(Видео) „Ако некој мисли дека 62 е само бројка, нека ни дојде во соништата“ – Манта, мајка на Спире Стоименов
Манта Стоименова е мајка на Спире Стоименов, момче кое трагично го загуби животот во трагедијата во Пулс. На саботниот „Марш за ангелите“ таа одржа говор кој трогна многумина и привлече големо внимание во јавноста.
Денес не зборуваме како некој што маршира, зборуваме како некој што изгубил. Некој што секој ден го доживува она што другите луѓе не можат ни да го замислат. Зборуваме во име на оние 62 души кои повеќе не можат да кажат ништо. И во име на сите нас што ќе ги носиме во себе до крајот на животот. Секоја сабота сме тука. Многу луѓе мислат дека ова е обичен марш, протест, настан. Но, ова е погреб што никогаш не заврши. Ова е крст што го носиме секој ден. Ова е повик за оние што никогаш повеќе нема да се вратат дома. Ова е надеж дека некое дете ќе живее затоа што ние врескавме доволно гласно за нашите што не преживеаја. Тие беа 62 светлини и сега живееме во мракот што го оставија зад себе. Мрак што системот го направи уште потемен. Светлина што згасна затоа што некој не си ја заврши работата. Затоа што некој заборавил да стави доволно врати. Затоа што некој штедел на живот. Затоа што инспекцијата дошла на кафе и ракување, а не со одговорност. Затоа што нема последици, нема правда, нема ништо! Само едно големо ништо. А ние што изгубивме, ние се будиме и заспиваме со нив, им зборуваме а тие молчат. Ги замислуваме на маси за родендени, дипломирања, свадби, а нив ги нема и никогаш нема да ги има. Луѓето ќе кажат пројде време, ќе речат мораш да продолжиш. А како се продолжува кога си оставен со празнина што не се полни. Како се живее кога дел од тебе е погребан заедно со нив. Овој марш не е само марш, ова е вик за правда што никој не ја носи, ова е љубов што никогаш нема да згнасе колку и да се трудат да не замолчат. Ние не сме тука од инает, ние не сме тука од политика, ние сме тука затоа што 62 деца, пријатели, браќа, сестри, внуци, љубови, не се вратија дома и никогаш нема да се вратат. Ако мисли некој дека ова е само бројка нека ни дојде во соништата, нека ги види мајките што спијат со нивната облека, нека го слушнат таткото што се враќа дома и уште чека „Тато, дојдов.“ Нека ги види пријателите што уште праќаат пораки знаејќи дека никој никогаш нема да им одговори. Ние не сме слаби што плачеме, ние сме силни што воопшто се исправивме. Ние сме глас за тие што молчат во вечноста. И не, не можеме да ги вратиме назад. Но, можеме да наравиме да не изгуби уште некој. Нека знае целата држава – 62 ангела не се бројка, тие се љубов, тие се болка, тие се минато, сегашност и иднина, тие се живот што никогаш нема да престанеме да го браниме, рече Стоименова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) „Ако некој мисли дека 62 е…
Манта Стоименова е мајка на Спире Стоименов,…
Турските пензионери масовно се селат во Бугарија
Бугарија станува нова дестинација за турските пензионери,…
Мицоски се премисли, БРТ не е лоша…
ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од БРТ во…
Професорот Калајџиев: Што е страшно околу обвинението…
Професорот по Кривично право, Гордан Калајџиев, ги…
Сикорски: Целта на руските дронови беше да…
Упадите на руските беспилотни летала имаа за…