Великани на светскиот спорт(11.) Фудбалскиот виртуоз Меси(прв дел)

t

Сите фудбалски великани што ви ги претставив досега повеќе не се активни фудбалери. Ја завршија нивната фудбалска кариера, помина извесно време и ги оценував според покажаното на теренот и освоените фудбалски трофеи. Денес правам отстапка. Пишувам за Лео Меси, кој сеуште е активен фудбалер. Ама знаете, секогаш има искључоци. Лео е фудбалер кој за живот стана фудбалска легенда, и не можам, а да не напишам некој збор и за него.

Лионел Меси е фудбалер со фасцинантна фудбалска кариера. Најталентиран фудбалер што некогаш истрчал на фудбалскиот терен. Болникаво момче со хормонални проблеми ќе реализира блескава фудбалска кариера и ќе стане голема фудбалска ѕвезда. Пеле и Марадона се најголемите фудбалери што ја удирале фудбалската топка, ама не е претерување да се каже дека веднаш до нив, на врвот на фудбалскиот Пантеон, е и Меси.

Од 2009 година до денес Меси седум пати е прогласуван за најдобар фудбалер во светот. Тој, Лионел Меси, наречен El Pulga(Болвата), дефинитивно е фудбалски виртуоз. Неспорен факт е дека во 21-от век, доминира во светскиот фудбал. Фудбалот го игра со невидена леснотија. Кога игра фудбал тој едноставно се забавува, а фудбалските фанови уживаат во неговата генијалност. Играјќи фудбал и победувајќи израсна во фудбалски месија. Го обожаваат, навивачите на Барселона и ПСЖ, аргентинските фудбалски фанови лудуваат по него, а сите останати го респектираат.

Пред да дојде во Париз, Меси помина 21 година во Барселона, каде што пристигна како 13-годишник. За првиот тим дебитираше на 17 години, покрај Роналдињо, а од тој момент за Барселона одигра 778 натпревари, постигна 672 гола и забележа 305 асистенции.

Тој е рекордер на Ла Лига со 474 гола и 217 асистенции на 520 натпревари.
Десет пати беше играч на сезоната во Шпанија, каде што освои исто толку титули, заедно со седум трофеи во Копа дел Реј и осум Суперкупа. Тој исто така освои четири Лиги на шампиони и три титули на Светското клупско првенство.
Одамна светот не видел таква фудбалска генијалност, но и скромност надвор од фудбалскиот терен. Со својата фудбалска генијалност, го менува стариот фудбалски поредок, а со одговорноста кон играта и својот тим, и со скромното однесување надвор од фудбалскиот терен воведува нов фудбалски поредок. Неговата фудбалска генијалност се состои во перфектната ‘‘едноставност“ на неговите решенија кога тој е во напад и кога тој напад најчесто завршува со ефектен гол. Зачудува неговиот мек допир на фудбалската топка, дриблинзите му се толку елегантни и непредвидливи што едноставно пленат, покажува способност и моќ да ја помине целата противничка одбрана, а неговата визија секогаш е топката позади грбот на противничкиот голман – во голот. Таквата визија најчесто и ја остварува.

Како го прави тоа?

Еве еден мал фудбалски времеплов: На Валенсија и Сарагоса во Шпанската Примера девизија, најјаката фудбалска лига во светот, за една недела им дава по три гола, постигнува хет-трик, а неделата ја заокружува така што на Штудгарт во Лигата на Шампионите, најјакото меѓународно фудбалско натпреварување, ќе му смести “само“ два гола. И тоа не е се! Во следното коло на Лигата на шампионите на Арсенал му “забива“ четири гола, и така секоја недел во недоглед. Дриблинзи, голови, додавања, фудбалски финти. Сиот овој раскошен фудбалски арсенал го направи фудбалски волшебник, фудбалер од друга планета. Да, токму таков е најдобриот фудбалер на светот, и најдобар стрелец во јаката шпанска фудбалска лига, а сега градител на играта на ПСЖ.

Инаку неговата фудбалска рапсодија започна 2005-тата, кога на светското фудбалско првенство на фудбалери до 20 години беше прогласен за најдобар фудбалер, со шест гола беше најдобар стрелец, а Аргентина во финалето го победи јакиот Бразил и стана шампион. Меси со фудбалската топка е толку умешен, што мислите дека со неа може да постигне што сака и кога сака.

Тоа најдобро го знаат неговите противници од фудбалскиот терен. Тој толку вешто и весело се подигрува со своите противници, што никој и не помислува да му се налути за пројавената детска дрскост, затоа што на најубав начин на сцена ја враќа подзаборавената вештина на дриблингот, од времето на фудбалскиот вонземјанин Марадона и фудбалскиот уметник Пеле. Неговата големина е во тоа што воопшто не наликува, ниту на Марадона ниту на Пеле. Има свој автентичен и препознатлив стил. Тој е симбиоза на фудбалска визија и знаење, но и фудбалер кој поседува умешност, сето тоа преку невиден дриблинг, прецизно додавање и силен удар, да го претвори во ефектно постигнат гол.

Преку месијанската игра, овој фудбалер воведе месијански фудбал и месиманија помеѓу сите млади фудбалери во светот. За фудбалските фанови тој истовремено е и фудбалски бог и фудбалски месија. Инаку, фудбалскиот бренд Меси денес има голема вредност. Го проценуваат на повеќе од сто милиони евра, а неговата годишна заработувачка изнесува над стотици милиони евра. Заедно со предвидениот бонус од Барселона на годишно ниво добиваше околу 26 милиони евра, нешто повеќе во ПСЖ, а останатото го заработува од спонзорите како што се Адидас, Пепси Кола, Џилет, Данон, Сеико и др.

Тоа е малиот моќен фудбалер Меси. Дојдено е времето кога конечно неговата фудбалска бајка траба да заврши на фудбалскиот Олимп. Што ли за ова мислат Неимар, Мбапе и останатите кои претендираат да го заземат неговото место? Во деновите пред нас ќе дознаеме и за едното и за другото.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Герасимов: Запрено е напредувањето на украинските сили…

Напредувањето на вооружените сили на Украина длабоко…

Рускиот опозициски активист: Украина е жртва на…

Рускиот опозициски активист Илја Јашин вели дека…

Во Брисел е нападнат амбасадорот на Азербејџан…

Амбасадорот на Азербејџан во НАТО и неговата…

Немаме сознанија, ќе го контактираме Киев –…

Соединетите Американски Држави планираат да ја контактираат…

Вечна им слава на ХЕРОИТЕ! 23 години…

И по 23 години од случувањата на…