(Видео) Родителите очи во очи се соочија со Мицкоски во Собрание: Нашите деца загинаа во трагедија предизвикана од неспособноста, неодговорноста и корупцијата која ги опфаќа сите нивоа на власта
Почитуван Претседателе
Почитувани претседавачи,
Почитувани членови на Постојаната анкетна комисија,
Ние, родителите и семејствата на младите човечки животи кои прерано загинаа во трагичниот настан од 16 март 2025 година во Кочани, обединети преку Здружението на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани, се обраќаме до Вас со длабока болка, но и со голема решителност.
Знаеме дека НИШТО и НИКОЈ нема да ги врати нашите деца, ниту ќе ни овозможи последен поздрав со нив. Ниту една сила, ниту еден збор не може да ја надомести нивната загуба. Но, ние НЕ СЕ парализиравме, НИЕ продолжуваме. Нашата борба за ВИСТИНСКА правда не е само наша, НЕ Е САМО ЗА НАШИТЕ ДЕЦА . Таа е борба за иднината на сите деца во оваа држава, И НЕ САМО ЗА НИВ, туку и за сите идни генерации кои доаѓаат по нив.
Нашите деца беа нашата иднина, нашиот свет, нашата надеж. Ги воспитувавме со безусловна љубов и со жртви – поминувајќи ноќи без сон, секогаш трудeјќи се да ги заштитиме од сè што може да им го одземе детството.
Но, за жал, тие животи трагично згаснаа во еден миг, во една ужасна трагедија, предизвикана од неспособноста, неодговорноста и корупцијата која ги опфаќа сите нивоа на власта.
Секој од нас, секој родител, секој граѓанин на Македонија, мора да се запраша:
• Што станува со нашите животи, ако ова може да се случи?
• Каде е безбедноста што треба да ја гарантира државата?
• Што го прави човековиот живот вреден и заштитен?
Ние сме овде не само за да жалиме за нашите деца, туку и за да бараме правда за нив. Не можеме да останеме безгрижни, како што тоа го прават оние кои беа задолжени да го чуваат нашиот живот. Поради нивната немарност, корупција и неспособност да го исполнат своето основно назначување, нашите деца се мртви, а многу други остануваат изложени на истиот опасен систем. Оваа трагедија не е само поради една погрешно запалена искра, туку последица на системска пропустливост која го загрозува најосновното право – правото на живот, безбедност и праведност.
Нашето барање е вој случај да се разгледа како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот. Она што го доживеавме не е само институционална неефикасност – тоа е системска опасност за сите граѓани.
Надлежност во овој случај имаа:
– Министерството за внатрешни работи,
– Бирото за јавна безбедност,
– СВР Штип и ОВР Кочани,
– Инспекторката за економски криминал при МВР Кочани,
– Градоначалникот и општинските инспектори,
– Државниот пазарен инспекторат,
– Министерството за економија и труд,
– Државниот инспекторат за труд,
– Управата за јавни приходи,
– Дирекцијата за заштита и спасување,
– Агенција за обезбедување РУБИКОН
и низа други институции задолжени да го штитат законот и човечкиот живот.
Наместо да ги заштити, системот ги остави нашите деца на немилост – во објект кој работел незаконски, без лиценци, без технички услови и без елементарни безбедносни стандарди. Ова не е трагедија што се случила сама по себе, туку трагедија создадена од системски пропусти и негрижа. Дополнителна болка нанесува фактот што истрагата се води неажурно, селективно и со очигледни политички калкулации. Гледаме како се гонат само најниските во хиерархијата, додека оние што имале најголема моќ и одговорност – министри, директори, началници и инспектори – се движат
слободно, како да немаат никаква вина.
Загубата е неповратна, но обврската на државната и нејзините институции и носители на функции во нив се тука, сеуште на своите позиции. За нас, ова не е политика – ова е борба за живот, борба да не се повтори истата злоупотреба на закони, пропусти и корупција што ги одзеде нашите деца.
Државата мора да ја поправи неправдата, корупцијата и селективната примена на закони. Иако на јавноста многу работи ѝ се веќе познати, сепак ќе Ви доловиме накратко колку е загрозено правото на живот во нашата држава и колку (не) владее правото еднакво за сите.
