: Не е вистина…
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино…