Великани на светската историја: Политичката икона Мадиба или 46664

t

Пред некој ден(18 јули) се навршија 104 години од раѓањето на Нелсон Мандела, а догодина се навршуваат 10 години од неговата смрт. Во време кога светот на глобален план се соочува со осека на лидерство и недостаток на демократско промислување, одлучување и однесување од актуелните светски, европски, регионални и локални лидери не е лошо да се потсетиме политичката икона и легенда Мадиба под број 46664 – Нелсон Мандела. Потсетувањето ќе го направиме во две продолженија.

Политиката добива многу различни значења кои го замаглуваат вистинското. Во ова веќе подолго време се уверуваме од однесувањето на неубедливите и бледи политичари на Европската Унија, особено од нивниот непринципиелен однос кон Република Македонија во врска со евроатлантските интеграции и зачленувањето во ЕУ. А замислете сите тие меѓудругото одлучуваа и за нашата судбина. Каков апсурд! Но, не е се така црно во политиката. За разлика од нив има и политичари кои знаат што е вредност, како таа се создава и практикува во секојдневниот живот. За мене најдобар пример е Нелсон Мандела. Тој е нешто убаво и вистинско вредно што и се случило на политиката.

Нелсон Мандела е политичка, историска, културна и пред се хумана икона наречена Мадиба. Вториот надимок му е 46664 според бројот на затворската ќелија во која помина 27 години. Овој горостас од човек е синоним за упорност, истрајност, издржливост, страдање, правда и праведност. Им припаѓа на малиот број најпочитувани светски државници и политички лидери во целата светска историја. Има најголеми заслуги што озлогласениот апартхејд во Јужна Африка се смени со мултинационална демократија. Во затвор помина околу 27 години од својот живот, но тоа не му попречи по излегувањето од затворот да стане првиот црнец претседател на Јужноафриканската Република. Тој е креатор на мирот во Јужна Африка, за што ја доби Нобеловата награда за мир во 1993 година. Има извонредно голема харизма, симпатична смисла за хумор и неверојатна животна приказна кои му помогнаа да добие поддршка за своите залагања и борба за мир во Јужна Африка на глобално ниво.

Истовремено тој беше најголем борец против апартхејдот кој успеа да го уништи, иако претходно беше осуден на доживотен затвор од истиот тој апартхејд. Меѓудругото, се прослави и со неговите јавно изречени мисли дека го поддржува идеалот за демократија и слободно општество во кое сите луѓе живеат заедно во хармонија и со исти можности. Според него тоа е врвен идеал за кој вреди човек да живее, но и да се бори. Тој оди и понатаму велејќи дека доколку е потребно тогаш тоа е и идеал за кој е спремен и да умре. Инаку, уапсен е 1962 година и се до 11 февруари 1990 година ја издржуваше изречената му доживотна казна затвор. Во годините по неговото затоврање системот на Јужна Африка се соочи со многу меѓународни осуди за тоа што Мандела е во затвор. На тој начин угледот на Мандела постојано растеше насекаде во светот, а истовремено од сите страни на свеот доаѓаа осуди за апартхејдот. Мандела во 1988 година ја доби и Сахаровата награда за слобода на говорот.

Антиапартхејската политика со тек на времето стануваше се посилна и вршеше огромен притисок врз системот на Јужна Африка, така што претседателот Фредирк де Клерк беше приморан да го потпише ослободувањето на Мандела. Храбриот Мадиба е и синоним за голем борец против ХИВ сида. Во земја каква што е Јужна Африка во која сеуште да се зборува за сидата било табу тема, Мандела соопштил дека неговиот син починал од сида, па со тоа го натерал својот народ отворено да зборува за сидата за да ја прифатат за нешто за кое треба и мора да се зборува, но и да се преземат превентивни мерки за заштита. Нелсон Мандела е и голем фан на музиката и љубител на спортот. Неговиот авторитет беше одлучувачки во услови на голема конкуренција, Јужна Африка да биде домаќин на Светскиот фудбалски куп 2010. На крајот тој е многу скромен и објективен човек кој во 2004 година предвреме се повлече од политичкиот живот на возраст од 85 години. Образложуваше дека сака да му надокнади на своето семејство и да го помине остатокот од својот живот со најблиските и пријателите.

Како е создаден овој голем бренд на политиката и на животот воопшто?