Трагедијата што се случи ноќта на 16 март 2025 година, во дискотека „Пулс“ во Кочани, однесе 63 човечки животи, остави над 200 лица со трајни повреди и засекогаш зави во црно повеќе од 100 семејства. Нашите животи беа уништени заради корупција – за ничии интереси, за „ парче заработка “, за која, очигледно, човековиот живот не вредел ништо.
Од тој миг, стана јасно – а денес е несомнено – дека трагедијата се случила поради сериозни пропусти на институциите, проследени со корупција и години на безредие. Се појавија толку многу неправилности што со право се поставува прашањето: Кој родител денес би се чувствувал безбеден да го пушти своето дете во кој било локал, ресторан или дискотека, без страв дека може да стане дел од следната црна статистика?
Институциите и министерствата кои претходно ги наведовме – наместо да вршат редовни контроли и да ги обезбедат законските стандарди, да издаваат потребни дозволи и лиценци, да ги регулираат условите за безбедност, да преземаат мерки за спречување на злоупотреби, во случајот целосно затаија.
А на површина од сето ова излезе дека корупцијата, комбинирана со недоречени закони, со години им создава услови на одредени лица да заработуваат врз грбот на човечки животи. Токму поради тие недоречености и злоупотреби, стручната јавност укажува дека дел од законите што требало да ги заштитат нашите деца се непотполни и непрецизни, оставајќи широк простор за манипулации и злоупотреби. Затоа, прашање е колку во оваа држава навистина е можно да се
спречи нова трагедија од ваков тип.
А кога веќе неизбежното се случи – се соочивме со нова неправда. Наместо брза и темелна истрага, нè дочекаа одложувања, политички калкулации и селективно гонење. Наместо сите одговорни да бидат во притвор, ние – во нашата најголема болка – сме принудени да бараме и молиме државата да ги гони виновниците.
Ветувањата дека „никој нема да биде поштеден“ останаа само празни зборови. Денес гледаме дека се процесираат само оние „најдолу“, додека носителите на функции – еднакво одговорни – кои од првиот момент требаше да бидат зад решетки, продолжуваат безгрижно да се движат низ градот, додека нашите деца лежат под земја.
Ова посебно се однесува за одговорните лица од ОВР Кочани, СВР Штип, Бирото за јавна безбедност, Државниот пазарен инспекторат, актуелната началничка во Кочани, началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, главната инспекторка за економски криминал во Кочани, сменоводителот на денот на настанот.
И уште една забелешка – увидовме дека во истрагата се вклучени бившите министри за економија, државната секретарка во Министерството за економија и директорот на Државниот пазарен инспекторат, несфатливо ни е поради кои причини во истрагата не се вклучени и актуелните функционери на истите позиции, како и бившите и сегашните функционери од сите надлежни институции за издавање на дозволи, согласности, одобренија и надзор за дискотеката „Пулс“.
Затоа, сметаме дека е неопходно да го разгледате нашиот случај и да утврдите дека : државата драматично потфрли пред корупцијата и криминалот, а чувството на безбедност е изгубено за секој обичен граѓанин – додека „големите“ остануваат над законот.
Со ова наше обраќање, ние не бараме политичка реваншизам, туку живот, правда и безбедност. Нашата болка е неизлечива и нескротлива, но веруваме дека со обезбедување на одговорност и правда можеби ќе имаме мир во душите, знаејќи дека трагедија како оваа никогаш повеќе нема да
се повтори.
Потребно е да се преземат мерки кои ќе ги спречат идните жртви – да се обезбедат механизми за превенција, да се санкционираат виновниците, и да се гарантира дека правото на живот и безбедност ќе биде приоритет за сите граѓани.
Трагедијата што ни се случи – не ни ја украде само иднината – туку ја разоткри и горчливата вистина дека основното право на живот во Македонија не е гарантирано. Никој не е безбеден таму каде што треба да биде безбеден. Безбедноста на животот и еднаквоста пред законот се претворија во декларативни поими. Државата не ни го обезбеди она што ни го гарантира.
Ве молиме, потсетете се дека оваа трагедија не е само наша, туку и ваша. Се надевавме дека ќе бидеме заштитени, но наместо тоа, добивме губиток, болка и разочарување. Затоа бараме од Вас, со целосно почитување на Вашата институционална одговорност, да преземете следниве мерки:
1. Поведете постапка за сериозно разгледување на случајот како грубо нарушување на човековите права, со акцент на правото на живот, безбедност и правична постапка.
