Владата ја цементира неказнивоста за корупција

t

Додека граѓаните сè погласно бараат правда, одговорност и владеење на правото, владејачкото мнозинство повторно нуди амнестија. Предложените измени на Кривичниот законик, иако формално претставени како „преодно решение“ и усогласување со одлука на Уставниот суд, во суштина отвораат нов, уште поширок простор за системска неказнивост на корупцијата.

Предупредувањата доаѓаат од самото јадро на правосудниот и експертскиот систем. Обвинителката Ленче Ристоска јасно посочи дека со предложените измени се амнестираат министри, директори, полицајци и други службени лица, особено преку бришењето на одговорноста за несовесно работење во службата (член 353-в). Законодавецот нуди селективно санкционирање, претежно ограничено на јавните набавки, со што сите други, подеднакво штетни злоупотреби, практично се легализираат.

Уште поалармантно е стеснувањето на поимот „корист“ кај злоупотребата на службената положба (член 353) само на имотна корист. Корупцијата меѓутоа не се сведува само на пари. Влијанието, фаворизирањето, политичката услуга и условувањето се клучни механизми на современата корупција, а токму тие со новите измени се амнестираат од кривичната одговорност. Резултатот е јасен ќе има помали казни, пократки рокови на застарување и уште помалку шанси сложените корупциски предмети некогаш да стигнат до судска разрешница.

Платформата за борба против корупцијата предупредува дека новите решенија за проширена конфискација се опасен чекор кон конфискација без утврдена кривична одговорност, што ја нарушува презумпцијата на невиност, правото на сопственост и правната сигурност. Ова ќе отвори простор за политички прогон без соодветна правна судска постапка. Власта експериментира со нови концепти без јавна и стручна расправа, повторувајќи ги грешките кои се веќе видени досега.

Евроамбасадорот Михалис Рокас дипломатски, но јасно потсети дека во општеството не постои граѓанин што бара неказнивност. Граѓаните бараат ред и правда. Сепак, две години по „катастрофалната грешка“ со законот од 2023, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ не покажаа вистинска политичка волја да ја вратат казнивоста за корупцијата.

Уставниот суд се најде во незавидна позиција, помеѓу јасно детектирана неуставност од една страна и воздржаност од друга, со кое однесување според дел од експертите, се турка Судот во „сива зона“. Наместо јасно враќање на старите одредби, одолговлекувањето на соодветни измени оди во прилог токму на оние кои најмногу профитираат од правниот вакум.

Под изговор на усогласување и преодни решенија, власта повторно го менува Кривичниот законик на начин што ги штити моќниците и корумпираните, а ги разочарува граѓаните. Наместо вистинска борба против корупцијата, добиваме нова форма на амнестија и удар врз правдата, довербата во институциите и демократијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата ја цементира неказнивоста за корупција

Додека граѓаните сè погласно бараат правда, одговорност…

„Зимзоленд“ вечерва не работи, попладнето го посетиле…

Засега нема официјално известување од надлежните институции…

Воздухот во Скопје е повторно екстремно загаден

Скопје и денеска, 23 декември, влегува во…

Удар врз стандардот на граѓаните со поскапување…

Додека граѓаните ја започнуваат Новата година со…

Жители на Серава немаат струја и ја…

Жители на населбата Серава во Чаир веќе…