(Видео) Потребни се итни мерки или за две-три години ќе имаме тотален колапс на системот, можна е радикализација!
Вице-премиерот, Фатмир Битиќи смета дека потребно е да се отвори дискусијата за увоз на работна сила во Македонија, иако постои начин за доквалификација и преквалификација на работоспособното население.
„На пазарот на труд има недостиг на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст“, посочи Битиќи.
Стапката на невработеност во Македонија е околу 14 отсто. Според Агенцијата за вработување, во земјава има над 113 илјади активни невработени и уште други 46 илјади луѓе кои бараат работа. Бизнисмените, пак, долго време се жалат дека овие невработени ги немаат потребните вештини кои им се потребни.
Денеска ги прашавме граѓаните што мислат, дали треба Македонија да увезува работна сила од странство.
Нивното мислење е поделено, едни сметаат дека увозот на странски работници е оправдан доколку нема друг начин да се задоволат потребите на пазарот на трудот, додека според други таквата мерка треба да биде последна во низата можни мерки. Државата треба да направи се што може за најпрво да ги задржи младите и работоспособното население овде, а оние кои можат и треба да се доквалификуваат, велат граѓаните.
Погледнете го нивното мислење во продолжение:
Разговаравме и со професорот по трудово право на Правниот факултет “Јустинијан Први”, Лазар Јовевски кој смета дека доколку итно не се преземат потребните мерки, за неколку години ќе следува целосен колапс на системот.
– Прашањето како тема и како проблем е иронично и парадоксално, до пред неколку години имавме проблеми со невработеноста и сѐ уште имаме процент на невработеност над европскиот просек. Тоа што ни се случува со погубна брзина на пазарот на трудот е стареењето на населението, немаме добар природен прираст, а од друга страна имаме големо иселување на работна сила, не само на млади туку и на сите генерации, повозрасни луѓе и луѓе пред пензионирање. Причините се различни, но одговорот на прашањето дали треба да увезуваме работна сила ако продолжиме со овие тенденции, најверојатно ќе се соочиме со таква потреба, нешто што за нас е ново и непознато особено во индустрии како градежната индустрија, текстилната, рударската, кожарската, угостителството и слично.
Парадоксот е во тоа што за овие нешта од моја страна и од други луѓе се разговараше уште во 2018 година, јас овие теми ги отварав и тогаш по разни меидуми, во разни анализи кои беа достапни но очигледно тогаш не беа сфатени сериозно за да денес се соочиме со изјава дека од далечноазиските земји ќе увезуваме работна сила.
Видете, увезувањето на сама работна сила по себе бара една поинаква инфраструктура, бара вклопување во менталтетот, прашањето е посложено, дали тие работници ќе можат да се вклопат во нашата култура, но како и да е, тоа е крајот на проблемот. Почетокот на проблемот, ако ние продолжиме да функционираме на овој начин како и досега, не само економски што ќе одиме надоле туку се одведува во прашање и демографскиот статус на Македонија. Ние не сме ниту Кина, ниту Индија, Пакистан кои имаат милиони жители, за да извезуваме работа сила од Макеоднија. Наш национален, стратешки приоритет е нашите луѓе да остануваат овде, овде да го наоѓаат своето економско опстојување и да бидат тие кои ќе бидат креаторите на економското мнение во Макеоднија.
Ова што сега ни недостасуваат работници е, би рекол, само една површина, врвот од сантата на ледот кој некој ја виде уште од претходно, но други не сакаа да слушаат. Генерално проблемот е подлабок и не се само економските причини проблемот што луѓето си заминуваат од Македонија, луѓето си заминуваат и заради невладеењето на правото, корупција, севкупниот амбиент на апатичност, безидејност, безвизионерство, на негледање просперитет тука да се остане. Дури и финансиски моќни луѓе си заминуваат од Македонија, како да го објасниме тоа? Анализите покажуваат дека токму си заминуваат заради севкупните општествено-економско-политички, морално-етички аспекти на живеење во нашето општество.
