ВИСАТ ВО ВОЗДУХ НОВИТЕ АРМИСКИ ХЕЛИКОПТЕРИ ОД 249 МИЛИОНИ ЕВРА: Славјанка го потпишала договорот за набавка, ама заборавила да го завери?

t

Техничкиот аранжман за набавка на 8 армиски хеликоптери, потпишан помеѓу Македонија и Италија, воопшто не е заверен во Министерството за одбрана, откри министерот за одбрана Владо Мисајловски, потенцирајќи дека се работи за договор во вредност од 249 милиони евра кој е потпишан со италијанската компанија „Леонардо“.

– Деталните проверки покажаа дека техничкиот аранжман, кој е клучен документ за набавката на хеликоптерите, не бил заверен во нашето Министерство. Ова претставува сериозен пропуст, и веќе започнавме истрага за да утврдиме како дошло до ваква ситуација – изјави Мисајловски.

Документот, кој е основа за модернизација на Армијата и исполнување на НАТО стандардите, бил потпишан од поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и од нејзиниот италијански колега, но неговата неподготвеност за административна примена може да го одложи целиот процес.

Мисајловски увери дека процесот нема да биде запрен, нагласувајќи дека Министерството прави напори да ги исправи недостатоците.

– Во делот на модернизација на Армијата спаѓа и набавката на 8 нови хеликоптери од Италија и тоа најголемиот договор што го имаме досега потпишано, бидејќи се работи за сума од 249 милиони евра. Но, многу сме внимателни со овој договор. Ги разгледуваме сите детали. Се обидуваме секој документ стручно да го разгледаме, но за жал, техничкиот аранжман што беше потпишан од министрите, не е заведен во Министерството. И тоа е проблем за којшто мора да најдеме начин како правно да го решиме. Зборуваме за огромен договор и зборуваме за домаќинско работење, бидејќи само така јас ќе работам – изјави Мисајловски.

Тој рече дека многу постапки биле избрзано и брзоплето направени.

– Во процес на избори се правеле пренамени, се туркале многу работи само за да се склучи овој договор. Авансот бил исплатен веднаш пред изборите. Им се брзало. Исплатени се 39 милиони евра и толку. Потоа не била преземена никаква активност, туку само се чекало да се плати авансот. Па сега, согласно договорот, во јануари треба да исплатиме уште 35 милиони евра, но за да ги исплатиме тие средства и за да почнеме со постапките, мораме правилно и правно да му пристапиме на процесот – изјави Мисајловски.

Овој пропуст, кој ги истакнува административните предизвици во спроведувањето крупни проекти, ќе биде предмет на темелна истрага. Мисајловски порача дека ќе се утврди дали станува збор за ненамерна грешка или за сериозен административен пропуст, со јасна порака дека одговорноста нема да изостане.

Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска не одговараше на нашите телефонски повици, но вчера кратко искоментира дека не е направен никаков пропуст.

– Верувам дека тимот и комисијата за набавки, која е независна од министерот, постапила согласно законските прописи и процедури и дека апсолутно, договорот што е склучен и сите останати документи се правно валидни и се обврзувачки. Не го гледам како проблем тоа што договорот не е заверен, доколку сепак такво нешто е констатирано. Тоа е макотрпен процес, три години спроведуван од експерти во Министерството и во Армијата – изјави Петровска за Гласот на Америка.

Според договорот, ќе бидат набавени 4 хеликоптери од типот AW149 и уште 4 од типот AW169M.

Производител е италијанската компанија „Леонардо“, а целата набавка ќе се изведува во периодот од 2026 до 2028 година. Договорот вклучува и техничка поддршка, обука за пилоти, како и изградба на хангар за хеликоптерите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ХРВАТСКА САКА ДА ГО СРУШИ ВУЧИЌ ЗАТОА…

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, денеска…

ВИСАТ ВО ВОЗДУХ НОВИТЕ АРМИСКИ ХЕЛИКОПТЕРИ ОД…

Техничкиот аранжман за набавка на 8 армиски…

Двајца осудени за 27 април побарале помилување

Дел од обвинетите за организирањето на упадот…

Касами со албанско знаме го пречека таткото…

Градоначалникот на Тетово Билал Касами Денес во…

Спасовски за говорот на претседателката Сиљановска-Давкова: „Не…

Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за…