(Видео) Полицаец со службено возило удрил во кола – Семејството Емини загуби две малолетни ќерки, четири години ги малтретираат по судови, а правда засега нема!

t

Семејството Емини веќе четири години ја бара правдата откако во сообраќајна незгода загубија две малолетни ќерки, едната на возраст од шест, а другата на возраст од 13 години. Основниот суд во Скопје во прв степен носи осудителна пресуда од четири години казна затор за сторителот, кој е полициски службеник и кој со неприлагодена брзина и службено возило удрил во возилото на семејството Емини. Апелација, сепак,на жалба на обвинетиот го враќа предметот на повторно разгледување бидејќи, како што велат, нејасно е дали на обвинетиот му се става на товар, дали ја пречекорил дозволената брзина, или не ја прилагодил својата брзина на условите на патот. Во меѓувреме семејството е заглавено во судските лавиринти.

Нивниот полномошник, адвокатот Бранко Кузмановски за Инфомакс ја објасни целата ситуација.

На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје со вкрстено испрашување на вештото лице од страна на одбраната продолжи овој судски процес.

Бранителот на обвинетиот постави прашања кои смета дека се од корист за одбраната и се олеснителни околности за обвинетиот.

Во продолжение ви го пренесуваме комплетното рочиште:

Бранител на обвинетиот (во птодолжение Б) – Господине Невзат, видно од скицата возилото Сеат на коловозот нема оставено никакви траги на кочење, така ли е?

Вештак (во продолжение В) – да

Б – Се согласувате ли дека од овој факт дека нема оставено траги на кочење може да се заклучи дека ова возило немало исправни сопирачки механизми и затоа нема оставено траги на кочење?

В – Материјални докази по однос на техничката исправност на ПМВ Сеат Ибица, не постојат и на истото не е извршен вонреден технички преглед како што е наведено во записник за увидот, а видно и во фото-документацијата биле значително оштетени и не било можно да се изврши технички преглед по однос на исправноста на сопирниот и управувачкиот механизам, односно техничките исправности на истото возило, како и на другото патничко возило. Поради истата оштетеност не било можно да се направи технички преглед, меѓутоа, со оглед на фактот дека незгодата настанала на непрегледна свија, во ноќни услови на намалена видловост поради мракот и дека е неможно при ваква ситуација да возачот на ПМВ Сеат во услови кога се движи по својата десна коловозна лента правилно, не можел да го види преминувањето на ПМВ Шкода на неговата коловозна лента благовремено на доволна далечина. Тоа значи дека не бил во објективна и техничка можност да благовремено реагира поради кратко растојание и временски интервал не помалку од една секунда, да ја прецепира опасноста и да преземе дејствие на сопирање со цел да го избегне директниот судир со ПМВ Шкода. Од тие причини сметам дека во конкретниот случај возачот поради овие факти не презел дејствие на интензивно сопирање и од тие причини не се регистрирани видливи сопирни траги на коловозот и дека контактот остварен со брзината со која се движел пред незгодата.

Б – Од досегашното кажано на ова прашање, значи ли тоа дека возачот воопшто не реагирал со кочење?

В – Да

Б – Рековте дека возачот не реагирал со кочење, но точно ли е дека тоа е затоа што пред судирот бил на левата страна од патот и се враќал кон десната страна од патот, па затоа не можел да закочи?

В – Не е точно, јас го објаснив своето мислење за дејствијата.

Б – На страница пет имате ставено две фотографии од возилото Сеат, дали се согласувате дека ако се види втората фотографија дека сигурносниот ремен кај возачот и кај сопатникот зад возачот не биле употребувани, односно користени и од возачот и од сопатникот зад возачот, односно дека тие не биле врзани со сигурносен појас при оваа сообраќајна незгода, така ли е?

В – На таа околност дали возачот и сопатниците биле врзани со сигурносен појас при вештачењето не сум го земал предвид да го анализирам тоа и да го утврдам, меѓутоа увидната група била надлежна да го утврди тоа и да го материјализира со доказ.