Еден од начините е да, увоз на работна сила меѓутоа сметам дека во овие околности прироттет е да се задржиме на меркит и политките за задржување на луѓето во Македонија, враќање на луѓето кои заминале од Македонија, пред сѐ и над сѐ градење на вистински амбиент за живот во Македонија, вели професорот Јовевски кој додава дека од земја која имала “вишок” на работници се доведовме до состојба да увезуваме работна сила.
Професорот објасни какви мерки треба да преземе Владата за надминување на овој проблем.
– Мерките ребаше да бидат донесени веќе вчера, ние касниме во времето, мерки кои требаше да се пренесат досега, покрај тие младински политики кои не даваат резултати, треба реално вистинско заживување на правниот систем, на контролата и надзорот во делот на примената на правото од аспект на правната сигурност, потоа економската сигирност, тие отвараат простор да луѓето во Макеоднија сакаат да останат и да вложуваат и работат во Македонија. Зборувам за македонските граѓани пред сѐ, а секако и странците. И странските инвестиции се корисни, ние почнавме во еден период од нашата независност, но се застана, наместо да се надградува тоа што го имаме ми се чини деак рушиме и тоа што сме го имале добро.
Значи право, владеење на право, еконосмка стабилност која ќе отавара нови работни места за сите граѓани. Руралниот развој ни е слаба страна, не треба да бидеме којзнае колку инвентивни но да бидеме мудри и да видиме кои се регионалните, европски и светски практики кои би можеле да се применат кај нас.
На младите да им се даде бесплатно државно земјиште каде би можеле да развиваат земјоделство, враќање во село, помош на напуштени објекти, државата да стимулира реновирање на такви објекти. Од Скопје за Свети Николе се стигнува за половина час, нека е и еден час, за брзо време имате добра конекција со градот, имате огромен простор за развој кој бара да се инвестира, стратешки одлуки се дали ќе се вложува во сточарство, овоштарство и слично.
Мора да им се даде надеж на луѓето, луѓето изгубија надеж дека нешто може да се смени на подобро, нема надеж дека во следните пет години ќе се промени нешто, Си заминуваат луѓе кои се имотни, не заради нив колку заради нивните деца и ние мораме да дадеме надеж преку правилни политики, вели Јовевски.
Професорот даде и своја проекција во врска со ситуацијата на пазарот на трудот во Македонија за пет години отсега доколку не се преземат соодветни мерки за надминување на сегашната ситуација.
– Ќе има парадокс затоа што невработеноста ќе опаѓа заради иселувањето, заради демографските трендови на стареење на населението и тоа веќе се случува, а јас тоа го најавив. Реално ако немаме вистински политики ќе го бараме најбрзото можно решение, за тоа е ајде да внесеме работници од надвор. Мислам дека стратешки погрешна е таа одлука во македонски контекст ако ги имате во предвид оние тези што ги поставив на почетокот на интервјуто. Како и да е, ако не се интервенира, за две-три години ќе имаме буквално колапс на системот, економски пред сѐ кој силно ќе рефлектира во полтиичката стабилност во државата и тоа ќе предизвика одредена радикализација и одредени поинакви идеи за организирање на државата кои ќе се базираат на економски параметри, вели Јовевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Шведска бара работници, еве од кои професии!
И Шведска бара странски работници, објави schengen.news. Шведска…
Владата препорача бремените и старите лица да…
Владата на Република Македонија, на барање на…
(Видео) Арсовски до ВМРО-ДПМНЕ: Ако сте против…
Ако сте против Преспанскиот договор имате 80…
(Видео) ДКСК ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА МОЖНО ПРИКРИВАЊЕ…
ДКСК оформи предмет за Игор Јанушев и…
Приведени пет странски работници од Турција и…
На 04.06.2024 во 12.30 часот, полициски службеници…