(Видео) Вреди го понижи Мицкоски: Со општински пари отпочна да работи „Академија на науки на Албанците“
На 27 јули како бомба во јавноста одекна веста дека партнерот во Владата, коалицијата „Вреди“, ќе поддржи формирање Албанска академија на науките и уметностите во земјава. Пораката дојде од Тетово, каде на средба со група професори, лидерите на „Вреди“ порачаа дека е време да се покаже интелектуалниот капацитет на Албанците во земјава, пренесува 360 степени.
„Ние нема да губиме време, општините кои во моментов се предводени од коалицијата ‘Вреди’ изразија волја да ја поддржат. Ние ќе ги повикаме сите општини кои се заинтересирани да ја поддржат оваа академија во првата фаза, да ја поддржиме и во меѓувреме, ќе видиме институционално решение, таа да се финансира од државниот буџет“, рече претседателот на Беса и градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами (27.07.2024)
Но, не само идејата за државно финансирање, туку воопшто за формирање на втора државна академија на науките и уметностите, паралелно со МАНУ, не наиде на поддршка од другите партнери во владината коалиција. ВМРО-ДМНЕ и ЗНАМ порачаа – не е време за делби.
„Имаме ние Академија на науките и уметностите, во рамките на таа академија се собрани научната мисла и научниците кои се од различна етничка припадност,“ порача премиерот Христијан Мицкоски (28.07.2024)
Несогласувањата, според најавите, требаше да се дискутираат во рамки на владината коалција. Што се договорија политичарите и до каде е идејата за албанска академија?
Секретарот на здружението Зеќир Кадриу објаснува дека нивната намера не била да предизвикаат тензии. Туку, како што вели, да се занимаваат со научна дејност која ќе биде финансиски поддржана од државата.
„Доставивме документација да бидеме Академија за науки, не заради некоја паралела, туку заради тоа што да имаме простор и начин за работење. Јас мислам дека тука нема ништо паралелено. Паралелено се велеше и тогаш кога се формираше тетовскиот универзитет, но не може во науката да биде ништо паралелно. Ние во оваа држава живееме, се трудиме овде да даваме придонес“, вели Зеќир Кадриу, секретар на Академското здружение за наука и уметности на Албанците.
Во здружението се активни петнаесетина членови. Дел од нив конкурирале да станат академици во МАНУ, но биле одбиени. Неосновано, вели Кадриу, и токму тоа ги поттикнало да иницираат формирање посебна академија.
„На пример, професор Авзи Мустафа. Тој неколку пати се обидувал и конкурирал но не беше примен. Профеоср Тахир Зајази што е добар научник и човек што се обидувал да биде дел од МАНУ. Професор Џелјадин Мурати, Хасан Јашари, овие само што ги знам јас. Ние се обидуваме да им објасниме на луѓето дека не е целта за секој од нас да биде таму или по секоја цена да бидеме ние таму, туку да се гледа можноста, квалитетот, вредностите и на крај краишта да се види што можеме ние да придоесеме, бидејќи долго време сме работеле во високо образование и сега се уште имаме можност да работиме, зошто да не го користиме тоа“, додава Кадриу.
Академското здружение, засега, останува само тоа – здружение на граѓани. Но, веќе добива помош од јавни фондови. За канцеларијата во Тетово им помогнале Општината и градоначалникот Билал Касами.
Па, во Општина Тетово побаравме објаснување врз која основа ја дале помошта, дали за тоа има одлуки и евентуално јавни набавки. Одговор не добивме.
Но, извесно е дека академското здружение ќе добива средства и од други општини веќе од следната година. Сите нив ги водат кадри на коалицијата „Вреди“ – Тетово, Гостивар, Чаир и Желино. Најмалата општина меѓу нив е Желино. Колку пари планираат да издвојат за оваа иницијатива засега немаат прецизен план. Градоначалникот Блерим Сејдиу вели дека наскоро ќе имаат средба со претседателите на советите на останатите општини предводени од кадри на „Вреди“ и ќе утврдат методологија.
„Ние не можеме конкретно да кажеме пошто после ќе се мисли погрешно дека кратиме на образование или култура, такви работи. Значи, ние ќе одредиме која ставка нема да за оваа година, пошто ние имаме наши приоритети за секоја година. Оваа година имавме приоритет за инфраструктура во локални патишта. Наредна година ќе имаме комбинирани приоритети со училишта и водоводни мрежи. Сега ќе видиме во тој дел каде што нема да инвестираме или нема да биде приоритет, ќе скратиме од тие ставки и ќе ги префрлиме и ќе ги предвидиме нашите средства за оваа иницијатива“, вели градоначаликот на Општина Желино, Блерим Сејдиу.