Пред се со посветеност кон човековите права и голема истрајност во тоа што верувал и работел за време на целиот негов живот. Тоа се вистински вредности, или поточно создавање и одговорно практицирање на истите.

За жал пред 9 години неочекувано престана да чука срцето на таткото на Јужна Африка, херојот на слободата и непоколебливиот борец за мир Нелсон Мандела. Ретки се луѓето, кои живееја и во 20-от и 21-от век и кои имаат ореол на светска моралност со која зрачи Нелсон Мандела. Јужна Африка ја имаше честа нејзин претседател да биде живата легенда, извонредниот џентлмен, човекот кој не ги навредуваше и понижуваше ниту политичките противници, а поседуваше политички ретки особини, како што се искреноста и чесноста. Да бидам искрен тешко ми е да пишувам во минато време за овој горостас на човечкиот род, ама знам и свесен сум дека староста и болеста досега никој не успеал да ги победи. Упорниот борец на староста и пркосеше до 95-та година, а на болеста уште од 2001-та. На крајот, за прв пат во својот живот потклекна пред подмолната болест и како жива легенда замина во историјата.
По што беше препознатлив Мандела, кои беа вредностите што ги поседуваше и во што се состоеше неговата неповторлива големина?

Пред се тој беше многу едноставен човек, скромен и со благородна душа. Тој во своите настапи истакнуваше дека добриот ум и доброто срце секогаш се импресивна комбинација, а ние одсекогаш знаевме, гледавме и чувствувавме дека токму тој е таа импресивна комбинација. Човек со добар ум и уште подобро срце. Само таков човек можеше да нема горчина во срцето и желба за реваншизам во душата, кон своите противници, кои го осудија за неговото политичко дејствување и 27 години го држеа во затвор. Само човек со таков бистар ум и благородно мирољубиво срце можеше Јужна Африка да ја доведе до национално помирување и да ја направи земја во која расизмот ќе биде минато. Овие особини на човек со непомрачен ум и морално цврст карактер и политичар кој практикува само високи морални, политички и животни вредности направија од Мандела симбол на трајна вредност во светот исполнет со нечесност, неправда и цинизам.

Во време на голема осека на вистински политичари, државници и лидери, кога политичарите трчаат по мислење кај пи-ар стручњаците, во време кога ветувањата најчесто се празни радувања, а макијавелизмот прогласен за доблест во политиката, Мандела ја потсети планетата Земја на вредностите за кои се мислеше дека неповратно се изгубени и исчезнати. Го одликуваше скромност на жив светец и гранитна доследност во залагањето, одлучувањето и постапувањето. Во сваќањето и практикувањето на поимите чесност кон луѓето и лојалност кон каузата за татковината се издвојуваше од сивата маса на секојдневни политичари(ова е многу интересно ако денсе се анализитра во контекст на македонските состојби и односот на политичарите кон нив), а токму тие вредности и доблести направија целиот свет да го восприема како универзална глобална икона. Дваесет и седумте години поминати во озлогласениот затвор предизвикаа многу меѓународни осуди на апархејтот во Јужна Африка, а неговиот углед постојано растеше. Затворањето и издржувањето на доживотната казна затвор ги надминаа јужноафриканските рамки и со тек на времето се претворија во испит на совеста на човештвото, така што неговата популарност и слава добија митски пропорции.

Мандела стана најпознатиот политички затвореник на 20-от век и симбол на отпор кон апархејскиот режим, што предизвика протести низ целиот свет против апархејтот во Јужна Африка. Неговите жртви за слободата и за неговиот народ не беа залудни. Знаеше да рече дека ‘’секогаш се чини невозможно, се додека не се постигне’’. А тој го направи токму тоа, невозможното и ни покажа дека се е возможно, кога се сака нешто да се постигне. Тој го заборави минатото, кога беше затворан и угнетуван, и демонстрираше невидена способност да простува. Со неверојатна доза на жар и ентузијазам се посвети на остварувањето на целта и идеалот – Јужна Африка без расизам и без апархејд. Со својата борба за мир и човекови права Мандела стана немерлива и нерушлива сила на разумот и помирувањето во атмосвера на насилство и хаос. Неговиот авторитет, угледот што го поседуваше и харизмата која зрачеше од него допринесоа насилството да престане, а хаосот да се надмине.

(продолжува)

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Повеќе од 40.000 туристи се заглавени во…

Будење со звукот на сирените за воздушен…

Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…

Во центарот на Општина Градско, под плаштот…

Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…

(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…

ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…

УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…