БУГАРСКАТА КРИПТОКРАЛИЦА БЕШЕ УБИЕНА ОД СВОЈОТ ЗАШТИТНИК? Шефот на бугарското подземје ѝ ги фрлил останките во Јонското Море

t

Во документот пронајден во домот на убиен полицаец во Бугарија полициски доушник вели дека го слушнал шурата на Таки како пијан вели дека Игнатова била убиена по наредба на Таки кон крајот на 2018 година, а нејзиното тело било распарчено и фрлено од јахта во Јонското Море.
Дали бугарската криптокралица Руја Игнатова уживаше во украдените милијарди или беше убиена од самите луѓе платени да ја заштитат? Истражувајќи ги нејзините врски со бугарското подземје Би-Би-Си открива дека за нејзино обезбедување бил ангажиран грчки државјанин по име Христофорос Никос Аманатидис, попознат како Таки.

– Таки се појави повеќе од еднаш, не само еднократно. Тоа беше тема која се повторуваше – изјавил за Би-Би-Си Ричард Рајнхард, кој ја започна истрагата за OneCoin за американската служба за внатрешни приходи заедно со ФБИ.

Ова се совпаѓа со информациите што Би-Би-Си веќе ги имал – адвокатите на американската влада во 2019 година рекоа дека шефот на безбедноста на г-ѓа Игнатова е главна личност од организираниот криминал во Бугарија, но не го именуваа.

– Имаме докази дека еден многу значаен, ако не и најплодниот трговец со дрога на сите времиња во Бугарија, бил тесно поврзан со OneCoin – служел како лично обезбедување (на Руја Игнатова) – изјавил неименуван помошник-адвокат.
Бела бунда, дрога и криптовалути
Најбараната жена од американското федерално биро ФБИ имала успешна кариера пред да ја лансира криптовалутата OneCoin во 2014 година. Преку криптовалутата која работи на база на пирамидална шема таа измамила инвеститори во вредности од 4,5 милијарди долари. Игнатова била родена во Бугарија, а израснала во Германија.

Според Рајнхард, Игнатова била многу пософистициран криминалец отколку што мислат повеќето луѓе.

– Ова е како криминалец со бела бунда во комбинација со шверцер на дрога или мафијаш на стероиди.

Се чини дека оваа теорија е поддржана од протечените документи на Европол, видени од Би-Би-Си, кои покажуваат дека пред да исчезне Игнатова во 2017 година, бугарската полиција воспоставила врски меѓу неа и Таки.

Во документите, полицијата го сомничи Таки дека ја користел финансиската мрежа на OneCoin за перење приходи од трговија со дрога.
Митскиот Таки, „Ескобар“ на бугарската мафија
Во неговата родна Бугарија, Таки има речиси митски статус, како Ел Чапо или Пабло Ескобар. Тој е широко осомничен дека е шеф на бугарска организирана криминална организација и плоден шверцер на дрога. Тој и неговите соработници таму биле под истрага за вооружени грабежи, шверц на дрога и убиства, но никогаш не бил успешно гонет за ништо.

– Кога зборуваме за Таки, тој е шеф на мафијата во Бугарија. Тој е исклучително моќен – вели поранешниот бугарски заменик-министер, Иван Христанов, кој во 2022 година ги истражуваше наводите дека Таки предводел криминална мрежа со помош на корумпирани функционери.

– Таки е духот. Никогаш нема да го видиш. Слушаш само за него. Тој зборува со вас преку други луѓе. Ако не слушаш, едноставно исчезнуваш од земјата. Единствената личност што може да ја заштити [Игнатова] од сите тие истраги, вклучително и од странски агенции – тоа беше Таки – вели Христанов.

Му плаќала на Таки и до 100.000 евра за заштита
Бугарската влада не му одговорила на Би-Би-Си за обвинувањата за корумпирани функционери. Обвинителството во Софија вели дека „не ги прикрива злосторствата и лицата кои можеби извршиле злосторства“.

Се верува дека во моментот Таки живее во Дубаи, каде што Игнатова купи луксузна пентхаус вила и каде што нејзините банкарски сметки добија десетици милиони долари од измамата со OneCoin.

Иако не е познато како Таки и Игнатова се запознале, ниту дали тој бил поврзан со OneCoin од самиот почеток, повеќе извори велат дека тие имале блиски лични односи и дека тој бил кум на нејзината ќерка.

Еден бугарски извор близок до Игнатова изјавил за Би-Би-Си дека можеби таа му плаќала на Таки до 100.000 евра месечно за заштита.

Ѝ ги фрлил останките од телото во Јонското Море
Се чини дека постојат и други финансиски врски меѓу Игнатова и Таки. Документите на Европол споменуваат сложен договор за продажба на парцела, на брегот на Црното Море во Бугарија, која поврзува една од компаниите на Игнатова со сопругата на Таки.

Документите на тајната полиција беа предадени на Би-Би-Си од Френк Шнајдер, поранешен шпион и советник на Игнатова. Шнајдер не бил подготвен да открие имиња, но рекол дека неговиот стар газда работи со „измамници“ и „гангстери“.

Во 2022 година, на бугарскиот истражувачки новинар Димитар Стојанов и на неговите колеги во истражувачкиот медиум bird.bg им беше предаден полициски извештај кој бил пронајден во домот на убиен бугарски полицаец.

Во документот, полициски доушник вели дека го слушнал шурата на Таки како пијан вели дека Игнатова била убиена по наредба на Таки кон крајот на 2018 година, а нејзиното тело било распарчено и фрлено од јахта во Јонското Море.

Стојанов вели дека ова е „многу, многу можно“.

„Само мртва е добра“
Автентичноста на полицискиот документ беше потврдена од бугарски официјални лица, а повеќе криминални соработници на Таки веруваат дека теоријата дека тој ја убил е вистинита, вели Стојанов. Сепак, Би-Би-Си не можел независно да го потврди тврдењето.

Образложението на соработниците е дека Таки сакал да ги елиминира неговите врски со измамата со OneCoin.

Меѓу нив е и Красимир Каменов, познат како Куро, кого Интерпол го бара под обвинение за убиство.

Стојанов вели дека Куро му рекол дека го слушнал Таки како разговара за неговата криминална работа пред Игнатова и кога Куро го прашал Таки дали треба да го прави тоа, Таки одговорил:

– Не грижи се, само мртва е добра.

Куро, исто така, тврдеше дека разговарал со ЦИА за Таки, вклучително и за тврдењето дека Таки го наредил убиството на Игнатова. Извори блиски до Куро потврдија за Би-Би-Си дека оваа средба се одржала кон крајот на 2022 година.

Во мај 2023 година, Куро беше убиен во неговиот дом во Кејп Таун во Јужна Африка, заедно со неговата сопруга и уште двајца кои работеа за него. Јужноафриканската полиција сè уште трага по убијците, но бугарскиот поранешен заменик министер Христанов смета дека убиството на Куро е поврзано со Таки

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Земјотрес во Бугарија

Слаб земјотрес со јачина од 2,3 степени…

Се крчкаат нови предвремени избори во Бугарија

Бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) утре…

Македонија ја прегази Бугарија за финале на…

Македонската кошарка има нови јунаци! Јуниорската репрезентација на Македонија на…

МНР: Очекуваме Бугарија да ги преземе сите…

Република Северна Македонија е силно посветена на…

(Видео) Огромен пожар од Бугарија се движи…

Огромен пожар беснее кај Струмјани во Благоевградско,…