Б – Ако се погледне втората фотографија на стр.6 произлегува дека и совозачот во возилото Сеат не бил врзан со сигурносен појас при оваа сообраќајна несреќа, така ли е?

ОЈО приговор – Вештото лице веќе одговори од кои причини на оваа околност не може да се произнесе, истото важи и за сопатникот и за возачот.

Суд – Прашањето не се дозволува од причини што веќе детално е одговорено од страна на вештото лице и појаснето.

Б – На шофершајбната се гледаат траги од удар на сопатникот во шофершајбната, така ли е?

В – И на стр. 6 и на стр.5 и 4 се гледа дека ветробранското стакло и од страна на возачот и сопатникот постојат напрснати стакла, на десната страна на средината постои поинтензивна пукнатина, а од левата страна по целата површина има напрснатини. Со сигурност не можам да тврдам дека тие напрснотини на стаклото настанале од контакт на сопатникот со главата со ветробранското стакло, меѓутоа имајќи го предвид фактот дека имаат значителни оштетувања на челната предна страна на ПМВ и дека тоа се деловите од возилото кои се скроз набиени према кабината на возилото, истите можат да бидат настанати од самиот удар, односно набивањето на контактираните делови на тоа возило.

Б – Значи ли тоа дека ако сопатникот бил врзан со појас при ваков судир нема да може да удри во шофершајбната?

ОЈО приговор – Вештото лице се произнесе на оваа околност и истиот кажа дека не може со сигурност да потврди од каде се тие оштетувања, а во врска со околноста за сигурносните појаси веќе приговарав на претходно поставените прашања на одбраната на обвинетиот. Сметам дека судот не смее да го дозволи ова прашање, веќе е одговорено.

Прашањето не се дозволува бидејќи е веќе претходно одговорено.

Б – На стр.9 од вашето вештачење имате ставено 6 фотографии од лице место на случената сообраќајна несреќа, дали се согласувате дека видно од овие фотографии на коловозот имало наноси од песок, прашина и слично, односно дека асфалтната подлога не била чиста?

В – Од фото-документацијата не сум во можност да кажам дека коловозот билсо песок, меѓутоа увидната група таквото нешто не го констатирала и затоа не сме ја земале во предвид таквата околност.

Б – Ако се погледнат овие фотографии на ср=тр.9 од вештачењето се согласувате ли дека асфалтната површина гледано во насока на возилото Шкода пред местото на судир нема средишна линија што ќе го дели коловозот на две коловозни ленти?

В – Не постои таков податок дека постои надолжна хоризонтална сигнализација.

Б- Во ваков случај кога на коловозот нема средишна линија возачите имаат право да ја користат целата површина на коловозот, така ли е?

Судија – Колешка, дали сте возач?

В – Не, што поблиску до десниот раб треба да се движат.

Б – На стр.10 пишувате дека возилото Сеат пред незгодата се движело по десната коловозна лента, близу десниот раб на коловозот, така ли е?

В – Да, јас ја констатирав позицијата, по десната лента се движел пред незгодата, а во моментот на контакт поблиску до десниот раб.

Б – Се согласувате ли дека во скицата од увид на лице место нема регистрирано ниту една трага од тркалото на возилото Сеат дека се движело вака како што вие тврдите сега?

В – Таквата позиција на ПМВ Сеат во моментот на контактот е утврдено според местоположбата на сопирните траги на завршетокот на сопирањето на ПМВ Шкода. Со поставување на возилото Шкода на сопирните траги на завршетокот и со поставување на ПМВ Сеат со судирните делови, а тоа се левите страни на двете возила, врз основа на таквата позиција утврдив дека ПМВ Сеат било поставено на десната коловозна лента близу десниот раб.

Б – Се согласувате ли дека ваквото нешто коешто е во скицата на увид на лице место како нерегистрирано како трага од тркало на возилото Сеат не постои ниту на една фотографија, како што тврдите вие дека бил покрај десниот раб?

ОЈО приговор – Како и во претходните приговори вештото лице веќе одговори кои параметри му биле потребни за да увтрутврди дека ПМВ Сеат било упраувано по десниот раб на коловозот и дека тоа е увтрдено врз основа на сопирните траги и судирните делови. Предлагам судот и ова прашање да не го дозволи бидејќи е веќе одгооврено и тоа детално од страна на вештото лице.

Прашањето не се дозволува

Б – На стр.10 имате пресметка на брзината на Шкодата и сте пресметале дека пред незгоата таа брзина е еколу 100 километри на час и во истата пресметка сте земале дека возилото Шкода имало забавување од 7 метри во секунда на квадрат така ли е?

В – да

Б – Се согласувате ли дека на ваков коловоз како што се гледа од фотогратиите од вашето вештачење на стр.9 овој коефицинет треба да биде од 5,5 метри во секунда на квадрат па до 6 метри во секунда на квадрат, така ли е?

В – Не е така затоа што во конкретниот случај се појавиле видливи сопирни траги, а да се појават видливи сопирни траги тоа забавување треба да биде поголемо од 6,5 метри во секунда на квадрат. Имајќи го фактот дека ПМВ Шкода е со современо технички решенија во однос на сопирниот механизам, тоа забавување максимално може да достигне и до 8 – 8,5 метри во секунда на квадрат. 7 е земено како поповолно за возачот.

Б – Рековте дека го земавте како поповолно за возачот. Точно ли е дека при коефициент на забавување од 6 мс2 брзината на возилото Шкода би била околу 90 километри на час?

В – Јас немам такви пресметки направено за 6 метри во секунда на квадрат.

Б – На стр.10 имате наведено дека брзината на Сеат била околу 75 километри на час, меѓутоа за ова немате никаква пресметка во вашето вештачење, така ли е?

В – Брзината на движењето на ПМВ Сеат во моментот на контактот е утврдено врз основа на проценка на деформациите на двете возила и нивната крајна сопирна положба по судирниот момент. Таа е усвоена величина по однос на тоа дека ако ПМВ Шкода во моментот на контактот според деформациите имало брзина од 80 км/час, а ПМВ Сеат со огледа на фактот дека по судирниот момент од силата на ударо од ПМВ Шкода бил повратен наназад, таа брзина на ПМВ Сеат треба да биде помала од брзината на движењето на ПМВ Шкода во моментот на судирот.

Б – Дали таква пресметка има?

В – Нема пресметка поради усвоена стандардна процедура.

Б – На стр.11 имате наведено дека кога возачот на Шкода реагирал возилото Сеат било вон видното поле на возачот на Шкода, дали се согласувате дека ако на возилото Сеат биле вклучени долги светла возачот на Шкода тоа можел да го види на доста поголемо распојание од тие 62,6 метри како што сте напишале на стр.10?

ОЈО приговор – Содржината на вака поставеното вкрестено прашање е хипотетичко по својата содржина, што би било кога би било, за да се направи обид за докажување на нивната теорија во случајов. Согласно општите сообраќајни правила, доколку би имало потреба од вклучување на долги светла тоа вештото лице категорично и децидно би го навел во своето вештачење, поради што сметам дека судот не треба да го дозволи ова прашање на одбраната.

Прашањето не се дозволува

Б – Дали тогаш се согласувате дека ако на возилото Сеат биле вклучени светла тоа можел да го види возачот на Шкода и дека тоа е причината што возачот на Шкода реагирал на сопирниот механизам со кочење како што сте навеле на стр.11 од вашето вештачење?

ОЈО приговор- Приговарам на содржината на вака поставеното прашање на одбраната, повторно е направен обид со поставување на хипотетички ситуации да се дојде до посакуван одговор кој одговара на нивната теорија на случај. Воедно, сакам да му напоменам на судот дека причинско-последничните дејствија кои претходат на случување на оваа сообраќајна незгода вештото лице веќе ги има истакнато во своето вештачење, па би сакал да му предложам на судот да се фокусираме на поставување на прашања коишто се од причинско-последичен аспект за случување на незгодата и пропустите од сообраќаен аспект наведени во обвинението на ОЈО.

Прашањето не се дозволува

Б – На стр,11 пишувате дека за возачот на Сеат појавата на возилото Шкода била неочекувана и ненадејна опасност. Се согласувате ли дека на ваков региоанелен пат наменет за движење на возила на двете насоки, дека појавата на возило од спротивната насока не е неочекувана и ненадејна препрека?

В – Ние зборуваме за конкретна ситуација, овде се работи за непрегледен свиок и движење на возило во спротивна насока, при што двете возила се доближуваат до врвот на свиокот. Овде конкретно возачот на ПМВ Шкода во фаза на движење низ непрегледен свиок, на растојание на околу 61 мтар пред судирниот момент, во услови на движење на возилото по десната коловозна лента во фаза на сопирање преминал на левата коловозна лента и се судрил со воилото од спротивна насока кое се движело по десната коловозна лента. Реакцијата на возачот на ПМВ Шкода настапила според временската и просторна анализа на динаминката на движење на возилата во моментот кога ПМВ Сеат наидувал од спроти, по својата десна коловозна лента во движење во правец кога истото возило било на 48,5 метри пред судирното место, а кога раздалеченоста меѓу двете возила иснесувата 107,4 метри. Имајќи го фактот дека се работи за непрегледен свиок констатација е дека реакцијата на возачот на Шкода била во моментот кога возачот на Сеат бил вон неговото видно поле, поради непрегледниот свиок и намалената видливост поради мракот. Според тоа реакцијата на возачот на Шкода се должи исклучиво поради неможно безбедно совладување и движење низ десниот непрегледен свиок, кадешто брзината на движењето на тоа возило била поголема од брзината со која возачот можел со безбедно движење низ таквиот свиок. Имено ПМВ Сеат не била причина за да возачот во конкретниот случај реагира со интензивно сопирање во услови кога возачот на Сеат не го попречувало неговото безбедно движење низ свиокот.

Б – Иако кажавте многу, прашањето беше дали според Вас или се согласувате ли со нас дека движењето на возилата на регионален пат во двете насоки, не е ненадејна препрека за возачот на возилото Сеад, или во превод, тој секако морал да знае дека постои можност да на другата коловозна лента се движи друго возило.

ОЈО приговор – Приговарам и на вака поставеното прашање на одбраната, вештото лице веќе се има произнесено, повторно е обид направен од страна на одбраната да се добие одговор од вештото лице, како евентуално би се констатирале пропусти на возачот на ПМВ Сеат Ибица иако во овој конеткст вештото лице наведе која била главната причина од сообраќаен аспект и движење на ПМВ Шкода Фабиа комби околу свиокот и преминување на лентата од спротивен правец поради неприлагодената и небезбедна брзина на движење на возилата и несогледување на конкретната сообраќајна ситуација од страна на возачот на Шкода.

Прашањето не се дозволува

Б – Пред да започнам со прашање сакам кога бев прозвана за начинот на одбрана од страна на застапникот на обвинението, дека правам обид да ја докажам својата теорија на случај и дека сакам да изнудам одговори на прашања од присутниот вештак за придонес на учесникот во ензгодата за возачот на возилото Сеат, да му укажам на застапникот дека ние сме две странки во постапката и дека имаме различни улоги. Тој има своја теорија на случајот, којашто треба да ја докаже со неговите докази, за коешто нешто јас како бранител воопшто ниту му сугерирав, ниту му давав насоки како да ја докаже својата теорија на случај и со кои докази, па не сакам ниту застапникот на обвинението да ми се меша во начинот на докажување на теоријата на одбраната, дотолку повеќе што секоја странка ги застапува своите интереси и некоректно е да се упатува вакво барање за мене како бранител преку судот. Јас поставувам прашање на вешто лице кое е стручњак во својата област, а не на лаик.

Реагираше ОЈО дека бранителот на јавниот обвинтел не може да му укажува, само судот може да му укажува, по што судијката рече дека се обидела да ја прекине бранителката и праша дали треба да му се даде пиштол на јавниот обвинител.

ОЈО: Изненаден сум од репликата на бранителот на обвинетиот кој во својот приговор насловен како реплика укажува на ЈО, а знаеме дека судот раководи со постапката и судот е тој којшто доколку има потреба укажува на странките во постапката за нивните процесни дејствија во истата, а моите приговори кои беа дозволени од страна на судот и прашањата како такви не беа дозволени од страна на судот да се поставуваат од одбраната, укажуваат на следното. Дека со вака поставените прашања на одбраната се наметнува дефокусирање, како што и претходно истакнав во приговорот на главните причинско-последични пропусти кои се наведени во ова обвинение, а кои треба да бидат темел на поставување како на директни-така и на вкрстени прашања. Уште еднаш ќе се обратам до бранителот на обвинетиот, согласно законот да приговара, но не со укажувања кон застапникот на ова обвинение, туку прашања и приговори кои се предмет на обвинителниот предлог на ЈО.

Судија – Успеавте да и го качите притисокот на 500

Б – Во вашиот вешт наод имате наведено дека до судирот возачот на Сеат имал на располагање време од 2,2 секунди. Се согласувате ли со мене дека ова време од 2.2 секунди е повеќе од доволно време за да возачот на Сеат реагира со кочење и да ја намали брзината на возилото Сеат?

В – Времето од 2,2 секунди е времето коешто возачот на ПМВ Шкода го потрошил од моментот на реагирањето на сопирниот механизам, па до судирното место. За ова време од 2,2 секунди го враќаме патничкото возило Сеат, а тоа е растојание од 45,8 метри. Во овој временски интервал возачот на Сеат не можел да реагира со сопирање од причина што како и претходно е одогворено, не биле и двајцата возачи во видното поле поради непрегледниот свиок.

Б – Значи ли тоа дека доколку возачот на Сеат на било кој начин реагирал со кочење и ја намалил брзината на движење дека и последиците одовој судит на двете возила би биле помали?

Приговор на полномошникот на оштетените – Б.К – Предлагаме да не се дозволи прашањето бидејќи содржината на истото не произлегува од факти кои ги утврди и наведе вештоот лице кое јасно кажа дека непосредно пред судирот возилата не биле во видно поле на возачите, фактот дека наидувањето на ПМВ Шкода за возачот на ПМВ Сеат било ненадејно и за него не е очекувано и за било кој друг возач дека тоа возило може да наиде со преминување на спротивниот дел од коловозот по кој треба да се движи ПМВ Сеат.

Прашањето се дозволува бидејќи произлегува од претходно-поставените прашања

В – За возач на ПМВ Сеат ненадејната опасност настанала на краток временски интервал не поголем од една секунда и во таков временски интервал не бил во објективна и техничка можност за преземање на било какви дејствија за избегнување на незгодата.

Б – Сакам уште еднаш доколку вештото лице внимателно го слушна моето прашање, да одговори со да или со не, а се однесува на тоа да доклку возачот на возилото Сеат реагирал со кочење и така ја намалил брзината на движењето, значи ли тоа дека последиците од овој судир би биле помали?

Судија не го дозволува прашањето

Б – На стр.12 имате наведено дека целосна вина за незгодата и последиците од вака настанатата незгода ги има возачот на возилото Шкода, така ли е?

В – да

Б – Се согласувате ли дека пропуст, односно придонес за оваа незгода има на страната на правното лице надлежно за одржување на овој регионален пат и за поставување на соодветни сообраќајни знаци за ограничување на брзината на патот и за наидување на опасност бидејќи не поставиле такви сообраќајни знаци за да ги известат односно предупредуваат возачите дека наидуваат на патот кадешто има свиок или кривина во десно, така ли е?

ОЈО приговара – Приговарам на вака поставеното прашање на одбраната, евентуална одоговрност на правно лице задолжено за одржување на регионален пат би постоело доколку тоа правно лице би се нашло во улога на обвинето правно лице. Во случајов постапката се води против определено обвинето лице поради што детектирање на евентуална вина или одговорност на правно лице содржано во прашањето на одбраната сметам дека судот не треба да го дозволи. Вештото лице кажа врз основа на кои параметри и сообраќајни правила го изготвил вештачењето чии наводи ги изнесува на оваа главна расправа.

Прашањето не се дозволува.

Б – Се согласувате ли дека придонес за настанатите штетни последици има и кај возачот и патниците на Сеат бидејќи не биле врзани при оваа незгода со сигурносни појаси.

ОЈО – Приговарам, околу појасите веќе приговарав на оваа околност и судот го прифати приговорот.

Прашањето не се дозволува

Б – Последно прашање, се согласувате ли дека вашиот заклучок на стр.13 дека до незгодата и штетните последици е дојдено исклучиво само поради пропустите на возачот на Шкода е погрешен и дека до оваа незгода и штетните последици од истата е дојдено во склоп на сите пропусти и тоа поради пропустите на правното лице за одржување на овој регионален пат кое е надлежно и поради тоа што не поставиле соодветни сообраќајни знаци, како и на возачот на возилото Сеат што воопшто не реагирал со кочење и поради тоа што возачот и сопатниците во возилото Сеат не биле врзани со сигурносни појаси, како кумулирани причини?

ОЈО- Приговор, ова не се вкрстени прашања, ова се констатации на одбраната и како такви судот треба да ги одбие.

Прашањето не се дозволува.

Судија – Со ова се завршува со изведување на докази на предлог на јавното обвинителство. Главната расправа треба да продолжи со изведување на докази на предлог на одбраната.

Бранителот на обвинетиот по однос на листата на предложени докази од нивна страна изјави: Останувам кон целиот предлог насловен како поднесок на листа на докази и со оглед да од оваа листа точките под 1 и 2, односно испитување на вештото лице е идентична со листата на застапникот на листата на обвинението, овие точки веќе се исцрпени така да за наредната главна расправа предлагам да прејдеме на точките 3 и 4 односно да се испита вештото лице, техничкиот советник на одбраната, примариус д-р Милорад Јеремиќ, како и вештото лице, технички советник на одбраната мр. Јане Илиоски чиишто наоди и мислења веќе се дадени во писмена форма за што предлагам и тие да бидат изведени како материјални докази, како и барањето од мене како бранител од МВР на РСМ за достава на службена бечешка во оригинал, или заверен препис на околност дека обвинетиот бил на службена задача.

ЈО наведе дека не се противи на вештото лице, по однос на првиот вештак имаат сознанија дека е починат во меѓувреме. По однос на третиот предлог на одбарана се противам да биде изведено како доказ, службена белешка според законот не може да биде дел од доказите од материјален карактер, а и околноста по којашто одбраната бара изведување на ваков доказ, сметам дека е ирелевантна бидејќи во конкретната сообраќајна незгода имаме двајца учесници во сообраќајот и констатирани пропусти од сообраќаен карактер кои довеле до штетните последици од истата.

Судот донесе решение по предлозите на одбраната во однос на вештачењата се прифаќа предлогот на одбраната за распит на технички советник м-р. Јане Илиоски во врска со сообраќајно-техничкото вештачење. Судот го одби предлогот за невро-психијатриско вештачење бидејќи од содржината на истото не произлегуваат никакви факти за утврдување на фактичката состојба. Не се прифаќа предлогот на одбраната за изведување како материјален доказ на службена белешка од МВР.

Судењето продолжува на 10 јуни во 10 часот.

Процесот го води судијката Љубинка Башевска.

И додека судиите имаат можност да составуваат и донесуваат, според Апелација, нејасни пресуди, семејството Емини секое следно рочиште одново ја преживува загубата на своите најмили, две малолетни девојчиња. Утеха нема, а засега нема ни правда. И се поставува само едно прашање, ќе огрее ли конечно Сонцето на правдата и над Македонија?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Почина 49-годишен прилепчанец, го удри автомобил додека…

МВР информира дека синоќа околу 21 часот…

Тетовец нападнал полицаец во станица во Аеродром

На 14.06.2025 година во 19.50  часот во…

Три сообраќајки во една вечер во Тиквешијата,…

Три сообраќајки се случија вчера во Тиквешијата,…

Возач тешко повреден во сообраќајка во скопско

На 13.06.2025 година околу 10.00 часот во…

Македонски државјани се повредени во сообраќајка во…

Двајца македонски државјани се здобиле со тешки…