Васил Стерјовски во Мелник: Ви носам поздрави од вашите браќа и сестри Македонци од Албанија

t

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, присуствуваше и се обрати на чествувањето на 107- годишнината од смртта на Јане Сандански, одржано во Мелник.

-Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Ви носам искрени и топли поздрави од Македонците во Албанија. Ми претставува особена чест и задоволство, во име на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, да ве поздравам на денешното традиционално семакедонско одбележување на 107-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански, рече Стерјовски.

Додаде дека денеска со „гордост му одаваме почит на големиот син на Македонија, Јане Сандански кој го положи својот живот за слободата на Македонија”.

-Во својот живот Јане Сандански остана доследен на револуционерната борба за создавање независна македонска држава. Како космополит и патриот неговата девиза „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода а слободниот за совршенство”, е актуелна и денеска. Семакедонскиот собир во спомен и чест на Јане Сандански прерасна во симбол на борбата за човекови права на Македонците од Пиринска Македонија и Бугарија, рече тој.

Македонците во Албанија, како што рече, ја подржуваат борбата за национални и човекови права на Македонците во Бугарија.

-За нас е неприфатливо барањето на Бугарија Македонија да се откаже од Македонците во Бугарија. Очекуваме од Бугарија како членка на Европската унија да ги почитува европските вредности, да ги спроведи препораките од институциите на Советот на Европа и 14-те пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права и да дозволи Македонците да ги уживаат сите права предвидени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, Рамковна конвенција која што е потпишана и ратификувана од страна на Бугарија, нагласи Стерјовски.

Посочи дека Македонците во Албанија се лојални државјани на Република Албанија, но, додаде  „остануваме горди и достојни Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ”.

-И ние Македонците во Албанија сме под притисок на антимакедонската активност на Бугарија, која злоупотребувајќи го членството во Европската унија не избира средства за негација и асимилација на Македонците во Албанија. Ги осудуваме сите обиди од страна на Бугарија, која на секој начин сака да ја искористи сиромаштијата во областите каде живеат Македонците во Албанија, во намерата да ги прикажи како бугарско малцинство, рече тој.

-Во областите Преспа, Голо Брдо, Гора, Полето и Врбник, каде што Бугарија „бара” бугарско малцинство,  дополни Стерјовски, има „самоопределени и самоидентификувани Македонци кои го имаат истиот фолклор, традиција и јазик како и македонскиот народ во целина, во сите држави на Балканот, живеат во компактни области на границата со Македонија и имаат територијален континуитет со државата Македонија, немаат никаква врска со Бугарија”

-И затоа, бараме помош од Владата на Република Македонија во грижата за положбата и правата на Македонците во соседните земји. Таа помош ни е потребна и од сите Македонци во светот! Да живее македонскиот народ насекаде каде што се наоѓа. Вечна му слава на Пиринскиот Цар, рече на крајот од своето обраќање Стерјовски.

Извор: МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Земјотрес во Бугарија

Слаб земјотрес со јачина од 2,3 степени…

Се крчкаат нови предвремени избори во Бугарија

Бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) утре…

Македонија ја прегази Бугарија за финале на…

Македонската кошарка има нови јунаци! Јуниорската репрезентација на Македонија на…

МНР: Очекуваме Бугарија да ги преземе сите…

Република Северна Македонија е силно посветена на…

(Видео) Огромен пожар од Бугарија се движи…

Огромен пожар беснее кај Струмјани во Благоевградско,…