Виртуелен состанок на Бајден и западните сојузници: Повикаа на почитување на меѓународното право и дипломатска акција за решение
Американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на највлијателните западни сили ја повторија својата поддршка за Израел во војната со Хамас, а во исто време повикаа на почитување на меѓународното хуманитарно право, соопшти Белата куќа.
Бајден вчера разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот премиер Риши Сунак, канадскиот премиер Џастин Трудо и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
„Лидерите ја повторија својата поддршка за Израел и неговото право да се брани од тероризмот и повикаа на почитување на меѓународното хуманитарно право, особено на заштита на цивилите“, соопшти Белата куќа.
Како што е наведено, лидерите разговарале за судбината на нивните граѓани заробени во војната, особено на оние кои сакаат да го напуштат Појасот Газа.
Борбите се водат во Појасот Газа, палестинска енклава каде што десетици луѓе загинаа во новите израелски воздушни напади, а хуманитарната ситуација се влошува.
По минувањето на 20 камиони со хуманитарна помош во саботата, втор конвој пристигна вчера во Газа, која се соочува со голем недостиг од вода, храна и медицински материјали.
Според соопштението од Белата куќа, западните лидери ветиле дека ќе ги координираат напорите за да обезбедат постојан и безбеден пристап до храна, вода, медицинска нега и каква било друга помош неопходна за одговор на хуманитарните потреби на жителите на Газа.
Тие ветија и дипломатска акција за „спречување на ширење на конфликтот, зачувување на стабилноста на Блискиот исток и работа кон политичко решение и траен мир“.
Бајден го свика виртуелниот состанок на кој беа вклучени лидерите на петте сојузнички земји по разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при што двајцата лидери се согласија да има непрекинат проток на хуманитарна помош во Појасот Газа.
На 7 октомври Хамас започна напад врз Израел во кој според израелските власти загинаа најмалку 1.400 луѓе, главно цивили. Повеќе од 200 луѓе беа земени како заложници во, како што се проценува, најголемиот вооружен напад во историјата на Израел. Израел возврати со бомбардирање на Појасот Газа, при што загинаа повеќе од 4.600 Палестинци, главно цивили, според Министерството за здравство на Газа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израел призна дека го убил лидерот на…
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, во…
Нетанјаху: Израел го штити светот од Хутите
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска по интензивните…
Можен прекин на огнот меѓу Израел и…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска отпатува во…
„Животот ќе ви стане пекол“: Трамп со…
„Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и постави…
Унгарскиот кредит и Декларацијата за признавање на…
Собранието денеска ќе одржи три последователни седници.…