Вечна му слава: 153 години од раѓањето на Гоце Делчев, „срцето на Организацијата“

t

На денешен ден , 4 февруари 1872 година, пред 153 години е роден идеологот на македонското револуционерно движење, „Срцето на Македонската Револуционерна Организација“, Ѓорѓи Николов Делчев или како што сите го знаеме, Гоце Делчев.

Роден е и се школувал во Кукуш, кадешто завршил прогимназиско образование, во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште. Се вратил во Македонија и во Штип бил учител во Ново Село.

Ѓорче Петров во неговата „Беседа за Гоце“ со восхит зборува за апостолот на МРО.

Со кама стисната силно во раката како во екстаза, со движења кои ги правеше пред другарите, без некому лично да му се обраќа со зборови на восхит, просто ја опеваше камата како симбол на некаков култ. Секој којшто го слушаше или гледаше во таква положба, се заразуваше од неговите движења и зборови. Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување, како што Гоце ја бакнуваше својата кама, пред да ја стави во нејзината футрола… Гоце и самиот јунак, имаше голема слабост кон поединечните појави на самостојност, а со својот пример има крупни заслуги за Организацијата. При создавањето на кадри од такви поединци, неговата заслуга за Организацијата беше огромна. Во тој однос тој беше незаменлив. Неговото влијание во тој однос врз работниците го одразуваа духот и внатрешната сила на самиот автор. Гоце, самоуверен во исполнувањето на својот долг, имаше огромно влијание. Гоце беше голем почитувач на личното јунаштво, зошто и тој самиот беше таков и тоа го докажуваше со жив пример. Тој не запираше пред вистинската смрт, која би можела да се избегне. Никој, никаде и никогаш не забележал кај него белези на страв или збрканост во случај на средба со потери или кога му јавуваа дека претстои некоја опасност. Своето презирање на смртта кој него беше нешто природно и неизвештачено, тоа се примаше како едно душевно чувство што беше неразделно од неговата природа. Ваквото влијание на тој правец беше огромно и многу значајно кога ги правеше многубројните посети на четите. Делчев секогаш ја ставаше на чело единката која имаше колективна целина. Една од неговите основни задачи во неговите агитации беше да создаде такви типови кои ќе го подигнат духот на луѓето за поединечна работа и борба, за лична иницијатива. Тој работеше и создаваше поединечни сили, кои се вткајуваа во организацискиот морал и во создавањето кадри од таквите сили, кои ќе бидат можен придвижувач на делото. Камата, неговиот најсилен инструмент, беше моќно средство за изразување на самоувереноста и терористичката дејност на Организацијата, затоа што со неа можеше да се користи само човек со полна самоувереност… Камата одигра крупна улога во животот на Организацијата во прво време, а пушката подоцна… Гоце ја опеваше камата како оружје на теророт во Организацијата и дејствуваше со неа како агитатор… Камата како најсигурен инструмент на двојна смрт (убиство и евентуално самоубиство) дејствуваше без грешка и како симбол на самоувереност беше предодредена да игра и воспитна улога за создавање кај работниците дух на самоувереност и саможртва, затоа Делчев ја засака, ја избра и ја претпочиташе пред револверот…

— Ѓорче ПетровБеседа за Гоце

Во изданието „Гоце Делчев“ од Христо Андонов-Полјански, Истарска наклада, објавено во Пула, 1985 година има наведено цитати од македонскиот револуционер каде Делчев зборува за конфронтациите со бугарските власти.  Во продолжение обраќањето на Делчев до Иван Анастасов-Грчето, 1900 година:

„Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која и да било друга сила, туку треба да се подготвиме однатре – во душата секој селанец да се проникне под таа идеја, сè да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. Дотогаш никој однадвор да не се меша во нашата работа. „Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа „помош“ создадената состојба на работите внатре; таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии… Повторувам, ударот ќе биде страшен!

Гоце бил образован човек и секако покрај најпознатата „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“ имал и други брилијантни и исклучително напредни идеи за времето во кое живеел.

Јас не ги мразам Османлиите како народ, јас војувам против османлиската тиранија како владејачки систем…“ – велел Гоце.

Гоцевиот идеал е слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното население. Негова максима е: Ослободувањето на Македонија лежи во едно внатрешно востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, се лаже и себеси и другите. За да се дојде до саканата цел, според Гоце: секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струи на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон жртвување. Затоа Гоце смета дека: моралната револуција, револуцијата на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголема задача.

Гоце сосема јасно ја увидел опасноста од поделба на Македонија од страна на балканските држави. Тој бил противник на секакво мешање на надворешните фактори во македонското ослободително движење. Тој одбивал секаква надворешна помош, поврзана со амбиција за манипулирање со македонското дело. Тој истакнува: Организацијата на македонскиот народ е нужна да го собори ропството над себе, а не да тргува. Гоце смета дека револуционерната борба треба да се води единствено со сопствени сили. Укажувајќи: Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив.

Гоце пледира за проширување на базата на македонското револуционерно движење преку барање на внатрешни сојузници. Организацијата се отворила за сите незадоволни елементи, без оглед на нивната етничка и конфесионална припадност. Тој меѓу првите се залага за вклучување на жените во револуционерната борба, со што ослободителното движење добило општочовечка димензија.

Во негова чест голем број на улици, училишта, плоштади, манифестации и споменици го носат неговото име. Во негова чест е именуван и градот Делчево.

Вечна му слава!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