Вицепремиерката призна: Балансерот се злоупотребува, треба да се најде друг модул
„Во еден период, особено по Охридскиот рамковен договор, балансерот, односно принципот на соодветна и правична застапеност одигра важна улога и на многумина им даде шанса да бидат вработени во јавната администрација. Меѓутоа, како поминува времето, како се зголемуваат злоупотребите на балансерот, очигледно е дека тој веќе ја има завршено својата улога. Сметам дека треба да се најде модул којшто повеќе одговара на сегашните околности“, нагласи вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во синоќешната емисија „360 степени“ на ТВ Алсат.
Според Грковска, Македонија во моментот е во фаза во која е потребен многу поголем квалитет и професионализам кај јавната администрација.
„Го почнуваме процесот за преговори со Европската Унија, скринингот ќе ги покаже сите слабости и ние едноставно ќе мора да преземаме мерки што ќе бидат болни за општеството, поради тоа што скринингот ќе биде брутално реален. Никој нас нема да не штеди во овој процес“, оцени Грковска.