Бугарите ќе добијат статус на државотворен народ во нашиот Устав, а Еди Рама – гумени опинци со каивче!

t

Без хистерија, молам! Насловот е сарказам. Реално, до крајот на јуни, на релацијата Скопје-Софија-Брисел, нема да се случи нишчо особено. А би се осмелил да прогнозирам дека блокадата ќе потрае најмалку до крајот на оваа година, пишува Бранко Героски за Плус инфо.

Ама ич не ми е уверливо објаснувањето на албанскиот премиер Еди Рама, по бурните реакции од политичките партии и на социјалните мрежи во Македонија, на неговата „шега“ дека Димитар Ковачевски бил „идниот премиер на Западна Бугарија“.

Рама тврди дека со оваа шега ја исмевал „грдата блокада на Северна Македонија од страна на Бугарија“. И додава: „Не знаеш дали да се смееш или плачеш поради хистеријата на некои во Скопје кон премиерот Ковачевски“, напишал тој на Твитер.

Се разбира, не му верувам.

Глупавите Едиеви шеги и отсуството на елементарна култура не заслужуваат коментар. Го видовме тој простачки манир и за време на неговата посета на Скопје, кога шетајќи на Кејот, заедно со српскиот претседател Вучиќ, ги исмеваше домаќините Зоран Заев и Петре Шилегов.

Да бидам искрен, да бев на местото на Ковачевски, не би знаел и јас како да постапам. Веројатно и јас би се кљафтел како него. Човек напросто никогаш не е подготвен да се соочи со ваков изблик на непристојност и неизделканост.

Мислам дека сега, пост фестум, при првата наредна средба, Ковачевски би можел на Еди Рама да му подари еден пар црни гумени опинци, од оние до глуждовите со каивче. Тоа е детаљ што очигледно недостасува во аутфитот на „генијалецот“ од Тирана, а би бил совршен израз на неговите манири.

Што се однесува до поважните работи на темата „Западна Бугарија“, работите одат во очекуваната насока. На лошо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