Владата за прашањето на Мицкоски до родителите на починатите: Цитирањето на изјавата на премиерот „колку чинат вашите деца“ било злонамерно и имало за цел злоупотреба на трагедијата
„Одредете си цена за вашите деца“ – родителите на загинатите деца во Кочани, тврдат дека премиерот Мицкоски, токму со оваа реченица им се обратил на средбата која ја имале со него на 7 јули во Владата. Како што наведуваат и објавуваат на Фејсбук од Здружението на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани, родителите биле видно вознемирени од односот и содржината на состанокот и обвинуваат дека биле понижени. Во Владата пак, денеска излегоа со соопштение во кое ги демантираат ваквите наводи.
„Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца. Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат“, наведено е во објавата на Фејсбук од Здружението на граѓани.
По ова, Владата преку соопштение негира дека премиерот така се изразил пред родителите на средбата.
„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења. Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство“, наведено е во владиното соопштение.
Премиерот за време на средбата, како што се додава, изразил сочувство со сите присутни поединечно.
„Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно. Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа. Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици“, пишува во соопштението.
Инаку, на средбата со премиерот Мицкоски претходело писмено барање, кое родителите го доставиле во Владата, во кое навеле дека бараат еднократна парична помош за секое погодено семејство, предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите во трагедијата, право на отсуство или заштита на работното место по трагична загуба, поддршка и заштита на децата кои иззгубија родител, како и поддршка и заптита на браќата и на сестрите на починатите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата за прашањето на Мицкоски до родителите…
„Одредете си цена за вашите деца“ –…
Ревизор од ДЗР обвинет дека полагал тест…
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран…
Заигра мечката: Македонскиот извоз во Германија изгуби…
Македонскиот извоз во Германија во првите пет…
Првата Антикорупционерка обвинета за корупција: Давала службени…
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран…
Премиере Мицкоски, која е цената којашто граѓаните…
Левица со најостра осуда реагира на однесувањето…