Бренд концепти(5.) Ролекс: супериорен бренд
Бренд концепти(5.)
Ролекс: супериорен бренд
Ролекс. Тоа е мислење и став за квалитет. Внимание за детали. Смисла и фокус за перфекција.
Творец на овие вредности е Ханс Вилсдорф, кој во 1908 год. ја основаше својата компанија за часовници Ролекс, со седиште во Лондон. Во тоа време на пазарот на часовници постоеле десетици скапи брендови. Но Ханс Вилсдорф храбро проценил дека во просечниот ум на луѓето постоело место за категоријата наречена “скап часовник“. Тој бил сигурен дека часовникот ролекс ќе најде место во свеста на потрошувачите кои ќе одвојат по пет па и повеќе илјади долари за еден часовник. Токму тоа и се случи. Пласирањето на ролекс од страна на Ханс Вилсдорф создаде перцепција кај потрошувачите за нова категорија (скап часовник), која ја идентификуваше со нов бренд (Ролекс) и на крајот го насочи и разви пазарот во таа насока. Пред да биде пласиран брендот Ролекс, пазарот на скапи часовници беше незначителен. Денес, еден век потоа, скапите часовници претставуваат суштински дел од пазарот на таа категорија.
Во 1914 год. одлучи да ја провери прецизноста на своите производи, така што ги испрати во швајцарска опсерваторија. Тоа беше одлука која вредеше да се донесе, бидејќи Ролекс беше награден со првиот сертификат за временско усогласување за рачен часовник. И токму навреме. На војниците во Првата светска војна им беа потребни рачни часовници, бидејќи им беше полесно да ги употребуваат од џебните часовници во рововите. Вилсдорф сфати дека прецизноста беше клучната предност на неговиот бренд и ја објавуваше секаде каде што можеше. Кога Мерцедес Глајце одлучи да стане првата жена што ќе го преплива Англискиот Канал, во 1926 год. Вилсдорф ѝ го понуди својот најнов модел, Ролекс ојстер, за да може да го регистрира своето време, што создаде драгоцен публицитет за брендот во развој. Ако прецизноста е едниот клуч зад успехот на брендот, другиот е иновацијата. Во 1931 год. Ролекс го патентираше непрекинливиот механизам за навивање, што значеше дека рачниот навивач од страната на часовникот повеќе не беше потребен. Во 1945 год. тој стана првиот часовник со прозорче за датум. Подоцнежните иновации беа првиот часовник за нуркање и првиот часовник со двојна временска зона.
Земајќи ги предвид тие откритија и настани лесно е да се види зошто историјата на Ролекс се смета дека е историја на индустријата на рачни часовници. Ролекс ојстер беше оценет од страна на група водечки лица во часовничарската дејност како “часовник на векот“.
Не е само комбинацијата на квалитет и иновација што помогна. И маркетингот беше некој фактор. За брендот да биде вистински посакуван, побарувачката мора секогаш да биде поголема од понудата. Постојат трговци на мало низ светот кои продаваат часовници ролекс, но со текот на времето компанијата го намали нивниот број. За разлика од повеќето компании кои би сакале нивната дистрибутивна мрежа да станува сè поширока, Ролекс отиде во друг правец. Како резултат на тоа, повеќето трговци на мало со часовници не продаваат ролекс. Последица на тоа е зголемената побарувачка и подобрениот симболичен статус на брендот. Луѓето не носат ролекс заради неговата прецизност. Тие го носат за да дадат изјава за тоа кои се и колку “дебела“ е нивната сметка во банка. Тоа е порше што може да се носи и ги означува истите квалитети.
Ролексот е инвестиција. Неговата трајност и посакуваност осигуруваат тој да биде најлесно продаваниот часовник на старо. Ролекс има безвремен идентитет. Поради неговата тесна поврзаност со историјата на часовникот, брендот би можел да продолжи да постои сè додека повеќе не сакаме да кажуваме колку е часот, така што ќе погледнуваме на нашиот зглоб.
Навистина. Ролекс е поим за врвен квалитет и исклучителна перфекција. Секој вљубеник во рачни часовници сака ролекс на својата рака.
Тајни на успехот:
Квалитет. Ролекс се концентрираше на квалитетот уште од неговиот прв рачен часовник во 1908 год. Тој го потврди својот квалитет така што ги испрати своите часовници на тестирање во швајцарска опсерваторија неколку години подоцна.
Дистрибуција. Брендот ја поттикнува побарувачката така што ја ограничува дистрибуцијата. Само на некои продавачи на мало им е дозволено да продаваат часовници ролекс.
Поврзаност со историјата. Ролекс не го измисли рачниот часовник без помош, но тој беше првиот бренд кој го популаризираше. Компанијата исто така е одговорна за некои од најголемите усовршувања во историјата на рачниот часовник, како непрекинливиот механизам за навивање.
Факти за брендот:
Факт бр.1: Името Ролекс беше употребено бидејќи беше лесно да се изговори на секој европски јазик и доволно кратко за да го собере на броилото на часовникот.
Факт бр.2: Во 1945 год. беше измислен ојстер дејтџаст и тоа беше првиот часовник кој автоматски го покажуваше времето.
Факт бр.3: Компанијата сè уште рачно ги изработува повеќето свои производи, за да го контролира квалитетот.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата ќе ги покачува пензиите непосредно пред…
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска…
Дали ДПМНЕ го награди Максим со 243…
Од унгарскиот кредит од 50 милиони евра,…
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…
Ужас во Охрид: Автомобил влета меѓу пешаци…
Стравична сообраќајка вечерва ја потресе Охрид –…
Сите ја плаќаме цената на иранските напади,…
Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ…