Објавено на:

Виткоф кај Путин, Зеленски гледа најголема шанса за завршување на војната досега

t

Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборува пред новинарите за време на посетата на Даблин на 2 декември.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборува пред новинарите за време на посетата на Даблин на 2 декември.

Претседателот, Володимир Зеленски изјави дека постои поголема шанса од кога било за постигнување договор за завршување на војната на Русија против Украина, откако специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД), Стив Виткоф, пристигна во Кремљ за разговори за американскиот предлог за мировен договор.

Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер допатуваа на 2 декември во Москва за да се сретнат со претседателот Владимир Путин и руските преговарачи, откако првичниот американски предлог од 28 точки, кој главно се сметаше за усогласен со руските цели на инвазијата на Украина беше „преработен“ на 19 точки по разговорите меѓу американската и украинската делегација минатата недела.

Сепак, неколку клучни прашања, вклучувајќи ја судбината на делови од Донбас, стремежите на Украина кон НАТО и можно ограничување на големината на украинските вооружени сили, остануваат нерешени.

„Сега повеќе од кога било постои шанса да се заврши оваа војна“, рече Зеленски на прес-конференција во Даблин по средбата со премиерот на Ирска, Михаел Мартин на 2 декември.

„Нашата заедничка задача е да ја завршиме војната, а не само да постигнеме пауза во непријателствата. Потребен е достоинствен мир. За тоа навистина да се случи, сите мора да бидат на страната на мирот.“

Виткоф на 2 декември влезе во комплексот на Кремљ во придружба на Кирил Дмитријев, специјален пратеник на Путин за инвестиции и економска соработка, кој ја води преговарачката делегација во име на Москва. Ова ќе биде шести состанок на Виткоф со Путин од јануари.

Украина отворено изрази загриженост дека Вашингтон и Москва би можеле да постигнат договор за завршување на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.

Трамп во кампањата за 2024 тврдеше дека може да ја реши војната за 24 часа, но постигнувањето договор за завршување на руската инвазија започната во февруари 2022 година се покажа како тежок предизвик.

Трамп повеќе пати ја изразуваше својата фрустрација кон двете страни, бидејќи преговорите со месеци стагнираа, сѐ додека во последните недели повторно не се интензивираа.

Москва повеќе пати истакна дека мора да го контролира целиот Донецк, еден од петте украински региони кои Путин без основа ги смета за руски. Предавањето на територијата која украинските сили ја бранеа со големи жртви би претставувало огромна отстапка за Киев и би можело да има политички последици за Зеленски.

Украина стравува дека некои од условите на предлогот би можеле да ја остават земјата ранлива на евентуална окупација од страна на Русија, иако Соединетите Американски Држави предложија и десетгодишна безбедносна гаранција за Киев.

Порано, на 2 декември, Русија тврдеше дека го зазела клучниот град Покровск во украинскиот Донбас, кој Киев со месеци се обидува да го задржи.

Источниот команден центар на украинската армија ја отфрли таа изјава во објава на социјалната мрежа Фејсбук, наведувајќи дека руските сили искористиле лоши временски услови за да постават свое знаме во еден дел од Покровск за пропагандни цели, обидувајќи се да докажат дека ја презеле контролата над целиот град.

„Потоа побегнале во брзање“, се додава во соопштението.

Путин изјави дека е подготвен да разговара за мир, но дека, ако Украина го одбие договорот, руските сили ќе напредуваат понатаму и ќе заземат уште украински територии.

Некои од претходните активности на Виткоф предизвикаа загриженост меѓу набљудувачите, кои се плашат дека тој е подложен на манипулација или дека не ја разбира длабоко вкоренетата историска сложеност на војната.

Виткоф за разговорите со Путин и другите официјални лица се потпираше на преведувачи кои ги обезбеди Кремљ, наместо на преведувачи одобрени од американската амбасада.

По последниот состанок на Виткоф со Путин во август, американските и европските официјални лица рекле дека пратеникот погрешно ги интерпретирал географските позиции на украинските региони на кои Путин тврди дека има право.

Неколку медиуми пренеле изјави на извори дека Виткоф и Кушнер би можеле да се сретнат со Зеленски по разговорите во Кремљ.

„Зеленски порачал дека очекува повратни информации од американскиот тим веднаш по московските преговори и дека останува подготвен да се сретне со Трамп, во зависност од исходот на разговорите на 2 декември.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Виткоф кај Путин, Зеленски гледа најголема шанса…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборува пред новинарите…

АМСМ: Повторно блокиран сообраќајот за сите видови…

Од 17:50 часот повторно е блокиран сообраќајот…

„Сејф сити“ се одложува за еден месец,…

Казните од „Сејф сити“ наместо од први…

110 илјади прекршоци за еден ден, најголемиот…

Толеранција нема да има за никого, но…

Руте: Нема консензус за членство на Украина…

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави…