„Вагнер“, како продолжена рака на Кремљ, регрутира сиромашни Европејци за да вршат саботажи во своите земји
Оние што регрутираат и пропагандистите што работат за руската платена војска „Вагнер“ станаа главен канал за организирање саботажи што ги спроведува Кремљ низ цела Европа, според официјалните европските разузнавачки функционери. Луѓето што претходно регрутирале млади мажи од руските провинции за да се борат во Украина, сега се пренасочени кон регрутирање на економски загрозени Европејци за да извршуваат насилни акции на територијата на земјите од НАТО, пишува „Фајненшл тајмс“.
Руската воена разузнавачка служба ГРУ „го користи персоналот што ѝ е на располагање“, рече еден западен разузнавачки службеник, осврнувајќи се на мрежата „Вагнер“. ГРУ и домашната разузнавачка агенција ФСБ станале исклучително активни во своите напори да регрутираат „потрошни“ агенти во Европа за да сеат хаос, според ФТ. Британскиот весник пишува дека во текот на изминатите две години, Кремљ ја проширил својата кампања за дестабилизација и саботажа низ цела Европа, со цел да ја ослаби решеноста на западните сили да ја поддржат Украина и да поттикне социјални немири. ФТ додава дека по бранот дипломатски протерувања од главните градови на ЕУ, шефовите на руските разузнавачки служби, соочени со значително ослабено присуство на тајни оперативци во Европа, сè повеќе се вртат кон посредници што извршуваат задачи во нивно име.
– За ГРУ-мрежата „Вагнер“ се покажа како особено ефикасен, иако груб, инструмент за тоа – изјавуваат високи европски разузнавачки службеници за ФТ.
Агентите, по наредба на оперативците на „Вагнер“, добивале задачи што се движеле од подметнување пожари на автомобили на политичари и во магацини со помош за Украина до претставување како нацистички пропагандисти. Луѓето што ги регрутираат обично го прават тоа за пари. Тие често се маргинализирани поединци, понекогаш без јасна цел или насока во животот.
– „Вагнер“ имал однапред изградена мрежа на пропагандисти и луѓе што регрутираат. кои „зборуваат на нивниот јазик“ – рече за ФТ еден европски функционер, кој појаснува дека руските разузнавачки служби обично се обидуваат да постават барем двајца посредници меѓу себе и агентите што извршуваат задачи во нивно име.
ФСБ, во меѓувреме, главно, се потпира на криминални мрежи и мрежи во дијаспората, со кои развило врски во „блиското странство“ на Русија, но тие се покажуваат помалку ефикасни во масовното регрутирање, додаваат соговорниците на весникот.
– „Вагнер“ и неговите поддржувачи веќе имаат значителна онлајн содржина на каналите на социјалните медиуми насочена кон руската публика, која потоа релативно лесно се насочува кон поширока, меѓународно ориентирана кампања. Каналите на „Телеграм“ што ги користи групата се изненадувачки професионално водени и вешти во начинот на кој се претставуваат – рече друг европски функционер додавајќи дека „тие ја познаваат својата публика“.
Евгениј Пригожин, основачот на „Вагнер“, кој по конфликт со рускиот претседател, Владимир Путин, загина во авионска несреќа, бил одговорен и за водење на Агенцијата за истражување на Интернет со седиште во Санкт Петербург, најпознатата „фабрика за тролови“ во Русија, која почна да цели со дезинформации кон западната публика пред повеќе од една деценија. ФТ потсетува дека улогата на мрежата на „Вагнер“ во руската саботажна кампања е под лупа на европските разузнавачки и безбедносни служби од самиот почеток. Сметките на социјалните медиуми контролирани од „Вагнер“ биле користени за регрутирање група британски државјани уште кон крајот на 2023 година. Дилан Ерл, 21-годишен ситен криминалец, бил регрутиран преку социјалните медиуми, од „Вагнер“. Во март 2024 година, откако регрутирал уште четворица млади мажи, тој запалил магацин во Источен Лондон. Минатата година беше осуден на 23 години затвор.
– Скриената рака на Интернетот донесе резултати, бидејќи анонимни медијатори – луѓе што регрутираат, кои работеа преку интернет-соби за разговор, најчесто на шифрирани платформи, пронајдоа млади мажи во Обединетото Кралство подготвени да поминат низ еден вид радикализација и да ја предадат својата земја за она што изгледа како лесни пари – рече судијката Чима-Граб во своето објаснување при изрекувањето на пресудата.
По тој напад, европските служби постепено составија слика за многу пообемна мрежа на „потрошни“ оперативци на „Вагнер“ низ цела Европа, според ФТ. Весникот истакнува дека безбедносните власти имаат барем една предност во ова: она што го добиваат руските разузнавачки шефови во обем и трошоци со користење посредници како „Вагнер“ за регрутирање аматерски саботери, го губат во компетентност и тајност. Досега, повеќе напади се осуетени отколку што се успешно изведени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Вагнер“, како продолжена рака на Кремљ, регрутира…
Оние што регрутираат и пропагандистите што работат…
Трамп е блиску до донесување одлука за…
Американскиот претседател Доналд Трамп е многу поблиску…
Левица: Парите за боледувања доцнат – дали…
Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат…
Владата очекува годинава инфлацијата за падне под…
Инфлацијата е пониска од многу земји во…
ЗХГ бара веднаш да се активира „Безбеден…
Здружението „Зелен Хуман Град“ предупредува на растечкиот…