(Видео) Внимавајте, “ќе им пукне тиквата” некогаш и на Македонците: Уставните измени ќе се случат, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласаат!
Жално но вистинито, ама народот веќе се помири со уставните измени кои ни се наметнуваат, не по наша желба.
По завршувањето на празничниот период почна “дипломатската” офанзива на Западот во земјава со цел пренесување на пораката дека е добро, за нашата европска иднина, да ги внесеме Бугарите во Уставот.
Германската амбасадорка, советникот на американскиот Стејт Департмент Дерек Шоле, евроамбасадорот Дејвид Гир, американската амбасадорка Агелер и неколкумина останати кратко и јасно ни кажаа дека треба да се посветиме на “реформи за европскиот пат на државата”, што покрај суштинските реформи значи и уставни измени.
“Капак” на сето тоа беше вчерашната средба на лидерите на албанските партии во Македонија со албанскиот претседател Еди Рама со кој, според изјавите на присутните на средбата, се разговарало за “европската иднина на Макеоднија и заедничката европска иднина на двете држави”. Дополнително Арбен Таравари нагласи дека ниедна албанска партија во Македонија не е против европската иднина на државата, а со тоа не е ниту против уставните измени.
Ние ги прашавме граѓаните што мислат, дали ќе се случат уставни измени и дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за истите иако претходно потпишаа нотарски изјави дека тоа нема да се случи, нотарски изјави кои немаат апсолутно никакво правно значење, но за тоа малку подоцна во текстот.
Најголем дел од граѓаните сметаат дека уставните измени ќе се случат, иако не треба. Мал дел се оптимисти дека опозицијата ќе го одржи зборот и дека нема да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, еден дел сметаат дека измените се потребни и ги поддржуваат истите.
Најжално од се беше тоа што голем дел од луѓето рекоа дека воопшто не се заинтересирани дали и какви промени на Уставот ќе се случат, а голем дел не сакаат да зборуваат пред камера поради сопствени стравови, но во приватен разговор со нас велат дека не поддржуваат внесување на Бугари во Уставот и дека ги жалат младите генерации што најверојатно ќе живеат во држава со вештачки идентитет.
Во продолжение мислењето на граѓаните:
Да почнеме од почеток: Што значат уставните измени?
Уставните измени за кои моментално се разговара, преговара, убедува значат промена на Преамбулата на Уставот на Република Македонија. Во делот на преамбулата во кој се набројуваат државотворните народи, покрај Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите “и останатите”, како што е моменталната формулација, промените предвидуваат додавање на Бугарите, Црногорците, Хрватите… Покрај нив барање за додавање во Уставот истакнаа и Египќаните и Македонците муслимани (што е дополнителен проблем и расслојување на македонското ткиво).
Што е државотворен народ? Народ кој активно се борел и залагал за самобитноста на државата, придонесувал за напредок на истата. Македонија во истата Преамбула која треба да се промени нагласува дека современата македонска држава е изградена на асномски, антифашистички, илинденски темели и е плод на вековната борба на македонскиот народ за ослободување од ропството и создавање на сопствена држава.
Зошто Бугарите не се државотворен народ? Затоа што покрај германскиот, македонските партизани (и тука мислиме на сите етнички заедници кои биле дел од македонскките партизански чети) се бореле првично и најмногу против бугарскиот фашистички окупатор, кој во Македонија извршил невидени ѕверства, на исто рамниште, а можеби и поголеми од целата мака која Македонците ја тргале за време на Османлиската Империја.
Кои се тие ѕверства? Масакрите кај Дабница, Долно Јаболчиште, Ваташа, Моклиште, сечење глави на партизани и партизанки, депортација на илјадници Евреи во Треблинка, безброј силуваеа, палења на цели населби и села, ограбување на се што ќе најдат…
Логично, се поставува прашањето: Како окупатори можат да бидат државотворен народ? Едноставно е, не можат.
Со внесување на Бугарите во македонскиот Устав се уриваат илинденските и асномски темели на државата. Ние сме уникатен случај каде (меѓу другото под присила) го нарекуваме конститутивен народот кој со векови води политика на асимилација кон нас, не признаваат македонски јазик, македонски народ, држава пред 1945. година, македонска историја и култура, ги грабаат сите наши дејци и револуцинери од илинденскиот и предилинденскиот период, сите наши просветители. Просто велат дека сме вештачка, титова творевина, магично создадена во 1945 година, што научно и практично е невозможно…
Која е процедурата за измена на Уставот и дали е обезбедено двотретинско мнозинство?