2. Бараме да се посочат сите одговорни кои на конкретниот настан не ги превзеле сите мерки во нивна надлежност од сите вклучени институции. Последица е пожарот од нечинење (корупција и криминал).
3. Сослушајте ги сите релевантни институции и функционери кои носат одговорност, и обезбедете дека нивните пропусти и неправилности ќе бидат јасно утврдени, по што соодветните институции ќе бидат информирани за да делуваат.
4. Подигнете парламентарна истрага преку анкетната комисија, со цел да се откријат сите слабости во системот и да се запре корупцијата која ја прави Македонија небезбедна.
5. Предложете итни измени во законската регулатива за угостителски објекти, со цел создавање на јасни безбедносни стандарди и зајакнување на контролата на инспекциските органи.
6. Доколку се утврди дека постоела масовна повреда на човековите права, поведете постапка за утврдување на одговорноста на сите лица одговорни за трагедијата.
7. И најважно, Ве замолуваме секое Ваше делување да биде водено од чувството на граѓанин на Македонија, човечност, емпатија и пред сè родителска грижа и љубов – за мир и спокој на нашите Анѓели, и за подобра, посветла и безбедна иднина за сите граѓани.
Почитувани,
Ја користиме оваа прилика да укажеме и на чувството на дискриминација и ускратување на основните човекови права со кои се соочивме по трагедијата. Наместо институционална иницијатива и целосна поддршка од надлежните органи, ние бевме приморани сами да бараме помош и да иницираме комуникација со институциите. Наместо очекувана проактивност, се соочивме со молк и јасно изразени двојни стандарди.
До овој момент, ниту Владата, ниту премиерот не дадоа одговор на нашето барање за институционална и еднократна финансиска помош. Единствениот допис што го добивме е од 10.10.2025 година, во кој беше наведено дека „веднаш по завршувањето на изборниот процес, Вашето барање ќе биде разгледано со највисок приоритет и во разумен рок ќе биде даден соодветен одговор“.
Од тогаш, повеќе од еден месец помина од изборниот процес, а нашето барање сè уште не е закажано за разгледување, ниту е дадена нова информација за процесот. Овој молк остава впечаток дека темата за Кочани не се третира со очекуваната итност.
Овој однос е особено болен и дискриминирачки кога се спореди со реакциите по претходни трагедии каде институциите делуваа брзо, координирано и со видлива грижа кон семејствата. Како пример: трагедиите Модуларната болница – Тетово, Беса Транс, Ласкарци.
Со ова образложение сакваме да укажеме на значајните разлики во институционалниот третман на семејствата на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ – Кочани од 16 март 2025 година, во споредба со постапувањето на државните органи по пожарот во модуларната болница во Тетово од 8 септември 2021 година.
Двете трагедии, иако настанати во различни околности, се споредливи и во поглед на последиците врз човечките животи, и во поглед на потенцијалната институционална одговорност, како и во очекуваниот обем на државна реакција и поддршка кон погодените семејства.
По трагедијата во Тетово, Владата постапи во исклучително краток рок: на 9 септември 2021 година отвори итна расправа, овозможи координирана логистичка и психолошка поддршка за семејствата, организира државна комеморација и донесе две одлуки за финансиска компензација – најпрво еднократна помош во износ од 1.000.000 денари, а потоа и дополнителна поддршка во висина од 30.000 евра. Со тоа, државата демонстрираше признавање на тежината на настанот и проактивно исполнување на својата обврска за хуман, правичен и навремен однос кон оштетените граѓани.
Наспроти тоа, во случајот со трагедијата во Кочани, и покрај тоа што животите ги загубија 63 млади лица, а над 200 граѓани беа повредени, не беше воспоставена ниту една иницијатива од страна на Владата која би обезбедила институционална, финансиска или психосоцијална поддршка за семејствата. Единствената активност поврзана со државните органи е двапати одбиениот предлог закон поднесен од СДСМ, без понатамошна алтернатива или независно предложени мерки од страна на извршната власт.
