Великани на светската историја: Од мисионерка, преку Мајка Тереза, до светица

t

Мајка Тереза. Жена за должна почит, и тоа голема почит. Таа е невообичаена, неповторлива и светла ѕвезда на духовноста, милосрдието и хуманоста. Како ретко кој успеа да допре до луѓето од “светот“ на бедните, бездомниците, болните, инвалидите, маргиналците, отфрлените. Таа е силна и мудра, харизматична и покорна личност. Инаку, животот на Мајка Тереза е како легенда. Девојчето од Скопје, Македонија, се приклучи на милосрдните сестри за да оди како мисионерка во Индија, каде преку макотрпна, посветена и долготрајна хуманитарна работа стана “Ангел на сиромашните“. Нејзе ја почитуваа/т сите: христијани, муслимани, хиндуси и атеисти. За сите нив беше светица и неуморна жена која се грижеше за нивното здравје и за нивните животи. Таа од сиромашните гета во Индија, ја ширеше пораката на христијанската љубов кон ближниот низ целиот свет. Затоа и заслужено доби Нобелова награда.
Затоа светот одамна ја слави Мајка Тереза како хуманитарка и светица. Поточно, го слави нејзиното грандиозно духовно, културно и хуманитарно дело. Дело на највлијателната жена од редовите на католичката црква. Дело на најпознатата скопјанка. Гонџа Бојаџиу, по мајка и Дрона- албанка, а по татко и Никола – македонка. Сите во светот ја знаат како Мајка Тереза. Од пред некоја година и Мајка Тереза – светица. Инаку, во 2016г. издадов книга насловена ‘’Брендинг – култура, психологија, личност, филозофија, иновација, религија’’, во чиј пролог, меѓудругото напишав: Книгата е наменета за тие што знаат да сонуваат, да прифаќаат предизвици и да се борат за да успеат. Во овој контекст, Мајка Тереза, има искажано прекрасни мисли за животот, кои, еве ќе ги споделам со вас: ‘’Животот е сон, остварете го! Животот е предизвик, соочете се со него. Животот е должност, извршете ја! Животот е ветување, исполнете го! Животот е песна, пејте ја! Животот е борба, прифатете ја! Животот е живот, борете се за него!’’.

Имам неодоливо чувство дека овие прекрасни мисли за животот, можат да бидат патоказ на секој од нас, кој сака да работи и да успее во животот. Само така можат да се создадат моќни брендови. Се надевам дека благородните мисли на Мајка Тереза, но и оние содржани во книгата, ќе придонесат целосно да го отворите вашиот ум и да размислувате надвор од кутијата. Резултатот ќе биде огромен и прекрасен.

Зошто Мајка Тереза е прогласена за светица?

Затоа што таа е најхуманата жена на сите времиња. Затоа што таа е самото милосрдие. Со се што правеше покажа дека христијанското милосрдие е создадено од зборовите “мил“ (сакам, допадлив) и “срце“ и е симбол на чистите чувства и намери. Таа на сите во светот им покажа дека имањето добро срце, значи правење добро дело, готовност да се помага, давање на доброто со целото свое срце. Повеќе од 45 години водеше грижа за болните, хендикепираните и сиромашните, без оглед на нацијата, верата или полот. Докажана хуманитарка, со дар од Бога, која згрижувајќи ги болните и изнемоштените, го одеше патот кон вечноста. Нејзиниот сон беше да помага на другите, да ги охрабрува, да ги поддржува и да ги негува.

Уште како мала била фасцинирана од мисионерите и нивната хумана мисија да патуваат насекаде низ светот и да им даваат помош на болните, гладните, социјално запуштените и општествено маргинализираните. Од најраната младост се зарекла дека ќе биде хумана мисионерка, а подоцна кога отпочнала со реализирањето на својата хумана мисија, изјавила дека таа нејзина милосрдна работа е дар од Господ. Со неполни 20 години се приклучи на мисионерското движење “Сестрите од Лорето“, во 1929 година пристигнува во Калкута, каде го добива името Тереза, според заштитничката на мисионерите света Тереза. Во Индија, поточно Калкута таа како ново-печена мисионерка за првпат се соочува со големи невидени човечки страдања. Била згрозена од смртоносните болести, незгрижените и болни лица по улиците на Калкута.

Уште тогаш сфатила дека цел живот сета своја енергија и целата грижа ќе ги насочи кон помагање на тие болни деца, запуштени и изнемоштени стари лица. Била убедена дека нејзиното место е до нив и со нив, а задачата и е да им помага на секој можен начин. Најпрвин почнала со кампањи и конкретни акции за изградба на училишта за запуштени деца, а веднаш потоа се зафатила со реконструкција на руинираните болници. Правеше сè и вложуваше натприродни напори да му помогне секому што ќе побара помош, утеха и заштита. Како резултат на постигнатите успеси на планот на згрижување на деца, болни, хендикепирани и запуштени лица во 1950 година доби одобрение од Ватикан да оформи мисионерска служба што ќе врши добротворна мисија. Следуваше засилување и интензивирање на нејзината посветеност на мисионерската кауза. За болни од лепра, слепи, избркани од дома, запуштени, сиромашни, деца без родители, стана вистинска мајка и добрата Тереза. Кај неа илјадници страдалници наоѓаа спас и заштита.

За секого имаше време и добар збор за утеха и вистинско згрижување. Со годините нејзиното мало и скромно прифатилиште стана мал град и вистински топол дом во кој се згрижуваа и лекуваа хендикепирани, алкохоличари, бегалци од криза, болни од сида, жртви од поплави и земјотреси и сите други кои бараа сигурно засолниште, топол збор, храна и облека и неопходна грижа. Мајка Тереза отпочна да основа и сиропатилишта за деца во кои нејзините следбенички водеа грижа за напуштените и децата без родители. Успеа мисијата да ја прошири и во Австрија, Венецуела, Рим, Танзанија и САД.

Многу храбро и со големо достоинство без да се плаши за својот живот, одеше во земји зафатени од воени судири и од воениот виор успеваше да спаси голем број деца. За време на опсадата на Бејрут во 1982 година успеа да спаси многу детски животи. Ги посети и водеше грижа за настраданите од земјотрес во Ерменија, болните од зрачењето од Чернобил и гладните и изнемоштени лица во Етиопија. Во своето дејствување Мајка Тереза ги следеше изворните поуки и зборови од Исус Христос и мајката Марија истакнувајќи ја љубовта на преден план.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Костадинов до ДПМНЕ: ВМРО не е ваша…

Не е проблем што ВМРО-ДПМНЕ не разбираат…

Се намалува инфлацијата во Еврозоната

Годишната стапка на инфлација во еврозоната изнесуваше…

Трамп му постави „последен ултиматум“ на Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека вчера…

Грција во иднина би можела да се…

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска навести дека…

(Документи) Кој ја направи саботажата во РЕК…

Плаќаат 150 МИЛИОНИ денари за технолошко чистење…