Во земјата има и други општини во чии градоначалнички фотелји седат етнички Албанци, но тие се од редовите на Демократската унија за интеграција. Досега, тие јавно не ја поддржаа иницијативата. Па, прашавме, како ќе се постават тие и ДУИ по најавите дека градоначалници од редовите на „Вреди“ финансиски ќе го поддржуваат Академското здружение за науки и уметности на Албанците.
Од ДУИ застанаа зад постоењето на една академија во земјава, во која ќе има правична застапеност.
„Наместо да создаваат паралелни политички импровизирани креации, финансирани од општините, наша цел е Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија да биде институција во која Албанците ќе имаат вистинска и правична застапеност. Финансирана од државата, односно од даночните средства на сите граѓани, вклучувајќи ги и Албанците, оваа институција мора да ја одразува мултиетничката природа на земјата и да работи во интерес на сите нејзини граѓани“, велат од ДУИ.
Идејата за нова академија пред два месеца веќе беше отфрлена од коалициските партнери на „Вреди“ во власта – ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Но и покрај тоа, премиерот Христијан Мицкоски и неговиот заменик од „Вреди“ Изет Меџити тогаш јавно порачаа дека различните мислења на оваа тема ќе се дискутираат во рамки на владината коалиција. Па, сега прашавме во Владата – што се договорија?
Според одговорот што го добивме од секторот за односи со јавност во Владата, коалициските партнери досега не разговарале на оваа тема, и покрај најавите.
“Ова прашање не е отворено како тема во владината коалиција. Ставот е јасен и недвосмислен и е неколку пати повторен од претседателот на Владата, а тоа е дека науката не препознава етникум и дека Македонската академија на науките и уметностите е местото коешто ја обединува сета научна мисла во државата и таа треба да се обединува, бидејќи во обединувањето е иднината“, се наведува во одговорот од Владата.
И покрај цврстиот став на ВМРО-ДПМНЕ против академија паралелна со МАНУ, од „Вреди“ велат дека тие немаат намера да отстапат од иницијативата ветена во предизборната кампања. Претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, еден од четирите субјекти кои ја сочинуваат „Вреди“, вели дека имаат доволно аргументи со кои ќе ги убедат коалициските партнери.
„Ние не сме рекле дека сакаме да ја уриваме сегашната академија МАНУ што е, но јавноста знае дека ние Албанците имаме скоро илјада професори по универзитетите – во Тетовски, Штулов, „Мајка Тереза“, а едвај имаме само еден академик во МАНУ. Мислам дека не сме доволно дообјаснети со нашите владини партнери. Знам каков бил нивниот став, но мислам дека во иднина ќе изнајдеме заеднички јазик на оваа тема бидејќи се работи за академија, а не за армија. Сите би требало да сме свесни дека од тоа никој нема да губи туку сите ќе добиеме,“
вели Зеќирија Ибрахими, претседател на Алтернатива, коалиција „Вреди“.
Ибрахими вели дека имаат и предлог со кој ќе се овозможи државно финансирање на академијата.
„Би требало или да се смени сегашниот закон за основање на МАНУ или да изгласаме еден нов закон за основање на една академија на Албанците во Северна Македонија и тука би се предвиделе начините на функционирање на таа академија“, додава Ибрахими.
На страна од партииите, идејата за нова академија не им се допадна ниту на академиците. Од МАНУ порачаа дека постои само една национална академија која ја претставува државата. А од основањето па до денес во Академијата членуваат припадници на македонскиот народ, но и другите етнички заедници – порачаа од МАНУ.
„Во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретседатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав,“ порачаа од МАНУ.
Со став во јавноста излегоа и дел од членовите Албанци во МАНУ. Академик Изет Зеќири не ја отфрли целосно идејата за албанска академија, но кажа – „МАНУ е и наша“, институцијата е сменета и треба да продолжи борбата таа да биде за сите граѓани на земјата.
Извор: 360 степени
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Вреди го понижи Мицкоски: Со општински…
На 27 јули како бомба во јавноста…
Поранешен амбасадор во САД: Нетанјаху го зајакнуваше…
Поранешниот израелски амбасадор во САД, Дени Ајалон,…
Со возило полно мигранти бегал од полиција,…
Денеска (05.10.2024) околу 04:05 часот на локалниот…
ОАЕ доставија 40 тони медицинска помош за…
Авион со 40 тони итна медицинска помош…
Ројтерс: Хашeм Сафиедин, кој требаше да биде…
Хашем Сафиедин, кој требаше да биде избран…