И покрај тоа што Здружението „16-ти Март 2025 Кочани“ на 1 јули 2025 година достави официјално барање до Владата, и по речиси девет месеци од настанот не е донесена никаква одлука. Во меѓувреме, не беше воспоставен ниту механизам за институционална поддршка, ниту пат за комуникација со оштетените семејства. Еднодушно, единствената комеморативна активност беше локален настан, организиран четири месеци по трагедијата од страна на Општина Кочани и Црвениот крст, без учество, присуство или поддршка од државно ниво.
Во таа насока, сметаме неопходно да биде нагласено следното:
И покрај нашите напори и трпеливо очекување, семејствата на загинатите во Кочани беа оставени сами да се справуваат со последиците од трагедијата. Наместо институционално раководена поддршка, ние бевме принудени самостојно да ги бараме своите основни права и да ги покренуваме сите неопходни постапки.
• Не беше организирана државна или институционална комеморација која би ја одразила сериозноста на трагедијата и почитта кон нашите деца.
• Ниту еден државен претставник не изрази почит со лично присуство во деновите на најголема болка.
• Не беше обезбедена институционална поддршка – ниту психолошка, ниту логистичка, ниту правна. Дополнително, токму во периодот кога семејствата се соочуваа со најголема човечка загуба и неизвесност, Собранието беше распуштено и отпочна двонеделен одмор. Овој факт остави впечаток дека трагедијата во Кочани може да биде ставена во втор план и дека загубените животи не биле вреднувани со истата сериозност и внимателност како во други трагедии. Таквиот сигнал длабоко ја наруши довербата во институциите и го продлабочи чувството на неправедно и нееднакво третирање.
Овие факти укажуваат на суштинска разлика во третманот на две групи граѓани кои се наоѓаат во правно споредлива, исклучително тешка и чувствителна ситуација. Согласно уставните начела, посебно член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, кој гарантира еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и забрана за било каква форма на нееднакво постапување, како и согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, институциите имаат обврска да постапуваат правично и непречено кон секоја група оштетени лица, независно од местото, околностите или јавниот интерес што ги окружува настаните.
Нееднаквата динамика, обем и суштина на институционалната реакција кон семејствата од трагедијата во Кочани создава оправдан впечаток за селективен третман, што во себе содржи елементи на потенцијална дискриминација и повреда на основните човекови права, вклучително правото на достоинствен третман, правото на навремена институционална заштита и правото на еднаков пристап до државни механизми на поддршка во ситуации на криза. Различниот степен на ангажман на државните органи не може да се оправда ниту со временските услови, ниту со природата на настанот, со оглед дека во двата случаи станува збор за трагедии што предизвикуваат масовни човечки загуби и кои бараат итен и солидарен одговор од институциите.
Врз основа на наведеното, сметаме дека е неопходно Владата да ја исправи оваа очигледна диспропорција во третманот, преку донесување соодветни одлуки и воспоставување јасен, координиран и функционален механизам на институционална и финансиска поддршка за семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани. Таквото постапување е не само прашање на
хуманост и морална одговорност, туку и прашање на уставно загарантирана еднаквост, правичност и владеење на правото.
Нашите барања се:
1. Итна и целосна институционална поддршка за сите семејства на починатите во пожарот во Пулс – Кочани;
2. Јасен и официјален одговор за причините за продолженото доцнење и целосната неактивност на институциите;
3. Утврдување конкретни рокови за завршување на сите постапки поврзани со поддршката;
4. Разгледување на сите преостанати точки од веќе поднесеното барање. Владата има законска, морална и човечка обврска да постапи јасно, праведно и одговорно. Да покаже грижа, солидарност и чувствителност кон семејствата кои претрпеа ненадоместлива загуба.
Нашите деца го заслужуваат тоа. Нашата болка го заслужува тоа.
За нашите деца – Вистинска правда!
За вашите деца – безбедност!
За сите нас – иднина!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Родителите очи во очи се соочија…
Почитуван Претседателе Почитувани претседавачи, Почитувани членови на…
(Видео) Не помина глумата: Родителите од Кочани…
Не помина глумата на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ…
Поскапувањата продолжуваат: Трошоците на живот зголемени за…
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека…
Српската полиција уапси локален нарко-бос со компанија…
Во меѓународна полициска операција се уапсени четворица…
Покрената е петиција против прифаќање на мигранти…
Од пред два дена се потпишува петиција…