Бугарите викендов излегуваат на седми предвремени избори во четири години
Бугарите во недела ќе излезат на гласачките места на седмите предвремени избори во четири години, додека поделените политички партии во земјата се борат за формирање стабилна коалиција, а гласачите стануваат сè поапатични во поглед на исходот.
Бугарија, најсиромашната членка на Европската Унија и една од најкорумпираните држави, има проблеми со ротирачките влади откако беа организирани протестите во 2020 година кои придонесоа на уривањето на коалицијата која ја предводеше десничарската партија ГЕРБ.
Најновите анкети објавени денес укажуваат дека нема јасен победник ни очигледни опции за солидна коалиција. Се очекува одзивот на гласачите, кој се проценува на околу 30 отсто, да биде најнизок од падот на комунизмот.
Гласањето завршува во 20 часот, а благодарение на излезните анкети, првичните резултати би требало да бидат познати во исто време. Конечните резултати ќе бидат објавени по неколку дена.
Без неочекувано политичко партнерство или ненадејна појава на силен лидер кој би можел да обедини коалиција, повеќето аналитичари предвидуваат дека земјата повторно ќе гласа следната година.
„Кризата на политичкиот систем е длабока“, вели Огњан Минчев, професор по политички науки на Универзитетот во Софија.
Ваквата дисфункција е загрижувачка за Бугарија, балканската земја која излегува на Црно Море и во која живеат 6,4 милиони жители. Нејзиното влегување во Европската Унија во 2007 отвори период на оптимизам обележан со пораст на животниот стандард и брз економски раст. Но глобалната финансиска криза, пандемијата на коронавирусот и конфликтот во Украина ги намалија странските инвестиции.
Сега на соседната држава ѝ е неопходен период на стабилна влада за да се забрза дотокот на средства од ЕУ во нејзината прилично слаба инфраструктура и да ја поттурне кон воведување на еврото.
По последните избори во јуни, на кои партијата ГЕРБ освои најмногу гласови и обезбеди 68 од 240 пратенички места, претседателот Румен Радев ѝ го даде мандатот за составување влада на партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов. Но, не успеа да се формира мнозинска коалиција. Мандатот потоа им беше даден на други партии, но ни тој потег не успеа, поради што се отиде на организирање повторни избори.
Анкетата која денес ја објави компанијата Алфа рисрч покажа дека ГЕРБ води со 26,5 отсто од гласовите. Реформистичката партија Продолжуваме со промените има 14,9 отсто, а националистичката проруски ориентирана партија Препород има 14,2 отсто.
Поделбата во партијата Движење за права и слободи, која го претставува големото бугарско етничко турско малцинство и која на неодамнешните избори имаше солиден гласачки блок, дополнително го отежнува формирањето коалиција, сметаат аналитичарите.
Според Алфа рисрч, се очекува излезност меѓу 30 и 32 отсто, што е пад од над 75 отсто во деведесеттите и од околу 50 отсто пред само три години. Многу луѓе за Ројтерс изјавиле дека не планираат да гласаат на изборите. Но, некои излегувањето на избори го гледаат како единствен излез од политичкиот понор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарите викендов излегуваат на седми предвремени избори…
Бугарите во недела ќе излезат на гласачките…
Харис: Оддаваме почит на македонските Американци за…
Сакаме да оддадеме почит за огромните влијание…
(Видео) Путин до Додик: Мило ми е…
Претседателот на Република Српска Милорад Додик синоќа…
Сончево во Македонија, но наутро сепак студено
Утрото студено, по одделни котлини и речни…
Орбан: Сакаат да ме тргнат и да…
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во својот неодамнешен…