Ванковска: Од 8 Март аир имаат само цвеќарите и женските ограноци на партиите
Да си кажам искрено дека 8 Март, Меѓународниот ден на борбата за женска еманципација, веќе не ми значи ништо.
Затоа што веќе нема движење, нема борба, а има узурпација на празникот, лишување од идеолошка суштина и вклопување во неолибералниот речник, злоупотреба за партиски цели, има девалвација со сведување на Ден на жената (демек, дека е жена и нежна и мила) или дури и Ден на мајката (а тие што не се мајки?).
Има лицемерие на тони, има пијанки и некакви божем прослави (а што се слави никој не знае). Конечно, во време кога дури и да се биде жена е предмет на преиспитување (од „разбудените“), борбата за женски права станува проблематична. Конечно, за што ние тука зборуваме? Што славиме? Овде само цвеќарите имаат некое фајде за овој ден, а и женските ограноци на политичките партии.
Можеби е најдобро да го негуваме култот на респект кон СЕКОЕ човечко суштество, на човечкото достоинство, еднаквост и недискриминација по СЕКОЈА основа. Жените кои ми ги нудат како некакви симболи на успешност или еманципација се опозит од она што јас би сакала да го видам.
Патем, мајка Тереза не е никаков симбол ни за хуманизам, а камо ли за женска еманципација. Истото важи и за премиерките на Шведска и Финска, за Медлин Олбрајт и сличните на нив.
*Фејсбук статус на професорката Билјана Ванковска