Вапцаров, Попов и Романов – светли знамиња на Македонија
80 години од стрелањето на Н.Вапцаров, А.Попов и А.Романов(1.)
“Јас дејствував со полна свест дека и служам
како верен син на својат Татковина.
Не се каам! Милост од никого не молам!“
Никола Вапцаров
“Сакам да ги видам остварени идеалите на Гоце и Јане
и нашиот народ слободен. Сакам тоа да го доживеам“.
Антон Попов
За само еден ден, утре на 23 јули навршуваат 80 години од стрелањето на македонските револуционери, поети, писатели и патриоти Никола Вапцаров, Антон Попов и Атанас Романов. Во нивна чест отпочнувам серијал колумни за нивното дело и активностите во Македонскиот литературен кружок во Софија.
Да се потсетимена овој трагичен настан: На 23 јули 1942г., околу 11:00 часот бугарскиот фашистички суд ја објавува пресудата: Никола Вапцаров, Антон Попов, Атанас Романов(сите Македонци), Антон Иванов, Петар Богданов и Георги Минчев се осудуваат на смрт… Во судската сала настанува занеменост. Пота лелекања и плач на блиските, родителите, сестрите и браќата на осудените. Потресна сцена. Страшна човечка драма. Какви големи и славни луѓе неосновано осудени на смрт, какви ненадоместливи жртви.
Еден наш академик(Блаже Ристовски) има напишано: “Куршумот и гробот како да се амблемот на девствениците на Македонија“. Тоа важи и за македонските чеда и дејци Никола Јонков Вапцаров, Антов Никола Попов(Дончо) и Атанас Димитров Романов, судени од преки суд, неосновано осудени и ѕверски убиени на 23 јули 1942година во Софија, од страна на бугарскара фашистичка војска и власт. Ќе остане забележано додека се стрелани македонските синови, присутните пееле “ Тој што ќе падне во бојот за слобода, тој не умира“. Поминаа 80 години, ама македонскиот народ памети, Македонија памети.
Паметиме и знаеме дека на овие македонски синови слободата им беше помила од животот. Потсетуваме дека пред фашистичкиот суд во Софија Никола Вапцаров гордо одговори: “Јас се борев за среќата на мојата Татковина, готов сум да умрам за неа!“. Во една вдахновена катарза, на оѕверените сурати на немилосрдните судии со жесток патриотски занес им објави: “Јас дејствував со полна свест дека и служам како верен син на својат Татковина. Не се каам! Милост од никого не молам!“.
Вапцаров, Попов и Романов се тројца македонски дејци и борци против бугарскиот фашизам кои ги поминаа ужасите на бугарската полициска инквизиција, и животите ги завршија исправени пред смртоносното оружје на бугарските фашистички џелати. Храбро ги завршија своите млади животи исполнети со длабока смисла – како горд залог за блиската слобода и создавање на македонска држава.
За овие тројца големи синови на Македонија, во нивните кратки животи постоеше само една тема – Македонија. Имаа еден идеал – да создадат своја родна литература, која ќе ги изразува барањата и тагите на поробениот македонски народ, страдањата на бегалците и прогонетите во туѓина, копнежот за враќање во татковината, борбата за слобода на Македонците, нивниот намачен живот, нивниот бит и стремежите за своја самостојна и независна држава. И секако, да ја изборат и почуствуваат слободата. Беа раскрилени од еден чист идеализам, како да му донесат слобода и социјална правда на македонскиот народ, за кого беа подготвени да му служат со сите сили, со сиот свој дар и со сето свое вдахновение на литерати, творци, пролетери, револуционери.
Водеа смела и непомирлива борба против врховизмот, против големобугарскиот шовинизам и експанзионизам и против бугарскиот двор и цар. За нив основна задача беше како да се уреди животот на луѓето, а да нема ниту национален, ниту пак социјален гнет. Да нема експлоатација врз човекот(од ненародните власти), а крвополивачките војни засекогаш да запрат. Од убавините на Македонија и од задоеноста со првото мајчино млеко, црпеа сили, опит, знаења, умеења, вдахновеност, вера и желба – желба за промени на подобро, промени за подобар и поправеден свет. Мечтаеја македонскиот народ да го видат слободен, и веруваа тека нивните мечти ќе се остварат во блиска иднина. Со таа намера и умисла Антон Попов смело и одважно изјавуваше “Сакам да ги видам остварени идеалите на Гоце и Јане и нашиот народ слободен. Сакам тоа да го доживеам“.
Се гордееме со нив. Тие се нашите светли знамиња на крвавата македонска историја и на изборената национална и социјална слобода. Вакви значајни родољуви, домољуби и борци за слобода не умираат никогаш.
Пишува: Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тие не заслужиле да се изнајми приватен…
Христијан Мицкоски, денеска рече дека владиниот авион…
(Видео) Левица Битола: Шминкерски и неупотребливи проекти…
*Објава на Левица Битола КАТАСТРОФАЛНИ ВЕЛО -…
Франција го блокира пристапот до израелските штандови…
Франција го блокираше пристапот до штандовите на…
Путин и Ердоган го осудија нападот на…
Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот лидер…
До крајот на месецов ќе се знаат…
Процесот на избор на кандидати за градоначалници…