(Видео) Пендаровски: Идеите на Делчев ги надминуваат националните и државни рамки
“Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ во која се опфатени оригинални документи, писма, фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност.
Изложбата поставена од Државниот Архив се реализира под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.” – соопштуваат од Кабинетот на Претседателот.
Ова е целосното соопштение:
“Почитуван претседател на Собранието, почитуван премиер,
Почитуван директор на Државниот архив, почитувани претставници на дипломатскиот кор, почитувани гости, драги пријатели,
Денес одбележуваме еден навистина значен јубилеј – 150 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење – Ѓорѓи Николов Делчев, меѓу народот познат како Гоце Делчев.
Изложбата поставена од Државниот Архив на Република Северна Македонија, во која се опфатени оригинални документи, писма и фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност, несомнено е централниот настан во одбележувањето на овој јубилеј.
Особено е важно што на изложбата се презентирани материјали на Државниот архив кои нашата јавност може да ги види за прв пат.
Ова е бездруго ретка можност да се направи пресек на архивскиот материјал за Делчев собиран низ годините, но и да се поттикне научниот интерес за понатамошно истражување, особено во архивите на Република Турција, како и во дел од соседните држави.
Познато е дека за Гоце Делчев како една од нашите најзначајни историски личности постои прилично обемен научно–историски и книжевен опус. Во еден дел станува збор за естетизиран, белетристички пристап со присутен романтичарски патос, а забележливо е и честото споменување на неговото име во нашето фолклорно творештво.
Сепак, неговиот лик и дело заслужуваат и нови истражувања, нови студии и научни собири и преведување на новите наоди на светските јазици. Се разбира, при тоа е битно историската наука да се држи понастрана од дневната политика, да го задржи објективниот пристап, ослободен од стегите на зададените идеолошки и национални наративи.
Во овој контекст, она што како граѓа е досега собрано во нашиот архив има непроценлива вредност.
Затоа, Државниот архив, со право го сметаме за чувар на меморијата за нашето минато, историја и култура.
Освен во историските читанки и во нашата литература, Делчев е присутен и во музичката уметност, во сликарството, во радио драмите, во телевизиските филмски проекти. Се надевам дека и нашите современи уметници, творејќи на различни полиња и во различни медиуми ќе најдат предизвик и инспирација во биографијата на Делчев, во неговите мисли и идеи и ќе ни понудат нови авторски перспективи, за што, се надевам поттик ќе биде и изложбата која денес ќе биде отворена.
Почитувани,
Гоце Делчев бил визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век и клучните дострели на македонската илинденска генерација несомнено го носат неговиот печат.
Тој својот живот го подари на највисоката кауза за национална и социјална слобода и со право за македонскиот народ претставува стожер врз кој ја градиме нашата државност и самобитност. Благодарение на својата преданост на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ.
Неговите идеи и космополитизам, кои беа далеку пред времето во кое живееше, лесно ги надминуваат националните и регионалните рамки. Станува збор за револуционер чија мисла и дело ги крепат најзначајните општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност. Нè прави горди што неговите идеали ги споделуваме со сите слободољубиви народи во светот, особено со нашите први соседи.” – вели Пендаровски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието на…
Претседателот Стево Пендаровски, утре, 19 декември 2023…
Пендаровски испратил порака до кабинетот на Ердоган…
Претседателот Стево Пендаровски во текот на вчерашниот…
Дискусија за заедничко дејствување против климатските промени…
Претседателот Стево Пендаровски утре ќе се обрати…
Евроамбасадорот Гир му го презентира Извештајот на…
Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска му го презентира…
Пендаровски се сретна со Фон дер Лајен,…
Како што соопшти прес-службата на претседателот, тие…