Вие собирајте пари за зејтин: ДУИ со големи прослави со Скопје и Тетово ќе слави 20 години власт во Македонија
Лидерот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами ја повика ДУИ да ја откаже прославата по повод 20-годишнината на партијата во Тетово за да ја почитува болката низ која поминува Тетово, по големиот пожар кој избувна вчера во поранешната фабрика „Македонија Табак“, но и силното невреме во кое поплавени повеќе улици и подруми од куќи.
„Слободен печат“ од партиски извори во ДУИ дознава дека најавените прослави нема да се откажат, а ДУИ и нејзните функционери, како што вели нашиот извор, целосно како и досега се посветени на ситуацијата за да им излезат во пресрет на настраданите тетовци од поплавите и санација на штетите од пожарот.
Пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, прославата на 20-годишнината од формирањето на ДУИ ja нарече лажна прослава. Тој вели дека ДУИ пред 20 години се појавила на политичката сцена како голема надеж за Албанците во Македонија, но според него, две децении подоцна оваа партија ја уништила надежта кај граѓаните.
– ДУИ нема друг избор освен да слави лажно. ДУИ со години прави помпезни прослави за Охридскиот договор, но знаеме дека точките од Охридскиот договор се уште не се реализирани, изјави Снопче за Слободен печат.
Политикологот Благојче Атанасоски смета дека ДУИ, која од воената ОВК прерасна во политичка партија, веднаш после конфликтот од 2001-вата, со мал исклучок е перманентно владејачка партија, било со левицата (СДСМ), било со десницата (ВМРО-ДПМНЕ). Според него, едноставно интегративците се наметнаа како незаобиколен политички фактор за конституирање на секоја извршна власт, наметнувајќи го принципот „победник со победник”, како сигурна варијанта да бидат вечно владејачка гарнитура.
– Тоа „вечно” владеење им овозможи нивно инсталирање во сите општествено-политички сфери од институциите на системот, до медиумите, судско-обвинителскиот систем, бизнис секторот. И покрај тоа што се збори дека е најкорумпирана партија, ниеден ефективен случај на процесуирање на функционер на ДУИ немаме во овие две децении. ДУИ сака да се „кити” со успесите од унапредување на правата на етничките Албанци, во јазичната/националната/културната сфера, крадејќи го ПР моментот дека тие се единствените заслужни, а не дека тоа е законска обврска произлезена од Охридскиот Рамковен договор. Сметам дека и во наредните години, ако не и децении, оваа партија ќе се перпетуира и одржува на власт, не толку поради нејзината популарност кај албанското гласачко тело, туку поради совршениот механизам на клиентилистичко/непотистичко/коруптивно обезбедување на гласовите, а со тоа и сите изборни победи и дополнително со разединетоста на опозицијата во т.н. албански политички блок, изјави Атанасоски за „Слободен печат”.
Поранешниот претседател и пратеник на Партијата за демократски просперитет – ППД, Абдулади Вејсели вели дека со оглед на тоа што ДУИ секогаш победувала на изборите, тогаш секако дека била на добар пат и ја имала поддршката на Албанците.
– Демократската унија за интеграција даде политички резултати во нашата земја, секако унапредувајќи ги прашањата и промовирајќи ги и одобрувајќи ги сите барања што ги имаа Албанците во Република Северна Македонија, во сите области од животот. Бидејќи ДУИ отсекогаш победувала на изборите, тогаш секако дека била на добар пат и ја имала поддршката од албанскиот народ. Мислам дека доколку ја следи програмата и платформата што ја напиша, сигурно ќе продолжи да има дополнителна поддршка од Албанците во Република Македонија, вели Вејсели.
Поранешниот пратеник Зуди Џелили вели дека во 2002 година на политичката сцена во Северна Македонија, покрај тогашните две-три политички партии на Албанците, како нова политичка партија се појави и ДУИ, која најави дека во соработка со другите албански партии ќе се грижи за демократизација, развој на државата и особено за унапредување на правата на Албанците. Џелили нагласува дека на почетокот на нивното делување во ДУИ особен акцент имал Охридскиот договор и оваа тема се користела долги години како приоритет.
– Овој договор како таков помина низ фази повеќе како наметнување на времето отколку желба на политичките фактори да го почитуваат. Освен новата територијална поделба, поедноставената, децентрализација на власта, речиси ништо друго не се издвојуваше како некој посебен успех. Дваесетгодишното учество во власта може да се опише како вежбање моќ и заземање на различни позиции во хиерархијата, што на прв поглед изгледа дека има еднаквост во поделбата на власта, но во суштина оваа поделба на функции само ги зајакна позициите на владејачките политички партии. Вработување партиски милитанти, споделување привилегии во тесни кругови наместо подобрување на животот на граѓаните. Назначените им служеа на соодветните партии, а не на реформите во државата. Невработеноста, масовниот егзодус на младите, бројните политички и економски кризи ја направија земјата едно од најлошите места за живеење, вели Џелили во изјава за Слободен печат.
Прославата за 20-годишнината на ДУИ, ќе се одржи на 3 и 4 јуни во Скопје и Тетово. На двете најавени прослави и концерти ќе настапуваат звучни естрадни имиња од Македонија и Косово. Покрај забавниот дел, 20-годишнината на ДУИ ќе се одбележи и со други манифестации на кои се очекува да присуствуваат видни личности од земјата и регионот. Партиски извори велат дека прославите на ДУИ се финансираат од партиски средства и спонзорства. Според проценките, концертите ќе ја чинат ДУИ од 70 со 80 илјади евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДУИ му одговори на Мицкоски: Ние сме…
„ДУИ како државотворна партија е гарант за…
ДУИ за кривичната пријава против Бектеши: Го…
Откако поранешниот министер за економија Крешник Бектеши…
ДУИ предупредува: Се руши демократскиот поредок на…
По сериозните закани и насилни пораки упатени…
ДУИ КОНТРА ВЛЕН ЗА „АЛБАНСКА АКАДЕМИЈА“: Квази…
И ова се случи, во екот на…
Гаши најостро ги осудува заканите кон пратениците…
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, извести дека…