Владата бара смена на директорот на АД “Водостопанство” Локман Љимани
Финансиската криза што удри по акционерското друштво за наводнување во државна сопственост „Водостопанство“ ја принуди Владата на вчерашната седница да побара разрешување на директорот Локман Љимани.
Беше донесен заклучок со задолжување Управниот одбор да го раскине менаџерскиот договор со директорот и во иднина сите нови договори да се склучуваат со претходна согласност со Министерството за финансии, иформираат од Владата.
Владата упатила барање за ревидирање на платите во ова претпријатие, да се зголемат приходите за 10 отсто и да се намалат трошоците за 20 проценти, како иадоместоците за членовите на Управниот одбор во наредните 12 месеци да се намалат за 50 проценти.
„Во насока на намалување на расходите, Владата го задолжи АД „Водостопанство“ да ги намали капиталните инвестиции во износ од 100 милиони денари со што се намалува финансискиот план за износот кој што е предложен од нивна страна“, соопштија од Владата.
Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопшти дека планира да пријави предстечајна постапка во „Водостопанство“, затоа што вработените ги немаат добиено последните четири плати.