Великани на светската историја(11.) Мона Лиза на Леонардо да Винчи –  најубав и највреден бренд на светот

t

Да се зборува за ремек-дело, без разлика на тоа за која област станува збор, не може а да не се споменат големиот гениј Леонардо да Винчи и неговото уметничко ремек-дело Мона Лиза. Тоа значи дека во вселената на извонредни брендови влегуваме преку безвременската убавина на Џаконда.

Своевремено Леонардо Да Винчи самиот за себе рекол: “Еден ден ќе направам нешто боженствено“. Нашиот народ вели “речено-сторено“. Ја насликал Мона Лиза и го создал најбожественото дело во уметноста на сите времиња. Дело кое низ историјата на уметноста привлекло најголемо внимание и интерес. Најмногу проучувано, величено, но и исмевано и пародирано.

Сепак како уметничко дело говори само за себе. Неговата грандиозност е немерлива, а убавината безвременска. За него зборовите се непотребни. Има нешто магично и извонредно во Мона Лиза. Не наведува да размислуваме за смислата на нештата што ги правиме. Поттикнува на творење… создавање на вредности. А брендовите се токму тоа: додадени вредности. Скот Бедбери би рекол нешто заедничко го унапредуваме на начин што ќе го направиме многу позначајно и повредно. Токму тоа го направил Леонардо Да Винчи. Ја пронашол Џоконда ја насликал, на начин досега необјаснет, и ја создал безвременската убавина на уметноста, на која и го дал името Мона Лиза.

Денес тоа име, Мона Лиза, прересна во бренд. Голем и многу вреден бренд, највредно уметничко дело, досега непроценето. Поради вредноста и бесценетоста можеме да ја почитуваме, но и не мораме. Но не можеме да не и се восхитуваме и да не ја обожаваме.

Мона Лиза е свето дело. Олицетворение на чиста, едноставна, природна и божествена убавина. Осумдесетите години кога прв пат го посетив Лувр застанав пред неа и занемев. Мислам дека за неа нема рационално објаснување. Ја доживеав како креација на уметноста и плод на фантазијата и имагинацијата. Уште во првиот миг кога ја погледнав како да почуствував дека сум пред икона. Света икона од минатото, икона што просветлува. Како да е создадена да просветли цела една епоха. Ѕвезда што ја наговести ренесансата, и засекогаш ја “збриша“ темнината на средниот век.
Затоа Мона Лиза одамна веќе не е слика, обична слика. Таа прерасна во симбол на сликарството. Икона на уметноста. Светски мит, што го надмина сликарството. Стана митски предмет, кој никогаш не може да исчезне. Митот за легендарната Мона Лиза секогаш ќе живее. Легенда што живее низ времето. Инаку легендата доаѓа од нејзиното име Ла Џоконда! Во неа има многу мистика.

Од каде доаѓа, која е и дали била само обичен модел за портретирање на Да Винчи? Многу луѓе до сега рекле дека тајната е во нејзината насмевка. Таа е еден вид мистерија. Сепак колку и да сакаме да ја поедноставиме Мона Лиза не е едноставна. Таа е комплексна, дури контраверзна творба. Имагинација што заведува. Креација што ги освојува сите. Успева да инспирира безброј уметници, скулптори, музичари, менаџери, маркетиншки работници и дизајенри. Аплицирана е на безброј предмети и уметнички творби. Ја има на џемпер во источните земји, на поштенски марки во многу земји, на маици, фустани и ташни. Дури и на футроли за презервативи. Многу се обиделе да ја понижат и омаловажат. Пресликувана е како најразличи ликови од политиката, како што се Митеран и Ширак, на очите и се ставени Реи Бан очила, принтана е во најразлични религиозни ликови и слично. Досега никој не успеа во намерата да ја обезвредни. Напротив, таа стана уште појака, помоќна и пославна.

Тајни на успехот:

Леонардо Да Винчи. Голема личност на Ренесансата. Можеби најголема. Леонардо не бил само уметник, туку вајар, архитект, инжињер и научник. Како голем мајстор на уметноста навистина направил боженствено дело што сите ги освојува. Создал ремек дело пред кое секој искрен љубител на уметноста и почитувач на убавината се поклонува. Олицетворение на голема инвентивност, иновација на дело и способност сето тоа на магичен начин да се стави на платно. Умешност да се овековечи еден убав лик на жена, прекрасна насмевка и поглед кој заведува.
Мистериозна насмевка. Најмистериозна насмевка на жена било кога пренесена на уметничко платно. Најпроучувана насмевка во историјата на уметноста и човештвото воопшто. За каква насмевка станува збор? Ниту е тажна, ниту пак многу радосна. Најмногу е израз на надеж. Едноставна, обична насмевка на дама.

Перфектни уметнички техники. Мајсторство на техники: ciaroscuro, употреба на контрасти помеѓу светлост и темнина, и stumato, постигнување на суптилни преоди помеѓу боите. Со првата техника Да Винчи контрастите на светлина и темно на портретот ги довел во таков сооднос што до денес не е видено ниедно друго уметничко дело. Со стуматото пак на портретот му внел најпрефинети и најсуптилни преоди и прелевања на боите, што се губи секоја граница, а формата е доведена до совршенство. Овде треба да се спомене погледот на Џоконда. Неправедно е ставен во втор план во однос на насмевката. Погледот во исто време е бистар и неопределен. Каде и да се движите таа ве гледа и ве обзема. Тоа е само додавка, но битна додавка, на и онака доминантноста на ликот на преубавата Мона Лиза.
Еве неколку интересни факти за ова генијално дело:

Факт број 1 за брендот: Највредно, досега не проценето, уметничко дело во историјата на уметноста на сите времиња.
Факт број 2 за брендот: Во 1974 година кога била изложена во Москава и Токио дневно ја гледале по 12 000 луѓе.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Полицијата во Германија не верува дека постои…

Полицијата во Германија не верува дека постои…

Гори на Вардариште во Скопје, интервенираат неколку…

Неколку противпожарни возила се обидуваат да го…

Неделков: Изјавата на министерката за платите не…

Изјавата на министерката за образование и наука…

Три лица од Турција нападнати кај кањонот…

Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје,…

Карапејовски: ЗНАМ ќе го оформи ставот за…

Пратеникот Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ „За…