Великани на светскиот спорт(10.) Пеле: Крунисан крал на фудбалот

t

Неговото вистинско име е Едсон Арантес до Носименто. Сите во светот го познаваат како Пеле. Најдобриот фудбалер на планетата Земја на сите времиња. Вечниот крал на фудбалот. Со неполни 16 години се појавува на светската фудбалска сцена. Во 1957 година настапил во составот на фудбалската репрезентација на Бразил, против Аргентина и постигнал еден гол. Сите спортски весници во извештаите од натпреварот пишувале за “фудбалска сензација од Бразил“ и многумина прашувале како се спелува неговото име. Некој мудро одговорил – БОГ. Легендарна изјава што го обиколи светот.

Кој е Пеле?
Дали навистина е бог?

Кога имал девет години Пеле прв пат го видел неговиот татко да плаче. Го прашал зошто плаче, а татко му му одговорил дека е тажен бидејќи Бразил изгубил од Уругвај во фудбал и нема да биде шампион, што значи и нема да има веселба и забава. Тогаш Пеле му ветил на својот татко дека кога ќе порасне сè ќе направи Бразил да стане светски првак во фудбал и дека тоа ќе го направи за него. Само осум години потоа, во 1958 година Пеле блесна во дресот на бразилската репрезентација во Шведска на Светското првенство во фудбал, и даде голем придонес во освојувањето на светската титула. Улогите се променија. Тогаш Пеле од возбуда и среќа не можеше да ги сокрие солзите радосници. Беше пресреќен што го исполни даденото ветување на татко му. Подоцна го потврди уште двапати: Во Чиле 1962 година и во Мексико 1970 година. Ова е симпатична бренд-приказна за имање визија, зацртување на цели и остварување на дадено ветување. Тоа се одлики само на големи брендови. А токму таков е Пеле.

Бразилска и светска жива фудбалска легенда. Со своето фудбалско мајсторство го покори светот на фудбалот и спортот. Повеќе од половина век од неговото појавување го паметиме како најдобар фудбалер и примерен и благороден спортист на сите врмиња. Секој допир на неговите копачки со топката беше чудесен и волшебен, а секој негов потег, дриблинг или удар во фудбалската игра беше нешто ново. Фудбалска уметност. – Симфонија на фудбалот. Комплетен и совршен фудбалер.Во фудбалската игра што ја прикажуваше на теренот успеа да ги обедини техниката, брзината, атлетските способности, прецизноста и чувството за постигнување гол. Во фудбалската кариера одигра 1 362 натпревари на кои постигна 1 280 голови.

За прв пат Пеле го видов на телевизија во 1966 година на Светското првенство во фудбал што се одржуваше во Велика Британија. Како деветгодишно дете од тоа првенство запаметив три работи: двајца црни фудбалери, од кои едниот беше Еузебио и даваше прекрасни голови, другиот многу го повредуваа и на носила го изнесуваа од теренот, а третиот беше спорниот гол на Англичаните во финалето. Подоцна сфатив дека фудбалерот што постојано го повредуваа на тоа светско првенство е Пеле, најдобриот фудбалер на светот во тоа време. Така започна моето следење на фудбалската кариера на Пеле. Секогаш кога гледав снимки и инсерти од неговите настапи на Светското првенство во фудбал 1958 година во Шведска, ама буквално уживав, а засекогаш ќе ги паметам и неговите игри и голови на Светското првенство во фудбал што 1970 година се одржа во Мексико. Сепак, кога е Пеле во прашање, најповеќе се сеќавам на еден друг момент.

Тоа е прошталниот настап на Пеле за бразилската репрезентација. Противник е тимот на сега веќе поранешна Југославија, а се игра на легендарната Маракана, храмот на фудбалот во Бразил. Натпреварот завршува, секако со многу емоции и солзи, а Пеле, легендата на светскиот фудбал му приоѓа на Холцер, центархалфот на Југославија што за време на натпреварот беше задолжен да го чува и му го подарува дресот. Легендарната „10“ што секој посакуваше да ја добие. Од рацете на големиот Пеле ја доби Холцер, фудбалерот што ниту еднаш за време на натпреварот не направи фаул над Пеле. Таков гест можеше да направи само голем фудбалер. А токму таков е Пеле. Вистински џентламен во копачки. Таков остана и потоа, до денешни денови. Што сè постигна Пеле на фудбалскио терен?

Покрај рекордните натпревари и постигнатите голови, тој е најмлад играч во историјата на светските првенства, најмлад стрелец, најмлад фудбалер што постигнал хет-трик и најмлад стрелец на финален натпревар. Титулата светски првак трипати ја освои со репрезентацијата на Бразил, со Сантос беше првак на Бразил осум пати, а еднаш и со Космос во фудбалската лига на САД. Најзаслужен е за развојот на фудбалот во САД и Африка. Сите љубители на фудбалот ја паметат 1967 година кога благодарение на славата и угледот на Пеле во Нигерија се прекина граѓанската војна за да може тој да одигра фудбалски натпревар во главниот град Лаос.

Пеле 22 години играше фудбал и исто толку време беше промотор на пријателство и спрот помеѓу луѓето во светот. Фудбалски амбасадор на Бразил, но и вистински амбасадор на спортот во целиот свет. Во Бразил секој 19 ноември се одржува Ден на Пеле, во чест на илјадитиот гол што тој го постигна на Маракана. Во 1980 година Меѓународниот олимписки комитет го прогласи за атлет на светот, а во 2004 година од ФИФА е прогласен за најдобар фудбалер на сите времиња. Во 1997 година е прогласен за почесен британски витез, а во 2000-та при избор на спортист на векот го зазеде второто место, веднаш по Мухамед Али, најголемиот боксер на сите времиња. Амбасадор е на Обединетите нации и на УНИЦЕФ.

Самиот вели дека негова мисија е да им помага на младите да станат добри фудбалери, но пред сè чесни луѓе. Се ангажира за едукација на младите во борбата против расната и сексуалната дискриминација. Активен чинител е на кампањи кои го објаснуваат штетното влијание и разорувачкото дејствување на дрогата во животот и развојот на младите.

Нема дилеми: Пеле е најдобар фудбалски бренд, признат спортски бренд и респектиран хуманитарен бренд. Бренд со врвни спортски и неспорни животни вредности. Општествено корисен и хуманитарно ангажиран бренд. Тоа е Пеле, младото момче за кого едни велеа дека е бог, а други фудбалска топка, доколку не бил човек. Според мене, крунисан крал на фудбалот, засекогаш и за секој љубител на фудбалската вештина.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Севернизација“ во Собранието: Од 41 закон се…

Владата и министерствата ја бетонираат „северна“. До…

Пожар изби во Ајфеловата кула во Париз,…

Во тек е евакуација на Ајфеловата кула…

Кривична пријава за даночно затајување за сопственик…

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава…

Кривичен ја одби жалбата за притвор на…

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје…

Владата со препорака Службен весник да ја…

Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…