(Видео) Борисов бара извинување од Скопје и оставка од Николоски
Не стивнуваат реакциите во Бугарија по изјавата на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.
Денеска лидерот на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Бојко Борисов прашан за коментар на изјавата, рече дека за тоа има само еден еден одговор, а тоа е извинување и побара оставка од вицепремиерот Николоски.
Доколку тоа не се случи, Борисов порача дека во тој случај ниту бугарскиот претседател, ниту премиерот, ниту министрите не треба да се среќаваат и да разговараат со претставници на властите во Скопје.
„Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите кои се сретнаа со нив, најдобронамерно, тоа не можам да го одречам. Навистина тие се од неодамна во Владата во Северна Македонија и работите околу протоколите не му се јасни на државниот протокол. Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“,
изјави Борисов, пренесуваат бугарските медиуми.
Лидерот на ГЕРБ најави дека тие од своја страна ќе ја информираат Европската народна партија (ЕПП), каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ, за да знае, како што вели, што зборувале.
„Ние ќе направиме сè што е неопходно во Европската народна партија (ЕПП) да знаат што зборувале и за што е нашето категорично решение по тоа прашање“,
вели лидерот на ГЕРБ.
Околу самата средба на Сиљановска-Давкова и Радев, тој вели дека тие не треба да се одржуваат надвор од официјалните протоколи.
„Очигледно, пријателските средби со овие луѓе, дури и поврзани со операта, не треба да се остваруваат надвор од официјалното, ако се прават според протокол јасно да се каже што мисли едната или другата држава“,
рече Борисов.
Инаку, на почетокот во одговорот на новинарското прашање, лидерот на ГЕРБ критички се осврна на ситуацијата во Бугарија која подолг период не може да избере политичка влада.
„Прво ние треба да однесуваме како држава, да покажеме стабилност, да покажеме потенцијал да одиме напред, а ние не го правиме тоа веќе седми избори. И вие самите од нас, од мене, сте слушнале дека однадвор Бугарија изгледа ужасно. Најголемите весници во Европа пишуваа дека Бугарија нема владеење“,
изјави лидерот на ГЕРБ .
За потсетување, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.
Во врска со изјавата денеска реагираа од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, од каде што велат дека манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали.
Вчера од бугарското Министерство за надворешни работи соопштија дека ги известиле партнерите за „неиспровоцираните провокации” од функционери на Северна Македонија, чија цел, според официјална Софија, е да се наруши дијалогот.
Претседателката Сиљановска-Давкова во понеделникот во ТВ-настап рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Борисов бара извинување од Скопје и…
Не стивнуваат реакциите во Бугарија по изјавата…
Три малолетнички брутално претепале девојче поради дечко
Три малолетни девојчиња брутално претепале девојче поради…
Пациент почина на Инфективна поради компликации од…
Жител од Чешиново–Облешево починал на Клиниката за…
ЦУК апелира за редовно чистење на локалните…
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК)…
Владата донела одлука модуларната болница на Инфективна…
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во…