Промената на Уставот во секоја држава е многу сложен и противречен процес, опфаќа повеќе фази, а противречен бидејќи секое “отварање” на уставот е потенцијална опасност за конфликти помеѓу политичките субјекти, особено во поделените и недемократските општества (нешто слично како нашето општество кое е поделено, но политичките елити очигледно добро си соработуваат, а кавгите остануваат за народот).
– Прва фаза од постапката за измена на Уставот е предлог за пристапување кон измена на Уставот. Соглсно одредбите на Уставот на Република Македонија предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат:
Претседателот на Републиката, Владата на Република Македонија, најмалку 30 пратеници во Собранието на Република Македонија и 150.000 граѓани.
– Втора фаза е донесување на Одлука за пристапување кон измена на Уставот што ја донесува Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што предлагачот јасно треба да ја образложи причината за уставните измени.
– Трета фаза е утврдување на Нацртот за измена на Уставот, кој го утврдува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Истовремено, во оваа фаза се утврдува предлогот на актот – уставот. Утврдениот нацрт-текст се става на јавна дискусија. Предлогот на уставот го утврдува Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови, имајќи ги предвид резултатите од јавната дискусија.
– Четвртата фаза е донесување Одлука за измена на Уставот од страна на Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За предлогот на актот се води начелна дебата за предлогот на актот и конкретна дебата за секој член поединечно. Пратениците имаат право да предлагат амандмани за подобрување на предлог текстот на уставот.
– Петтата фаза следи веднаш по усвојувањето на уставната измена, така што Собранието на Република Македонија донесува одлука за прогласување на уставната измена. Одлуката, како и за уставната измена се донесува со двотретинско мнозинство гласови и со Бадентер.
Во идеални услови, ваквите измени би одземале 3 до 4 месеци што значи дека уставните измени може да се донесат до август, пред одморот на пратениците, или по завршувањето на одморите, најдоцна до ноември, согласно предвидениот рок.
Преставниците на власта, од македонскиот и албанскиот блок се уверени дека уставните измени ќе се случат и дека доволен број пратеници од опозицијата ќе гласаат за уставни измени. Во меѓувреме во јавноста проструија информации излезени токму од ВМРО-ДПМНЕ дека 15 пратеници од нивниот актуелен пратенички состав се спремни “како жртва за европската иднина на државата” да гласаат ЗА измените.
Нотарските изјави кои претходно ги потпишаа пратениците можат да служат за потпалок, затоа што согласно истиот Устав што сакаат да го менуваат, пратениците не можат да бидат повикани на одговорност за гласање или искажани ставови во Собранието на Република Македонија.
Или што би рекла една правничка, Мицкоски може само да ги колне како баба пратениците доколку гласаат за измените.
Како што можевте да слушнете, вакво мислење имаат и граѓаните, или како што накратко кажа една госпоѓа, “тие што си намислиле ќе си направат, а дали е во ред или не тоа е друго прашање”.
Трагично е колку Македонците не гледаат надеж во ниту една политичка опција, дека некој ќе застане во одбрана на македонскиот народ, на државноста и антифашистичките темели на Македонија, во одбрана на тоа за што генерациите пред нас ги дале животите.
Ако ништо не преземеме годинава ќе останеме и без тоа малку што ни остана, македонски идентитет кој се врзува со нашите историски предци, луѓе без кои постоењето на државата нема смисла, луѓето и темелите без кои сме дрво без корен кое го корне и најслабиот ветер.
Наведната глава можеби сабјата не ја сече, ама наведнатата глава никогаш не гледа Сонце. Размислете дали ќе жртвувате се за т.н “европска иднина” и европскиот пат на кој секој може да ни става сопки колку сака и за што сака, имало тоа врска со европските критериуми или не.
А политичките “лидери”, поточно лидерчиња, нека размислат, додека уште имаат време, дали ќе го продадат народот за да брцнат и тие во медот, само повторно да предупредиме, многу мед не е на арно, може да ви се слоши, а народ кога казнува тоа не е воопшто благо.
Секој има граница на толеранција, некогаш “ќе им пукне тиквата” и на Македонците…
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
(Видео) Мицкоски од Вашингтон: Кој гарантира дека…
Кој ни гарантира дека внесувањето на Бугарите…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…